Капиталното дело Православна енциклопедија, што го издава Руската православна црква и во која се употребува името Македонска православна црква, ќе биде промовирано денес во Охрид во присуство на македонскиот архиепископ г.г. Стефан.
На настанот, кој го организираат Амбасадата на Русија во Македонија и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, ќе учествуваат уште и специјалниот пратеник на претседателот на Руската Федерација за меѓународна културна соработка, г. Михаил Швидкој, рускиот амбасадор Олег Шчербак, ректорот д-р проф. Велимир Стојковски, како и заменик-министер за култура Драган Недељковиќ.
Поканата за претставување на најголемото енциклопедиско дело за православие не е испратена и до водачот на Православната охридска архиепископија, Јован Вранишкоски, кој постојано тврди дека таа како дел од Српската православна црква е единствено канонски призната црква од Руската и од другите православни цркви.
– Од наша страна тие не се поканети. Но, настанот е од јавен карактер и влезот е слободен – ни изјавија вчера во руската амбасада во Скопје.
Ова е уште една свеченост во која како организатор се јавува руската амбасада во Скопје и на која е поканет архиепископот Стефан, но не и претставници на ПОА. Руските државни и црковни власти во голема мера се координираат кога се во прашање настапи кои се однесуваат на свечености и имиња на гостите што се покануваат на нив. Настанот се случува во периодот на обновувањето на македонско-српските црковни преговори, а во кои како посредници треба да се појават претставници на Московската патријаршија.
Ова црква, познато е, беше домаќин на Јован Вранишкоски по неговото ослободување од издржувањето на затворската казна во нашата земја.
По промоцијата на Енциклопедијата, што ќе се одржи во универзитетскиот Конгресен центар во Охрид, в четврток во црквата „Св. Софија“ во Охрид ќе се одржи и концерт на хорот на Подворје на Руската православна црква од Софија.
– Ова е, секако, значаен настан. Досега се објавени 39 тома од Енциклопедијата и стасано е до буквата „к“. Во објавените томови има повеќе одредници врзани за Македонија и Македонска православна црква. Јас, на пример, сум го пишувал тестот на одредницата за Дебарско-кичевската епархија и она што сум го напишал е и објавено, вклучувајќи и тоа дека таа е дел од епархиите на Македонска православна црква – ни изјави владиката Тимотеј.
Освен ова, во Православната енциклопедија има и текстови за Бигорскиот манастир, манастирот во Зрзе, за Американско-канадската епархија на МПЦ. Во сите тие се наведува дека тие се во состав на МПЦ, без да се потенцира тоа дека таа сж уште нема автокефален статус.
Кога ќе биде завршено ова капитално дело, треба да има шеесетина тома.
Откажување на СПЦ да ја признае автокефалноста
Во одредницата, пак, посветена на првиот македонски архиепископ Доситеј, се наведува дека тој беше архиепископ охридски и македонски, поглавар на Македонска православна црква, непризнаена од помесните православни цркви. Се наведува и тоа дека во 1959 година Соборот на архијереите на Српска православна црква ч ги признал на МПЦ самостојноста и правото да управува во согласност со сопствениот Устав, но со услов МПЦ да остане во канонско единство со СПЦ преку нејзиниот поглавар.
– По откажувањето на СПЦ да ч даде автокефалност, МПЦ во 1967 година прогласила возобновување на Охридската архиепископија во лицето на МЦЦ. СПЦ и другите месни православни цркви не го признаваат овој статус, а тоа доведе до изолација и престанок на дијалогот со православната заедница – пишува во руската Православна енциклопедија.
Бранко Ѓорѓевски Дневник.мк