Бегалска криза, терор, слаб пораст – на светскиот економски форум во Давос европски врвни политичари дискутираа за големиот број проблеми во Европа и исцртаа мрачна слика.
Сликата што францускиот премиер Мануел Валс ја прикажа на светскиот економски форум во Давос е мрачна: „Европскиот проект наскоро може да биде мртов“, изјави Валс, додавајќи: „Не за неколку децении или години, туку наскоро.“
Од одлучувачко значење е Европа да најде заеднички пат за излегување на крај со безбедносните проблеми предизвикани од тероризмот. А, само заеднички може да се реши и бегалската проблематика. Едностраната најава на Австрија за затворање на границите, меѓутоа, уште еднаш јасно покажува колку се неединствени Европејците во моментов.
Притоа, времето притиска, рече холандскиот премиер Марк Руте. „Имаме само уште шест до осум недели за да го ставиме доселувањето под контрола“, изјави Руте.
Во јануари минатата година во Европа стигнале 1.600 бегалци, а во првите три недели од годинава дури 35.000, потенцираше Руте. „Кога ќе дојде пролет, бројот на бегалци драстично ќе се зголеми, а тоа едноставно не можеме да го поднесеме.“
Маршалов план за Блиски Исток
Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле предлага инвестиции тешки милијарди евра, и тоа во регионите од кои доаѓаат бегалците. Тоа би можело да придонесе „за намалување на притисокот на европските надворешни граници на начин кој од Европа нема да направи тврдина“. Тоа, имено, би било срам за Европа, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас.
На и онака финансиски оптоварените Европејци со тоа им се зголемуваат трошоците. „Тоа ќе чини многу повеќе отколку што досега си мислевме“, рече Шојбле. „Досега мислевме дека проблемите на Блискиот и Средниот Исток и во Африка всушност не се наш проблем. Меѓутоа, сега доаѓаме до заклучок дека тоа е наш проблем. Тоа е наш европски проблем.“
Сепак, Шојбле не смета дека тоа е можност за напуштање на курсот на штедење и реформи, кој тој го застапува со години. „Загрижен сум што сите ние во Европа го потценуваме предизвикот од темпото на глобалниот развој.“
Повеќе реформи, поголема конкуренција
И холандскиот премиер Руте бара натамошни реформи за да се остане конкурентен. Две третини од европската економија сѐ уште не се либерализирани, изјави тој. Во дигиталната економија, енергетскиот сектор, јавните услуги, заштитените професии и пазарот на капитал сѐ уште има многу ограничувања. Ако тие се отстранат и навистина се создаде единствен европски пазар, економското постигнување на Европа би се зголемило за 1,25 билиони евра, што е отприлика двојно повеќе од брутодомашниот производ на Холандија.
Тоа беше вовед за британскиот премиер Дејвид Камерон во Давос уште еднаш да нагласи колку се неопходни реформи. „Каскаме зад САД во однос на технологијата и продуктивноста. Треба да ја зголемиме конкурентноста на нашите претпријатија, а не да ја намалиме.“
Камерон изјави дека се надева на постигнување согласност околу реформите до наредниот самит на ЕУ во февруари. Ако тогаш „на маса има добар ‘дил’, ќе го прифатам“, рече тој. И само тогаш со сета сила ќе се бори за останување на Велика Британија во ЕУ.
Извор: dw.com