ДЕЛ ОД ИСТОРИЈАТА НА ПЕЧАЛБАРСКА ПРЕСПА
Преселничките печалбарски движења на Македонците од етничка Преспа и нивниот интензитет беа условени, пред се‘, од тешките економски услови за живеење и работа, но и од причини што имаат национално-политички карактер. Всушност, притисоците за арач и даноци, постојаните територијални претензии на соседните земји кон Македонија, а со тоа и кон Преспа и туѓинските интереси за доминација или влијание врз македонскиот народ, го принудија Македонецот од Преспа непрестајно да се бори со единствена цел – да опстои на балканската ветрометина. Тешките и лоши, често и невозможни услови за живеење, и постојаната борба за опстанок присилиле голем број Преспанци да кинисаат на гурбет и печалба.
Печалбарството при крајот на 18. и почетокот на 19. век во Преспа станало масовна појава и еден од најсилните докази за неподносливата состојба, особено во преспанските села. Тие ја напуштале но не ја заборавиле Македонија и оделе во Цариград, Смирна и Анадолија во Турција, потоа во соседните земји: Србија, Грција, Бугарија и Романија, како и во Австро-Унгарија, Франција и Египет.
Тешко е да се прецизира времето кога Преспанци почнале да одат на печалба во прекуокеанските земји: САД, Канада, Австралија и Аргентина. Меѓутоа, се знае дека првите печалбари од Македонија пристигнале на северноамериканскиот континент во 1865 година, првата поголема група претежно од селото Буф, Леринско, во 1898 година, а во истата година и една помала група од Долна Преспа и од Битолско. Првите Македонци, пак, пристигнале во Австралија по Првата светска војна.
Денес често се вели дека печалбарска Преспа е срцевината на македонска убавина. И не случајно, зашто на овие простори некогаш било седиштето на Самуиловата држава, а и на свети Климента. Првиот бил владетел на Балканот, а вториот бил великан на православието.
Ете зошто нивните потомци блеснуваат на хоризонтите на македонската иселеничка галаксија, со харизма каква што можат да имаат само ѕвездите на македонското небо.
По смртта на Климента, долгата и остра зима во 927 година, од Преспа направила бела снежна котлина, од која, според белите наноси – преслапи, произлегло и името Преспа. Со нивното топење подоцна се формирале езерата, првин големото, а потоа и другото – помалото.
Така започнале трансформациите на Преспа во природен резерват, еден од позначајните на Балканот. Раскошните планински визури на Пелистер и Галичица, богатиот и редок растителен и животински свет и благородната клима од Преспа направиле вистинско чудо на природата.
Мајката природа на Преспа ѝ подарила богатство на убавини и атрактивности. Во исто време, историјата ѝ оставила непроценливи траги од значајни настани. Затоа долнопреспанци каде и да се во родниот крај или надвор од него, се радуваат со сето тоа што го има во Преспа, се гордеат и го чуваат ваквото богатство за идните генерации.
Црковни споменици на островите Мал Град во Големото Преспанско Езеро во Мала Преспа и Ахил во Малото Преспанско Езеро во Долна Преспа
Она што на Преспа и на нејзината историја ѝ дава посебен белег е нејзиното богатство со културно-историски споменици, уште од времето кога била староримска крстосница и прва престолнина на цар Самуил.
Црквите и манастирите градени во времето на свети Климент и свети Наум Охридски (IX и X век) и во времето на Самуиловото Царство во X и XI век, биле разурнувани од разни антимакедонски завојувачи, многу од нив биле обновувани, но, пак, уништувани за време на владеењето на Турската Империја.
Неколку културно-историски споменици од XI до XVII век, се сочувани благодарение на нивната местоположба (оддалеченоста од комуникациите или локацијата во планинските региони). Такви се „Свети Ѓорѓи“ од XII век во Курбиново, „Света Петка“ од XIV век во Брајчино, „Свети Атанас“ и „Свети Архангел“ од XIV век во Долно Дупени, „Свети Петар“ од XIV век на Голем Град, и сливничкиот манастир „Света Богородица“ од почетокот на XVII век.
Значајни споменици од минатото на Преспа се и кулите во повеќе места, а такви културно-историски знаменитости постојат и во деловите на Преспанската Котлина кои денес се наоѓаат во делови на етничка Македонија, во Република Грција и Република Албанија.
Цела Преспа, сите населени места долж Преспанското Езеро се празнично расположени во текот на летните месеци. Овој живописен дел на Преспа широко ги отвора своите порти за туристите, добронамерниците за печалбарите од целиот свет, да го посетат крајот на најслатките јаболка и на вештите рибари.
Овој прекрасен крај отворајќи ги широко портите ги мами печалбарите да се вратат во своето родно место, на своето старо огниште… Голем број од тие „талкачи по светот” доаѓаат да се видат со своите најблиски, да го празнуваат Илинден на 2 август секоја година во прадедовската земја, етничка Македонија, во Преспа.
Треба да се нагласи дека не се памети кога населението ја има именувано котлината на Горна Преспа, Долна Преспа и Мала Преспа. Меѓутоа, запишано е дека Горна Преспа го зазема северниот дел, Долна Преспа јужниот, а Мала Преспа југозападниот дел на Преспа. Горна и Долна Преспа ги одделува ридот Веќе кај Претор, а Мала Преспа и Горна Преспа копнено се одделени со Пречна Планина. Делот на Долна Преспа, пак, со Малото Преспанско Езеро од Мала Преспа ги одделува планината Сува Гора.
Според историските документи, по завршувањето на балканските војни Преспанската Котлина им припаѓала на Србија (Стара Југославија) и Грција (Елада). По една деценија Грција (Елада) ѝ ја отстапила Мала Преспа на Албанија, со што тромеѓето на овие три држави останало во водите на Големото Преспанско Езеро, во непосредна близина на островот Голем Град.
Поделба на Преспа е направена и во текот на Втората светска војна. Градот Ресен и неколку села на Горна Преспа, биле под бугарска окупаторска власт, додека целата Долна Преспа и Мала Преспа останале под фашистичка италијанска власт. Тогашната граница меѓу фашистичките држави Бугарија и Италија се наоѓала на потегот од крстосницата „Макази” кон запад, меѓу селата Горно Дупени и Евла, сѐ до капитулацијата на Италија (1943 година) кога бугарската власт се проширила кон Долна Преспа и Мала Преспа.
Во Преспанската Котлина постојат 74 населени места од кои 36 се протегаат во Горна Преспа во Општина Ресен. Меѓутоа, во Долна Преспа, во делот на Република Македонија има 8 села и тоа: Љубојно, како центар за Сливница, Арвати, Крани, Штрбово, Брајчино, Наколец и Долно Дупени.
Островот Голем Град и споменикот на Цар Самоил во Скопје
Во Долна Преспа, кај јужниот сосед со центар во селото Герман има 18 села и тоа: Герман, Раби (Р‘би), Медово, Штрково, Опаа, Рудари, Папли (П‘пли), Оровник, Буковик, Лк (Л‘к), Дреново, Трново, Граждено, Орово, Дробитишта, Винени, Нивици и Аил (Ахил), како и 3 села во делот на Албанија: Заградец, Ракитско и Суец.
Во Мала Преспа (во Албанија), пак, има 9 населени места и тоа: Пустец како опшински центар, потоа, Туминец, Горна Горица, Долна Горица, Глобочени, Шулин, Пустец, Леска, Зрновско и Церје.
Преспа, како и многу други предели од Западна Македонија најмногу е познат по печалбарството. Од памтивек од овој крај се одело на печалба. Тоа е место оплакано со солзи, место на средби и на разделби, место кое оставило длабоки болки во душите кај раселените ширум светот.
Често се вели дека да бидеш во етничка Преспа значи да се навратиш и да тагуваш за минатото, да ја видиш денешната слика на разделена Македонија и да размислуваш за иднината убавата Преспа како дел на етничка Македонија.
Треба да се нагласи дека во историјата на Преспанци кои живеат во дијаспората е запишано дека врз основа на нивните издадени трудови на поезија и проза, како и врз основа на тоа што тие како иселеници се бранители и чувари на македонскиот јазик, култура и литература се примени за членови на Друштвото на писателите на Македонија.
Со тоа тие станаа респектирани поети во групата македонски поети и писатели кои живеат и творат во Канада, Соединетите Американски Држави, Австралија и Европската Унија.
Многу од нив повеќе пати биле учесници на светската манифестација „Струшки вечери на поезијата“, која секоја година се одржува во родниот град на браќата Миладиновци, Струга. Покрај тоа што настапиле по градовите во Македонија, исто така, со своја поезија настапиле и во Канада, Америка, Австралија и во некои земји од Европската Унија.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН