Животот е како сон, драг Пријателе. Животот е краток, моментите поминати со Тебе се вечност.
Уметниците брзо согоруваат, а ти живееше за двајца, море за сите нас. Зборуваше тихо, секогаш со насмевка, а живееше така громко.Ти, со својот живот и дело, покажа и не учеше да не ја прифаќаме беспомошната покорност во провинцијата, дури и ако мораме да останеме апатрити во својата куќа. Од очите ти блескаше некаков мисионерски сјај, со чувство на интензивно живеење, кога телото и духот се во фузија. Ентузијазмот, кај Тебе се преливаше.
Не учешедека е непотребно да се очајува предвреме, Ти беше нашиот глас на разумот. Од Тебе допираше благ мирис на зрелост, не хранеше и буквално и метафорично со леб и надеж – и во твоето Мариовои во мојата Дебрца. И во твоето Будимирци и во мојата Црвена Вода.
Секогаш верен на својата интуиција.
Од Тебе, драг Пријателе, научив многу. Довербата не се дели на дози – таа се подарува и се заслужува, еднаш за секогаш. Ти возвраќав, колку што можев, во јавната медиска афирмација на твојето творештово, манифестациите кои ги создаваше, им вдахнуваше долг живот.
И кога ние заминуваме, тие остануваат и после нас.
Твојата виталност, за нас беше заразна. Ти не го живееше својот живот,Ти гореше од живот. Со нежност исткаена од љубов и благодарност. Вечна ќе ти биде и нашата благодарност.
Твој беше поттикот и твоја беше почетната поддршка, за нашата новонастаната манифестација – Балканскиот поетски камп за деца и млади: “Поетски искри од огништето на Ванчо Николески”. Ти дојде пред неговата куќа, да му направиме свет спомен, да ја отсрамиме нашата држава. Заминуваш во годината кога треба да му ја одбележиме 4о годишнината од упокојувањето. Ќе го сториме тоа со Христо, со Мајо, со Мишо, со Валерио, со Тоде, со Мишо…..
Тоа нека биде нашиот завет.
Смртта , предвреме Те допре со своето крило. А, само, пред неколку дена, одвај говорејќи, ми се јави со припомош, да ми го дадеш контактот со Стојана Кукунеш. Неверојатна посветеност. Пријателството е вредност што го облагородува човекот, Ти покажа облагородено пријателство, татковска грижа и внимание.
Историјата на еден човек е историја на целото човештв. Ниене го избираме својот живот. Животот не избира нас.
Има моменти, драг Пријателе, когаи смртта е божји благослов. Божјото време не истосочовековото време.
Нашата утеха е во Твојата вечност.
(Веле Митаноски)
Струга, 27. Јануари 2020 – На градските гробишта во Струга, денеска напладне, сограѓаните, пријателите, поетите и раскажувачите, му приредија масовно испраќање на, вчера починатиот, познат македонски литерарен деец, писателот, потетот, истражувачот и научник, Петко Шипинкаровски.
Шипинкароски е роден е 1946 година во селото Будимирци,битолскиот дел на Мариово, но најповеќе, 4 децении, живееше и твореше во Струга, неговата “љубов од првиот поглед”, рече на разделбата со него, Мишо Китаноски, автор и содеец во литературата и издаваштвото, посебно кога станува збор за книжевниот магазин “Бранувања”.
Во името на битолскиот Книжевен круг, каде Шипинкароски, живееше и создаваше во младоста, последен се прости Ѓорѓи Лазарески.
Шипинкароски е еден од најплодните и најпреведувани македонски автори. Зад него стојат десетици романи, романизирани монографии, раскази, поезија, драмски текствои, раскази за деца, критики и есеи.
Неговото плодно творештво со над 20 објавени авторски изданија е значаен придонес во вредносниот систем на современата македонска литература.
Неговите романи, раскази, песни и есеи преведени се на повеќе јазици, особено внимание кај меѓународната јавност предизвика неговиот роман „Утринска молитва“ посветен на животот на битолските евреи.
Добитник е на многубројни меѓународни литературни награди и признанија.
Беше член на Македонското друштво на писатели, како и на Здружението на новинарите на Македонија.
Шипинкаровски беше и претседател на Културниот центар „Бран“ од Струга што 20 години ја издаваше меѓународната ревија за литератира „Бранувања“, како и организатор на „Струшките книжевни средби“, манифестација со меѓународно учество.
В.М.
Публицитет.мк