Различни приказни, различни години на раѓање а сега иста музичка приказна која се пие – на екс. Дац и Александар, музика и збор, дружба и доверба. Што беше пресудно, како дует, да почнете заедничка биографија?
Дац: Пред се дружбата, истите ставови кон нештата, но и различностите во сфаќањата на музиката. Јас од гледна точка на актер а Александар на музичар.
Aлександар: Спонтаноста. Некогаш најубавите работи излегуваат од она што не го планираш. После една заедничка свирка, веќе се исцрта таа наша музичка патека по која ќе одиме. Дац го дава оној актерски, поетски , кабаретски шмек во нашите настапи а јас се грижам секоја нумера да ни е автентична и хитовска. Мислам дека се појавуваме во вистинско време и носиме вистински пораки во контекстот во кој живееме.
Има нешто неодолливо питко во вашата спојка. Нешто што враќа верба во другарство, романтика, рецитирање стихови на полноќ, понекој влажен поглед…Ретро- шик? Значи ли тоа дека женската публика ќе биде вашиот таргет?
Дац: Жените одсекогаш биле поотворени кон сфаќањето и искажувањето на љубовта, па оттаму и примањето на нејзините пораки. Мажите се малку потврди но, се повеќе знаат да искажат и да примат љубов. Така што, проценти ќе бидат во прашање, кој повеќе ќе не слуша а, жените, се разбира секогаш имаат предност.
Александар: Ние како со некој коректор сакаме да ги покриеме неубавите работи од секојдневието и да потсетиме на некои заборавени вредности. Преку нашата музика и текстови ги враќаме работите на вистинското место. На луѓето им се допаѓа тоа што носиме носталгија, убави спомени, кажуваме убави стихови, шириме позитива, љубов, пријателство и среќа.
Иако делувате лежерно и опуштено, не верувам дека немате план, стратегија за работа. „Пробивање на мраз“ на Охрид- фест, потоа Макфест…, звучи прилично сериозно?
Дац: Па и ние сме сериозни, во наши години не треба и не смее на работите да им се приоѓа несериозно. И јас и Александар сме докажани во своите професии, ова за нас е нешто друго и самиот пристап кон работите мора да е сериозен.
Александар: Се местат коцкичките од мозаикот и ништо не е случајно. Имаме две одлични песни за престојните фестивали, имаме други во подготовка, снимаме спотови, правиме свирки. Ја возвраќаме вибрацијата од луѓето што ја добиваме, давајќи им да слушнат нешто попрефинето, да прочитаат нешто подлабоко. Не сме тука за да правиме кариера, кариери веќе имаме. Тука сме да им ги стоплиме срцата на луѓето.
Дали некој досега ви кажал дека асоцирате на Шербеџија и Монтено?
Дац: Да, тоа е првата асоцијација за овие простори, кога ќе се спојат актер и кантавтор. Само има една мала разлика, Шербеџија и Монтено се легенди а ние ќе се потрудиме да станеме тоа.
Александар: Кемо и Раде се легенди и се секако едни од нашите омилени урбани творци со остро перо и ноти. Ние ќе се обидеме да бидеме Дац и Александар, да пренесеме една универзална порака на која нема човек што ќе остане рамнодушен.
Во наплив на се и сешто и моментално сивило што владее на музичката сцена, овој дует гарант ќе делува инспиративно на околината. Љубопитна сум, какви ќе бидат вашите песни?
Дац: Пред се убави… песни што веруваме ќе се паметат долго. Сакам после некое време да слушнам дека нашата песна се изведува некаде, од некои музичари, кои ќе не викнат да ја отпееме заедно.
Александар: Нашите песни? Посакуваме да станат евергрини, на повозрасните да им вратиме убави спомени, а помладите да ги заинтригираме дека во денешно време може да постојат песни кои имаат стихови и мелодии, носат емоција, заговараат некои работи кои не се кажуваат во денешните песни.
Валентина Вања Тодоровска, https://7dena.mk
Публицитет.мк