По долго и тешко боледување во 63 година од животот, во четвртокот во Мелбурн почина Виолета Јовановска, долгогодишен уредник на македонската програма на австралиското државно радио SBS.
Македонците од овој континет ќе ја паметат како одличен новинар, водител и уредник, голем активист во македонската заедница и истовремено хуманист и вљубеник во уметноста, особено во поезијата.
-Збогум за нашата драга колешка и поранешна уредничка на SBS на македонски со нејзиното последно обраќање до слушателите во 2015. Почивај во мир наша Виолета! Твојата добра и нежна душа ќе остане засекогаш во нашите срца, вака со овие зборови објавени на веб страницата и фејсбук профилот се простија од својата колешка и пријателка нашите колеги од македонската редакција на SBS во Австралија.
Виолета Јовановска – Последно Обраќање После 35 Години во SBS
Виолета Јовановска – Последно Обраќање После 35 Години на SBS Радиото.
Violeta Jovanovska
Monday, November 2, 2015 – 17:17
РАДИОТО Е МАГИЈА, ВЕЛИ УРЕДНИЧКАТА НА СБС НА МАКЕДОНСКИ ВИОЛЕТА ЈОВАНОВСКА, КОЈА ПО 35 ГОДИНИ ПРЕД МИКРОФОНОТ ЗАМИНУВА ВО ПЕНЗИЈА

29 СЕПТЕМВРИ 2015 10:22
По цели 35 години минати пред микрофонот и во речиси секојдневна дружба со слушателите на австралиското државно мултиетничко радио СБС уредничката на програмата на македонски јазик Виолета Јовановска на крајот од октомври заминува во пензија.
Во аудио интервјуто за „Публицитет.мк“ Јовановска вели дека се’ уште работи сосема нормално, како досега, уште не е свесна, иако со сигурност знае дека разделбата со медиумот и слушателите се ближи.
Во студиото на СБС во Мелбурн
Виолета по потекло е од Битола и во далечната 1971 година со родителите заминува за Австралија.
-Кога дојдовме овде во Австралија беше голема криза за работа моите не можеа да најдат работа, јас почнав да работам во фабрика и со мојата плата живеевме цели две години. Тогаш, во тоа време социјалната помош каква што е сега во Австралија не постоеше. Откако родителите добија работа, се вратив во училиште го завршив и се вработив во едно училиште. Така беше се до 1979 година додека не стапнав како хонорарен соработник во СБС во програмата на македонски. Потоа се нижеа моите јавни настапи како водителка и организатор на многу овдешни приредби, манифестации, квизови, литературни читања…
Со колешките Светлана и Марга и гости, дел од нив познати наши актери од Македонија
-Радиото е магија, ме обзеде, еве и денес ме преокупира целата, признава Виолета. Кон крајот на осумдесеттите од 20 век јас паралелно работев во училиштето, во австралиско македонскиот неделник во Мелбурн и на СБС. Во мигот кога работните часови во СБС за македонската програма се зголемија , воопшто не се двоумев – прифатив и од 1999 досега сум на позицијата уредник на македонската програма ( која за Ваша информација се емитува секој работен ден точно напладне и трае по еден час.)
Но, Виолета Јовановска е активна и во македонската заедница во Австралија. Таа во кризната за Македонија 2001 година ја основа женската хуманитарна организација „Надеж’ . Тогаш преку нивната активност за девет месеци до семејствата кои изгубија свои најблиски собрале и испратиле над 100 000 австралиски долари.
Виолета со сопругот Пеце
Виолета во 2004 година од страна на македонската заедница е избрана за Македонка на годината во Австралија,а во 2013 година доби и признание од Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов за нејзиниот придонес во животот на македонската заедница во Австралија и за нејзината несебична активност во промовирање на се’ што е македонско на овој континет.
Во интервјуто за „Публицитет.мк“ таа ни открива и низа други детали од нејзиниот живот, што било пресудно сериозно да и’ се посвети на професијата радио новинар и водител и каква била улогата во тоа на нејзиниот сопруг Пеце? Каде ќе ги минува пензионерските денови и со што ќе го исполнува времето, а зборува и за внуците од кои едниот е веќе полнолетен, најмалиот само две години, а на нејзината како што вели копија – внуката Шаана , таа и е и баба и другарка.
Со внуката Шаана на литературно читање
Редакцијата на СБС на македонски патем речено, една од над 70 рамноправни на австралиското радио финансирано од државниот буџет останува во ист состав: Маргарита Василева, Светлана Неделкоска, Васе Коцев и неколку дописници од Македонија.
Радица Бојковска , во Македонија позната како ТВ лице од Македонската телевизија која долго е во СБС ќе биде новата уредничка на македонската програма.
„Публицитет.мк “ на Виолета Јовановска и посакува среќни и активни пензионерски денови, такви какви што му доликуваат на еден новонар – професионалец.
Со клик на линкот подолу слушнете го целиот разговор:
Разговараше: Милчо Јованоски, Публиците.мк
Последно збогум од Охрид!
Почивај во мир драга, колеше и поранешна уредничке Виолета.
Соработката ја почнавме сосема случајно јас од Охрид, а ТИ од Мелбурн некаде во втората половина од 2009-та. Се слушавме а не се видовме. Благодарам за подадената рака за размена на искуства и материјали. Ти, за жал не напушти а јас и твоите колеги во Мелбурн, Сиднеј и Скопје продолжуваме да бидеме мост меѓу Австралија и Македонија – ист таков и надграден, како што ти го трасираше цели 35 години преку радиото.
Најди спокој – нека патува твојата душа кон Рајот!
Милчо Јованоски , Публиците.мк