Збогум , Коле, драг пријателу!
Од денеска Охрид е посиромашен за уште еден ЧОВЕК.
За уште еден голем ентузијаст, за уште еден скромен, чесен човек, човек од чаршијата, како што велиме ние во Охрид.
Коле ја сакаше естрадата, иако по професија беше машински инженер, во срцето беше наклонет кон музиката, танцот, пеењето. Тој поубаво се чувствуваше во таа кожа.
Тивко, згасна ѕвездата на нашиот драг Коле, човекот кој се обидуваше да направи ѕвезди од уметниците, почетниците и сите оние кои сакаа да бидат тоа. Ги учеше им помагаше несебично, давајќи ги сите атоми од себе.
Таков беше од секогаш, особено од 1998 наваму кога со многу љубов, емоции и енергија му се посвети на својот најголем проект по кого ќе го паметиме ние , а и многу генерации деца – фестивалот на детска песна „Распеано рибарче“ .
По првичниот шок и неверување дека Коле веќе го нема, а се сретнавме токму вчера пред 15 часот пред Рибниот на минување и се поздравивме срдечно како и секогаш и разговаравме сосема кусо за новото рибарче, почнав да пребарувам во меморијата кога всушност сум го запознал.
Беше тешко, но се сетив. Беше тоа еден дождлив октомври – јас млад новинар – соработник во Младинската во радиото, а тој раководител на Танцовиот клуб кој работеше во тогашниот дом на ЈНА. Не е важно што сме разговарале, ама му ја запомнав истата блага насмевка, искреноста и топлината која зрачеше од неговата душа, дури и на последната наша средба.
Потоа се нижеа соработките јас како новинар, а тој како организатор на низа манифестации – избори на на најдобри пејачи, имитатори, убавици, концерти на низа ѕвезди од Македонија и поранешна Југославија.
Ми се чини дека немаше објект на ривиерава во кој Коле за време на својата кариера како врвен организатор не бил присутен.
Немаше личност од естрадата која не го познаваше и која не сакаше да соработува со него. Беше умешен, досетлив и искусен организатор.
Коле пријателу ќе ни недостигаш на многумина, ќе ни недостига твојата ведрина, многуте анегдоти … ама тоа е смртта ги прекина твоите соништа.
Коле ТИ прерано замина во вечните ловишта и сигурно и таму ќе ја работиш работата која најмногу ја знаеше и сакаше.
Почивај во мир, драг пријателу !
Милчо Јованоски,
Во име на сите кои го познава, сака, соработува и ценеа – прерано починатиот Коле Петкуќески.
Неговото срце ја изгуби последната битка, а имаше само 61 година.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре- сабота во капелата на градските гробишта во Охрид во времето од 14 до 15 часот.