Денес, во Охрид на 68- годишна возраст по кусо, но тешко боледување почина познатиот новинар, Јаким Каневче.
Замина и не напушти тивко,како и што живееше. Колегата Каневче беше долгогодишен дописник од Охрид за Македонското радио- Радио Скопје. Погребот ќе биде утре – петок 1- ви април во 14 часот, а неговите посмртни останки претходно ќе бидат изложени во капелата на градските гробишта во Охрид, од 13 до 14 часот.
Колегата – новинар Јаким Каневче цел работен век го помина како дописник од Охрид за Радио Скопје. Своевремено за него колегите новинари од многу редакции пишуваа дека е единствениот новинар во Македонија, а можеби и пошироко кој за да стигне на работа користи кајче. Во годините што останаа зад него повеќе се потпираше на своја сила и веслата, отколку на пентата. Живееше во Канео од каде и што потекнува.Своевремено оние што не ја познаваа технологијата на подготовка на вестите на радиото велеа дека Јаким е нај ранобудниот новинар во Охрид. Речиси секој ден имаше негов прилог за некое случување во Охрид уште во 6 наутро во Утринскиот весник на Радио Скопје.Тие не знаеа дека тој уште вечерта го испратил прилогот, тогаш по телефон во радискиот бокс. Ќе останат во спомен нашите заеднички згоди – рамни на анегдоти од охридскиот Дописен центар и случки од новинарското секојдневие.
Драг, колега Јаким почивај во мир и твојата кротка и добра душа нека најде место во рајот меѓу ангелите!
Од колегите Сашо Нелоски и Милчо Јованоски