Наставници и професори, претставници на општинската администрација и активисти од граѓанскиот сектор учествуваа на „Инфо денот“ што денеска се одржа во Охрид како дел од циклусот промотивни активности за програмата „Еразмус плус“ во организација на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во Македонија.
Презентери Агенцијата пред присутните ја претставија програмата на Европската комисија во делот на образованието, обуката и младите, „Еразмус плус 2014-2020“, како и иницијативите на ЕУ, „Еуропас“ и „Евридика“.
Учесниците на средбата беа охрабрени да земат директно учество во трите клучни акции наменети за учењето преку индивидуални мобилности, соработка за иновација и размена на добри практики, како и поддршка на реформата на политиките кои ги покриваат сите типови на активности. Посочените програми имаат за цел учесниците да се стекнат со искуства од своите врсници и колеги од цела Европа.
Како програма, „Еразмус плус“ им нуди на заинтересираните да партиципираат во друга програмска држава за учење, работа, предавања воедно да обучуваат или развиваат професионални вештини и компетенции, но и да развиваат билатерални и мултилатерални партнерства, зависно од секторот. Програмата претставува комбинација од седум европски образовни програми, програми за обука и млади, и за прв пат во својата структура го додава спортот.
На Инфо денот во Охрид, се покажа интерес за клучна акција 1 – „Учењето преку индивидуални мобилности“ што создава можности поединци да ги подобрат своите вештини, подобрување на вештините за вработување и зголемување на културната свест.
Денешниот беше последниот инфо ден од овогодинешниот караван што ги организираше Агенцијата. Дополнително, а со цел зголемување на вклученоста на бизнис заедницата предвидени се и информативни работилници во соработка со локалната самоуправа и стопанските комори во Република Македонија.
Покрај наведените настани Националната агенција планира и реализација на ЕКВЕТ конференции во насока на подигнување на свесноста во овој образовен сегмент.
Инаку, вкупниот буџет за ЕРАЗМУС+ изнесува 14,7 милијарди евра, зголемувајќи го претходно постоечкиот буџет за сите програми за 40 проценти. Нуди зголемени можности за учење во странство за ученици и наставен кадар. Грантираните проекти се проценува да обезбедат обука за приближно четири милиони лица и 125 илјади организации.
Извор: www.mia.mk