Луѓето во бело одамна веќе ги прогласивме за херои во ова наше Ковид – пандемично време. Една од нив е д-р Марија Димзова , познат инфектолог од Инфективната клиника во Скопје а по потекло од Охрид. Кога по година и пол интензивна работа д-р Димзова успеа да здивне и да фати кус одмор најпрво во Охрид се согласи за интервју за Публицитет.мк, во кое вели: Само со вакцинирањето можеме да го спречиме ширењето на вирусот предизивкувач на КОВИД-19, и да успееме полека да се вратиме на нашите нормални животи. Д-р Димзова зборува за себе, за сопствениот ангажман во клиниката, за тешките ковид моменти и за инфектологијата воопшто.
Д-р Димзова, појавата на Ковид -19 и пандемијата ја направија актуелна инфектологијата. Почна од типот Вухан далеку е од нас, па до се’ што поминавме сите и овде кај нас. Каква е сега состојбата на Инфективната клиника? Можете ли конечно да здивнете?
Инфектологијата отсекогаш била акутелна гранка, бидејќи за жал не сите инфективни болести може да се искоренат, така што тие се тука некаде и само “стрпливо” чекаат да испливаат на површината во помала или поголема мерка и од таму постојаната потреба од инфектолози и инфектологија. Она што се случува сега, во моментов со САРС-КоB- 2, ја направи инфектологијата повеќе ноторна би рекла, отколку актуелна. За среќа, деновиве, благодарение на преземените превентивни мерки по третиот бран, како и со започнувањето на вакцинацијата на населението следиме тренд на намалување на бројот на новозаразени со САРС-КоВ-2 и следствено на тоа, за среќа, намален е и приливот на хоспитлизирани болни на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.
Бевете ли свесна како доктор на почетокот од пандемијата што следи и како лично го поминавте овој период од над една година?
Кога за прв пат во декември 2019 година во стручните извештаи прочитав за ново откриен кластер на вирусни пневмонии со потекло од животните во Кина, признавам дека ме обзеде непријатно чувство бидејќи не ретко досега во историјата на инфектологијата зоонозите се покажале како сериозен предизвик за лекување на болни заболени од овој вид на инфективни заболувања како и нивниот секогаш присутен потенцијал за заразување на поголема маса на луѓе. Извештајот со кој СЗО првично излезе пред стручната научна јавност беше смирувачки, дека заболувањето е ограничено и дека нема да има епидемиски карактер. За жал, за кратко време се покажа дека новиот вирус, предизвикувачот на КОВИД-19, САРС-КоВ-2 има не епидемиски туку пандемиски карактер, до таа мера што не остана регион на земјината топка недопрен од него. После година и пол на ангажирање на клиниката за инфективни болести со своите ресурси – човечки, здравствени, сместувачки ставени комплетно во функција за пациентите со КОВИД-19, а со тоа и јас лично, како вработена на таа клиника, можам да кажам дека секојдневно ги водиме битките за секој еден пациент кој беше/е хоспитализиран на клиниката, трудејќи се со сите капацитети кои ни се на располгање да помогнеме најмногу што можеме.
На првата борбена линија сте цело време. Дојдовте ли вие лично до некои заклучоци сврзани со невидливиот Ковид -19 кој одзеде многу животи?
Во тек на оваа година и пол помината во лекување на пациенти со КОВИД-19 можам да кажам само едно нешто, а тоа е дека кај пациентите со КОВИД-19 има само едно правило, а тоа е дека нема правила. Нити една болест досега предизвикана од инфективен причинител немала толку шаренолика клиничка слика, толку непредвидлив тек и уште понепредвидлив исход. Нити еден алгоритам не може со сигурност да предвиди каков ќе биде исходот кај пациентите заразени со САРС-КоВ-2, посебно оние со потешка клиничка слика, нити да предвиди дека детериорацијата на општата состојба кај некои може да настане толку брзо и прогресивно.
Преокупирани сме со коронота и сега со изборот на вакцините. Настрана со се’ што се случуваше со нивната набавка, достапност, претпоставувам дека сте поборник за брза имунизација на населението како еден од условите за спречување на вирусот? Времето за посебни студии и ефекти од вакцините е кусо – зборувам на светско ниво, но колку се ефикасни вакцините и во што се разликуваат една од друга?
Секако дека сум поборник за вакцините, и искрено сметам дека само тоа може да донесе промена во наша корист на фронтот против КОВИД-19. Секој што ме прашал лично мене дали да се вакцинира на сите сум им дала потврден одговор, и сум ги поттикнала истото да го направат што поскоро. Ја користам оваа прилика на Вашите читатели да им го препорачам истото- да ја искористат шансата , да се пријават на vakcinacija.mk или преку своите матични лекари и што поскоро да се вакцинираат. Само со вакцинирањето можеме да го спречиме ширењето на вирусот предизивкувач на КОВИД-19, и да успееме полека да се вратиме на нашите нормални животи. Да, точно е, ниту една вакцина, така и овие, против САРС-КоВ-2 не штитат сто процентно, но предноста на вакцинираните лица кои евентуално би се заразиле е таа што би имале многу полесна клиничка слика, и не би дошло до смртен исход. За мене, како доктор, тоа е и повеќе од доволно-ДА НЕМА или максимално да се НАМАЛИ бројот на смртни исходи кај пациентите со КОВИД-19. Не би ве замарала со детали за тоа во што се разликуваат вакцините против САРС-КоВ-2 во смисла дека едни се векторски други направени со РНК технологија итн., но би кажала дека заедничко нешто им е да на безбеден и ефикасен начин да создадат вештачки имунитет, односно да го стимулираат човечкиот организам да создаде противтела, односно “активни војници” кои во услови на контакт со самиот вирус би спречиле да дојде до заразувањето со вирусот, односно би го намалиле негово мултиплицирање, а со самото тоа и би оневозможиле да дојде до појава на тешка клиничка слика.
Читаме разни теории дека и за короната ќе треба постојано да се вакцинираме, како за сезонски грип. Точно ли е тоа?
Како што времето поминува од првите рапортирани случаи на болни со КОВИД-19, и како што светот поминува низ повеќе бранови на инфекција со САРС-КоВ-2 се појасно е дека вирусот трпи промени во својата структура, односно со сите свои расположиви механизми се труди да опстане меѓу нас. Како резултат на таа борба, од една страна човештвото со сите достапни средства за борба против КОВИД-19, а од друга страна вирусот под притисок да опстане, настануваат тие вирусни мутации кои полека го заменуваат оригиналниот “див” тип на вирус. Така, сведоци сме на појава на Британски, Јужно Афрички, Бразилски, Калифорниски, Индиски сој на вирус…Предвидувањата се да, дека најверојатно ќе треба редовно да се вакцинираме против САРС-КоВ-2 слично како и за сезонскиот грип.
Сега малку за хуманата и човечка димензија. Многу наши од Охрид знам дека се обидуваа и контактираа со Вас во врска со короната, успеавте на сите да се обидете да им помогнете. Сигруно тоа беше товар плус?
Иако речиси 20 години сум вработена на Клиниката за инфективни болести во Скопје, јас во срцето сум охриѓанка и Охрид е мојот град. Човечки е да помогнеш колку и кому можеш, а јас како доктор, покрај таа како што ја кажавте човечка димензија ја имам и Хипократовата заклетва. Никому немам ускратено моја помош и совет, и сите кои ме знаат, знаат дека одговарам и на непознат телефонски број, со еден збор достапна сум, и не само за Охрид и охриѓани туку и за сите други. Се надевам дека во овoј, за сите нас тежок период на корона пандемија, сум успеала да помогнам некому колку толку, па макар и со уверување дека тие симптоми на КОВИД-19 се лесни и дека се’ ќе биде во ред.
Како изгледаше еден работен ден од оние најтешките?
Секогаш кога како доктор ќе ја изгубиш битката за пациентот е еден од најтешките моменти и денови.
Да се вратаиме сега малку поспокојно на Вашиот професионален пат од Охрид, преку САД па пак дома и за Вас со години Скопје е дома а втор дом Клиниката за инфектологија. Ако ги тргнеме настрана сите стручни термини што е Вашата специјалност во која успешно пливате и може ли на едноставен начин да ни ги опишете вашите истражувања?
Како што реков, јас сум охриѓанка, и сè до мои 17 години живеев и учев во Охрид. Четврта година средно образование завршив во New Hampshire, САД преку тогашната т.н. размена на студенти, во учебната 1991/1992 година непосредно пред комплетниот распад на Југославија. Со оглед дека во Охрид учев средно насочено образование биотехнологија, со амбиција да се запишам на медицина, таква беше и мојата одлука да се вратам дома, со цел да завршам Медицински факултет. По завршување на факултетот, кратко време, нецела година, работев како матичен доктор, во Охрид, во ПЗО Пени. Ведаш штом се укажа прилика се вработив на Инфективната клиника во Скопје. Со самата специјализација на клиниката станав специјалист – инфектолог, но моја пасија, страст, а и потесно подрачје на работа се вирусните хепатити, или поедноставно кажано вирусните, инфективни жолтици. Од таму и произлезе и изборот на темата за мојата докторска дисертација, односно станав доктор на науки со одбрана на темата за хроничниот хепатитис Б кај наши пациенти. Малку познато е дека Македонија спаѓа во земји со интермедиерно носителство на вирусот на хепатитис Б, така што овој хроничен хепатитис не малку е застапен во нашата средина, и многу луѓе несвесни за тоа живеат како хронични носители на вирусот на хепатитис Б.
Хепатитисот А, Б и Ц каккви се прогнозите за излекување на лицата и последиците? Знам, широко прашање а науката граби напред.
Кога веќе ме прашувате за ова, не можам а да не го потенцирам повторно значењето на вакцините во модулирањето на милјето на инфективните заболувања односно во нивно искоренување. Зошто, би се запрашале? Затоа што вакцините се спас против инфективните заболувања, односно единствен ефикасен и долгорочен механизам за искоренување на инфективните болести. Не само за КОВИД-19 тука и за цела низа други инфективни заболувања, па така и за вирусните хепатитиси. Ме прашувате за хепатитис А, Б и Ц. Освен тоа што во најголем процент предизвикуваат клиничка слика пратена со пожолтување, од каде и потекнува колоквијалното име жолтица, тие меѓу себе се разликуваат по многу работи, почнувајќи од епидемиологијата па преку тежината на клиничката слика па сè до исходот на болеста. Хепатитис А е болест на нечисти раце, и претежно заболуваат децата и младите адулти и овој тип на хепатитис не остава хронични последици. За разлика од него, вирусите на хепатитис Б и хепатитис Ц, покрај акутен хепатитис, кој во најголем број од случаите е самолимитирачки, предизвикуваат хронично заболување, кое доколку на време не се открие и лекува може да доведе до прогресивно оштетување на црниот дроб кое пак од друга страна, може да заврши со потреба од трансплантација, декомпензирана црнодробна болест, цироза и смрт. Тука на сцена настапуваат вакцините- постои вакцина против хепатитис Б, која од 2004 година е влезена во нашиот задолжителен календар на имунизација при што првата доза на вакцина се прима уште во самото породилиште. Кога го имаме во предвид што сè може да предизвика хроничниот хепатитис Б, како што опишав погоре, секако дека е очигледен бенефитот од вакцината против хепатитис Б, со самото тоа што спречува воопшто да дојде до појава на болест! Исто така, постои вакцина против хепатитис А, која во светот се применува, но која кај нас се’ уште ја нема. За жал се’ уште не постои ефикасна вакцина против хепатитис Ц, но позитивното е што постојат лекови кои имаат одлична и висока стапка на успешност во лекувањето на пациентите со хроничен хепатитис Ц, која се движи од 94 до 100 процентна успешност, односно доведуваат до излекување. Горда сум да кажам, дека Македонија и Клиниката за инфективни болести не заостануваат зад светот по ова прашање, односно располагаме со оваа високо ефикасна терапија за пациентите со хроничен хепатитис Ц. По однос на прашањето за лекувањето на пациенти со хроничен хепатитис Б, се’ уште , на светко ниво, нема измислено терапија која доведува до излекување на овие болни, туку постојат лекови кои ја ставаат болеста под контрола и во најголем број на случаи лекувањето е доживотно.
Вашето искуство и знаење го пренесувате и на младите студенти и идните Ваши колеги специјализанти. Ги има ли такви од Охрид и воопшто ја одбираат младите лекари ионфектологијата како иден свој профил?
Инфектологијата е интересна и тешка гранка на медицината. За да се биде добар инфектолог не е доволно само да се заврши специјализација по инфектологија, туку потребно е да се имаат одлични и широки познавања од интерната медицина, педијатријата, неврологијата, интензивното лекување, микробиологијата… Да, во секоја генерација на студенти има заинтересирани за продолжување на кариерата како инфектолози, а ова што се случува сега со пандемијата со САРС-КоВ-2 не само што ја прави инфектологијата поатрактивна, туку и укажува колкава е потребата од специјалисти инфектолози, дека е потребно да се зголеми нашиот број како на светско, така и на домашно ниво. Со климаткисте промени, полесната комуникација на луѓето од различни краишта на светот, а со самото тоа и олесната трансмисија на различни заболувања, појавата на нови (или променети) инфективни агенси, инфектологијата претставува актуелна и никогаш досадна гранка од медицината.
Марија Димзова приватно. Има ли време за себе, за некое хоби и слично? Кој е Вашиот издувен вентил по напорните дежурства?
Мислам дека би бил излишен коментарот дека сакам и најмногу ме релаксира пливање но така е. Уживам во читање на книги, од различни жанрови, а секако дека сакам и добра серија/филм. Признавам дека не сум некој спортски тип…но ете не се предавам во намерата дека некогаш би започнала да се занимавам со некој спорт.
Вие и Охрид. Колку често успевате да дојдете и кое Вашето омилено место каде што се чувствувате опуштено?
Во Охрид доаѓам колку што можам; пред короната во летните месеци се случуваше да дојдам само за еден ден од викендот дали пред дали после дежурство. Омилено место ми е терасата од мојата фамилијарна куќа, каде успевам да се регенерирам, како и каде било на нашиот брег да е само покрај вода. Не можам да не ги спомнам мојата фамилија како и моите стари пријатели од Охрид кои ми се несебична поддршка.
Кои се Вашите следни професионални предизвици?
Секое усовршување во медицината е професионален предизвик и токму таму се гледам себеси. Секако дека ќе се трудам и на полето на академското усовршување.
И она што сите сакаат да го слушнат – ќе се спасиме ли брзо од короната?
Можам само да кажам дека се надевам дека за брзо време ќе дојде крај на оваа чума на 21-от век и би апелирала секој еден од нас поединечно да даде придонес за побрз крај на оваа пандемија, а тоа е со запазување на мерките како за лична така и за зашита на другите лица околу нас, како и со вакцинирање на што повеќе лица во што е можно побрз временски период.
Милчо Јованоски, Публицитет.мк
Професионалното портфолио на д-р Марија Димзова
Научен соработник д-р сци.Марија Димзова е родена на 21 февруари,1974 година во Охрид, Р Македонија. Основно образование, како и средно насочено образование-отсек биотехнологија, се до трета година средно има завршено во Охрид, со одличен успех и просек 5,0. Четврта година од средното образование, ја има завршено во САД, во New Hampshire, како студент на размена каде и се стекнува со диплома за завршено средно образование. Како резултат на постигнатиот академски успех, за време на престојот во САД, добива награда и станува член на Американското Национално Почесно Друштво (American National Honor Society).
Со високо образование се стекнала на Медицинскиот Факултет во Скопје во 1999 г. и дипломирала со постигнат среден успех од 9,65.
Една година подоцна, по завршениот лекарски стаж го полага стручниот испит и се стекнува со лиценца за доктор по општа медицина.
Во 2000 г. учествува и го завршува тогашниот пилот проект за Континуирана Медицинска Едукација. Во 2001 г. се вработува во приватниот сектор каде работи како матичен доктор во тек на 10 месеци во Охрид.
Во 2002 г.се вработува на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби Скопје, каде сеуште активно работи.
Во 2002 г. добива специјализација по Инфектологија и се здобива со титулата доктор специјалист- инфектолог во 2007 година
Во 2011 г. се има запишано на Докторските студии на Медицински факултет, Скопје и ги има завршено во 2018 година со просечен успех од 9,33.
Докторска дисертација пријавила во 2016 година на Медицинскиот Факултет во Скопје. Дисертацијата на тема “Прогностичко значење на квантитативниот ХБсАг и квантитативната ХБВ ДНК и нивната корелација кај пациенти со хронична хепатитис Б-вирусна инфекција” ја одбранила на 26.10.2018 година и со тоа се стекнала со научниот степен доктор на науки од научната област медицински науки.
Во 2008 г. е избрана за помлад асистент (22.05.2008 Билтен бр 938/08) од кога и одржува практична настава по предметот Инфектологија на студентите по медицина и стоматологија. Во 2011 г. е избрана за редовен асистент по инфектологија (17.03.2011 Билтен бр 1001/11). Во 2016 г.е избрана за асистент-докторанд по предметот инфектологија (22.02.2016 Билтен бр 1113/15).
Во 2019 година е избрана за научен соработни на Катедрата по инфектологија (15.11.2019 г Билтен бр 1203/19).
Од 2007 г., научен соработник д-р сци Марија Димзова е на работно место раководител на отсек за вирусен хепатитис кај деца, при одделението за инфективни болести на црн дроб и други фебрилни состојби со жолтица кај деца и клиничка имунологија. Во 2005 г. научен соработник д-р сци Марија Димзова беше едукатор на летната школа за деца и родители на деца со хемофилија за превнеција на хепатитис. Во 2006 г.има учестувано како едукатор на тренинг курсот за терапија на пациенти со хроничен хепатитис Б и Ц, одржан во Струмица. Во 2007 г. обавува стручен престој на Институтот за инфективни болести и тропска медицина во Белград, каде се обучува за изведување на хепатална биопсија. Во 2008 година има добиено сертификат за добра клиничка пракса. Во 2010 година има учествувано како предавач на панел дискусијата за синдром на жолто бебе. Во тек на 2013 г. учестува во едно- неделен семинар во Салзбург, Австрија во организација на Отворен Медицински Институт (ОМИ) од областа на инфективните заболувања. Во 2014 г. обавила дво месечен стручен престој на одделот за гастроентерохепатологија при Клиничкиот Центар Нирнберг, Германија. Во 2016 обавила едно месечен стручен престој на Клиниката за инфективни заболувања во Џерапаша, Истанбул, на одделот за вирусни хепатити.
Во 2018 година има учествувано како предавач и модератор на состанокот одрганизиран од страна на СЗО за техничка консултација за развојот на национален акциски план за вирусни хепатитиси во Р. Македонија.
Научен соработник д-р сци д-р Марија Димзова има учествувано во пет меѓународни проекти на тема на вирусни хепатити и еден од областа на транскрипциски биомаркери за инфективни агенси, и еден меѓународен проект за КОВИД-19. Исто така има учестувавно во два домашни проекти од областа на хепатитис Ц и ХИВ, како и Ротавирусни инфекции кај деца
Како соработник, има партиципирано во изработка на Праткикумот по Инфектологија за студенти по стоматологија (2007 г), а како ко-автор во 2012 г. во изработка на книгата “Инфективни Болести” наменета за едукација на студентите по медицина.
Научен соработник д-р сци Марија Димзова беше дел од националниот проект на Владата на Р Македонија и Министерството за Наука и образование за развој на едукацијата (2005-2015 година), и зеде учество во преведување од англиски на македонски јазик на дел од едукативниот материјал од областа на инфективните болести од книгата по Интерна медицина на Сесил.
Во 2015 г. беше дел од тимот наменет за превод на Кохрановите упатства за Медицина Базирана на Докази од областа на Инфектологијата.
Во тек на 2015 и 2016 г. зеде активно учество во проектот на Владата на Р Македонија за континуирана медицинска едукација на матичните лекари во Р Македонија преку предавања на упатствата од областа Инфектологија согласно Медицина Базирана на Докази.
Научен соработник д-р сци Марија Димзова е член на здружението на инфектолози на Р Македонија и во 2008 г. избрана за Секретар на истото и ја обавуваше таа должност се до 2018г. Во 2018 година е избрана за Пртседател на Здружението на инфектолози на РЦ Македонија.
Во 2003 година како технички секретар учествува во подготовката на II-от и V-от Конгрес на Инфектолози на Р Македонија со меѓународно учество, а во 2007 и 2012 г. е член на редакцискиот одбор на III и IV-от Конгрес на Инфектолози на Р Македонија со меѓународно учество.
Професионалната работа научен соработник д-р сци Марија Димзова ја обавува и во рамките на структурите на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Така, во 2005 г. станува член на Комисијата при Клиниката за менаџирање на пациенти со ХИВ/СИДА. Во 2007 г. станува член на Комисијата за превенција на интрахоспитални инфекции при Клиниката за Инфективни болести, а од 2014 г.е избрана за Претседател на Комисијата. Како дел од оваа Комисија го има изработено протоколот за имунизација и пост-експозициска профилакса на лица кои работаат во медицински установи, како и протоколот за работа во кабинетот за хепатална биопсија Дел е од тимот кој го изработи протоколот за справување и лекување на пациенти со пандемиска инфлуенца.. Дел е од работна група за учество и координација во постапката за изготвување на ИСО стандарди, како и заменик претседател на Комисија за етички прашања во 2013, а во 2017 г е избрана за член во истата комисија.
Научен соработник д-р сци Марија Димзова е добитник на Благодарница, Диплома и Плакета од Македонското Лекарско Друштво за активно извршување на целите и задачите на здружението.
Научен соработник д-р сци.д-р Марија Димзова има земено како активно, така и пасивно учество на повеќе домашни и светски конгреси од областа на инфектологијата како и заболувањата на црниот дроб.
Од светските јазици флуентно го владее англискиот јазик, и има солидно познавање од италијанскиот јазик. Активно ги познава и работи со компјутерските програми MS Office, Excel, Power Point.
Публицитет.мк