Пред само четири дена не напушти Сабина Ајрула-Тозија, една од нашите најзначајни и најпопуларни актерки. Почина на 75-годишна возраст по тешко боледување.
Сабина беше еден од столбовите на Драмскиот театар и ќе остане вечно запаметена по нејзините успешно одиграни улоги во претставите: „Болва во уво“, „Солунски патрдии“, „Рибарски караници“, „Еригон“, „Косанчиќев венец“, „Ивона, кнегиња бургундска“, „Авантурите на Понг и Луси“, „Свадба“ и многу други.
Ајрула која имеше кариера од половина век, одигра над 70 значајни улоги на сцената на нејзиниот матичен Драмски театар, но и во скоро сите театри низ земјава, како што се Македонскиот народен театар, Турскиот театар, Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес, Народниот театар од Куманово, Театарот за деца и младинци – Скопје до независни поставки.
Ајрула-Тозија глумеше и во многу македонски филмови снимени од крајот на 1960-тите години до неодамна. Меѓу првите филмови во кои глумеше е „Време без војна“ во 1969 година. Во нејзиниот актерски опус се запишани и филмовите: „Жед“, „Јад“, „Исправи се, Делфина“ „Оловна бригада“,„Време, води“, „Црвениот коњ“, „Јужна патека“, „Полноќно сонце“, „Јазол“, „Тетовирање“, „Ангели на отпад“, „Контакт“,„Сенки“, како и ТВ-сериите „Илинден“, „На наш начин“, „Солунски патрдии“, „Трета доба“, „Салон Хармони“.
Последните години Ајрула Тозија беше ангажирана во турската филмска индустрија. По улогата на Афифе Хатун во популарната турска серија „Величествениот“, таа играше и други улоги на тамошната сцена. Меѓу последните беше ТВ-серијата „Ешкија“ во која го играше ликот на Хајрије Чакирбејли. Покрај улогите во ТВ-сериите, Ајрула беше дел и од актерската екипа во филмовите „Бал кајмак“ (Бал Каѕмак) и „Раната на мајка ми“ (Аннемин Ѕарасı).
Во 1996 година ја доби наградата „Климент Охридски“ за повеќегодишна творечка работа, а во 2015 година Наградата за животно дело на Фестивалот „Војдан Чернодрински”.
Со клик на линкот подолу слушнете го аудио интервјуто со Сабина Ајрула Тоција во целост.
За овој вовед користев низа информации кои деновиве се појавија и беа споделени од низа портали, агенции и списанија. Желбата е што поверно да ја отсликам нејзината богата кариера. Актерка со која се среќавав неколку пати во животот и имав среќа на двапати да правам големи интервјуа со неа .
Првото за мојата прва матична куќа Радио Охрид во август 2003 – аудио интервју, од серијалот ТОП ФОРМА снимено во култниот Аквариус а второто видео интервју под наслов „Мојот живот, мојот свет“ во 2008 година како резултат на еден за мене исто така плоден новинарски период поминат како новинар во „Мегастар Продукција“. Тоа лето за истата продукција направив уште неколку интервјуа кои беа забележани од јавноста. Во тоа време емисиите беа поставувани директно на порталот без да се користи сервисот на „Јутуб“ па затоа сега истата емисија е преобјавена на каналот на групација ОнеМедиа.мк од каде ја презедов.
Видео емисиите МОЈОТ ЖИВОТ МОЈОТ СВЕТ подоцна беа објавувани на портал Охрид1 а сега, неколку години наназад и на Публицитет.мк
Сабина беше и ќе остане актерка со невиден сензибилитет и ненадминат талент, поденкаво ги вајаше и главните и споредните ролји.
За мене ќе остане во спомените со нејзиниот восхитувачки чист македонски јазик. Најпрво ја запознав како добар интерпретатор на стихови и проза, во годините кога со книгоиздателството „Детска радост“ беше дел од многуте промоции во Охрид.
Нека и е светол патот на Сабина кон вечноста.
Моите прашања и нејзините одговори од двете интервјуа нека го решат ребусот наречен ЖИВОТ.
Милчо Јованоски , новинар Публицитет.мк
Публицитет.мк