По изброт за идол на М2 името на Игор Узунов, стана преку ноќ познато на македонската музичка сцена. Големиот хит, кој е веќе евергрин „Ми требаш како молитва“, од авторите Дарко Димитров – Огнен Неделковски, беше неговото вивнување кон ѕвездите.
Она што следуваше потоа беа синглови, настапи на странски фестивали, а од сите македонски фестивали, засега има само еден фестивалски настап, и тоа на на „Охрид фест 2009“.
Зошто го одбравте „Охрид фест“ за свој следен фестивалски настап, своевремено?
Игор: Настапот на поп вечерта на „Охрид фест 2009“ дојде како една од обврските по потпишувањето на договорот со тогашната продукција „ТуХартс“, во чија агенда беа настапи на ексклузивците од истата. За мене одлично искуство, неповторлива авантура, и, нормално чест.
Се сеќавате на впечатоците, како помина вашето гостување таму?
Игор: Се се случуваше како на филм од недефиниран жанр. Иако имав големи очекувања и одлична песна, „Огнови во нас“, која несомнено помина незабележително поради одредени „х фактори“, можеше да биде евергрин со оглед на одлично сработената работа од авторите Бојан Ѓошевски, Огнен Неделковски и Бертан Аслани. И, покрај тоа што на сцена настапив 10 минути по примање на инфузија за болки предизвикани од песок во бубрегот, мислам дека моето претставување беше крајно професионално но, реков некои работи беа како на замрзната филмска лента и одеднаш искрснаа некои недоразбирања, па на крај завршив со „0 поени“. Нејсе, имам хит!
На „Охрид фест“ за прв пат се појавувате и како фестивалски текстописец , неколку години подоцна и како композитор. Како се роди таа идеја?
Игор: Истата година, 2009, „Охрид фест“ се појавив како текстописец на песната „Нешто повеќе“ што ја изведе Елена Петреска, и освои неколку награди. Во 2016 година за прв пат ја компонирав песната „Срце во илјада бои“ со која настапи Зоран Далчески, на аранжман на Димче Китрозоски. Инаку, зад таа композиција како конекција за мое претставување како композитор стои новинарката која го напиша и текстот за истата, Валентина Парго (потписничката на ова интервју н.з).
Домашните фестивали „Макфест“, „Скопски фестивал“, „Еврофест“ досега не ги ставивте на својата листа. Но затоа пак учествувавте и победивте на неколку престижни европски фестивали.
-На „Макфест“ конкурирав неколку пати како автор и имам свое учество како автор на музика, но, поради не знам кои причини последниве години и покрај одлични песни пријавени на конкурс бев одбиван за да настапам и како изведувач. Инаку песните беа на еден од најдобрите наши композитори Бертан Аслани кој моментално работи и прави песни за најголемите турски изведувачи, одбиен од „Скопски“, од „Макфест“. А, да сепак моја лична сатисфакција се настапите на поголеми европски фестивали „Голден мелоди 2011“- Аја Напа Кипар, „Passport to the World 2012“- Кипар, „Пироговски расвет 2013“ – Москва, од каде носам најубави спомени и по некоја награда.
Скромен сте околу наградите, особено што на “Passport to the World” бевте петкратен победник со песната „Постојам“, на Бертан Арслани, а на Ваши стихови. Кои се следните планови- албум, концерт, настап на јубилејниот 25 Охрид фест годинава, или продолжување на кариерата во странство, под новото уметничко име Дејвид Пол?
-Издавањето на песни за странскиот пазар секако дека е голема сатисфакција за секого па и за мене. Таму секако продолжувам. Но, најголема сатисфакција за мене ќе биде кога конечно ќе сe тргнат „темните облаци“ над мене и ќе се докажам пред моите сограѓани. Околу албум – повеќе композиции се готови, во меѓувреме имам соработка како автор, текстописец, композитор, аранжман, со неколку наши познати музички имиња. И, се разбира, доколку ме поканат на „Охрид фест“ секако дека би прифатил со задоволство. Можеби ќе се има шанса да се поправат некои грешки од минатото. Се тече, се се менува, а и лошите моменти заслужуваат да се поправат, на најпријателски и професионален начин.
Дали Евровизијата Ви е предизвик, што подготвувате на тој план?
-Евровизија е мојата желба. И, ќе биде мое остварување. Само трпение. Другото што си оди во пакет е спремно за кога – тогаш.
Валентина Ѓоргиевска Парго