Друштвото на писатели на Македонија секоја година го доделува признанието „Книжевен жезол“ за поетски опус со исклучителни естетски вредности на еден домашен и на еден странски автор и го чествува нивното творештво во рамки на манифестацијата „Празник на липите“. Годинава со ова престижно признание се закитуваат македонскиот поет Иван Џепароски и поетот од соседна Србија Душан Стојковиќ.
ИВАН (ИВИЦА) ЏЕПАРОСКИ (1958, Скопје) е поет, филозоф, естетичар, критичар и преведувач. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје каде што магистрирал и докторирал. Автор е на триесет книги, и тоа: на седум поетски книги, на три поетски антологии, на четиринаесет книги од областа на естетиката и на книжевната критика и на шест теориско-есеистички избори. За своето творештво ги има добиено наградите „Млад Борец“ (1984), „Димитар Митрев“ (1993), „Парадигма“ (2009) и „Браќа Миладиновци“ (2016). Добитник е и на наградата „Григор Прличев“ (1993) за поетски превод. Работи на Филозофскиот факултет во Скопје како редовен професор по предметите: Естетика, Историја на естетиката и Филозофија на културата. Бил и е раководител на Институтот по филозофија (2004–2009; 2013–2021), раководител на постдипломските студии на овој институт (2009–2013) и секретар на македонскиот ПЕН-центар (1999–2001; 2008–2014). Се занимава и со превод: Вилијам Блејк, Џејмс Џојс, Јосиф Бродски, Дејвид Хјум, Едмунд Берк итн. Неговата поезија и некои од неговите есеи се преведени на над дваесетина стански јазици во светот, а избори од неговата поезија се објавени во одделни книги во Бугарија, Србија, Романија и Косово. Неговата книга „Македонскиот есеј“ е преведена на англиски, француски, германски, руски, шпански и на кинески јазик (2011–2016), додека книгата „Уметничкото дело“ (2018) на албански јазик.
Поетски дела: Слики од изложбата, Скопје: Наша книга, 1989; Еклоги; Скопје: Македонска книга, 1992; Песни, Скопје: Детска радост, 1998; Волја за мисла, Битола: Микена, 2008; Грабнувањето на Европа, Скопје: Дијалог, 2012; Светлината на Света Гора, Скопје: Магор, 2015; Град, Скопје: Ми-Ан, 2020.
Поетски антологии: Убави зборови (избор од современата јужнословенска поезија за деца), Скопје: Детска радост, 1994; (трето изд.) Скопје: Просветно дело, 2018; Антологија на солзите (избор и предговор), Скопје: МакеДокс, 2012; Арката на Ное: Поезија и Animalia (избор и предговор), Струга: СВП, 2019.
Преводи на странски јазици: Сега и тогава (съставителство, превод от македонски език Д. Христов), София – Скопје: Мултипринт – Макавеј, 2006; Will for Thought (Macedonian Literature in English, Vol. 82, Translation from Macedonian Ana Mitoska), Skopje: St.Clement of Ohrid, National and University Library – Skopje, 2011; Sedimente ale istoriei/Layers of History (bilingual poetry edition) Talmaciri din macedoneana de Dumitru M. Ion si Carolina Ilica, Bukuresti: Academia Internaţionalǎ Orient-Occident, 2012; The Light of Mount Athos (Translated from the Macedonian into English by Zoran Ančevski),Struga: Struga Poetry Evenings, 2017; Светлост Свете Горе (превео са македонског на српски Рајко Лукач), Београд: Граматик, 2018; Grabitja e Evropës (përktheu: Shkëlzen Halimi), Prishtinë: Armagedoni, 2020.
Естетика и книжевна критика: Арго плови по Аксиј, Скопје: Мисла, 1984; Во потрага по изгубениот тоталитет, Скопје: Култура, 1993; Уметничкото дело: во втората половина на ХХ век, Скопје: Култура, 1998. (второ доп. изд.), Скопје: Магор, 2009; Отаде системот, Скопје: Култура, 2000; Филозофски приказни, Скопје: Магор, 2001; Младите, сакралното и уметноста (ко-автор), Скопје: Темплум, 2003; Естетика на возвишеното, Скопје: Магор, 2008; Став и суштина, Скопје: Дијалог, 2010; Свето Манев, Скопје: Ѓурѓа, 2014; Дискурси на визуелното, Скопје: Матица македонска, 2014; Култура и книжевност, Скопје: Магор, 2016; Филозофијата во образованието: студија (ко-автор), Скопје: Филозофски факултет, 2019; Поезијата и возвишеното, Скопје: Ми-Ан, 2019; Естетика: естетички категории, Скопје: Аз-Буки, 2020.
Антологии и избори: Антонио Грамши, Интелектуалците и револуцијата, Скопје, 1989; Естетика на играта, Скопје: Култура, 2003; Убавина и уметност: од Платон до Кроче, Скопје: Магор, 2005; Аспекти на другоста, Скопје: Менора-Евро Балкан Прес, 2007; Македонскиот есеј, Битола: Микена, 2008; Ohrid P.E.N. Essays (ed.) Ivan Djeparoski, Special Issue of The Macedonian P.E.N. Review, Skopje: Macedonian P.E.N. Centre, 2010.
ДУШАН СТОЈКОВИЌ (1948, Белград, Србија) е поет, раскажувач, литературен критичар, есеист, преведувач. Уредник е на списанието „Шамадиски метафори“ (Младеновац) и член на редакциите на списанијата „Бдеење“ (Сврљиг) и „Нашата трага“ (Велика Плана). Академик е на Славјанската книжевна и уметничка академија во Варна. Добитник е на повеќе книжевни награди, меѓу кои и Повелбата на Друштвото на писатели на Србија за животно дело во 2019 година. Автор е на два обемни тома: Поетските стебла на македонската лирика и Македонската проза на српски јазик (2021), и на голем број избори, антологии, прегледи, панорами, критики, есеи. Негови дела се преведени на англиски, шведски, македонски, чешки и италијански јазик. Живее и работи во Младеновац кај Белград (Србија).
Поетски дела: Мало сонце (2004), Смрт/Ковање (избрани песни на српски и македонски јазик, во превод на Ристо Василевски, 2008), Сонувачи (2014), Избрани дела на Душан Стојковиќ: Песни, кратка проза, избрани есеи (2020).
Прозни дела: Сномрак, кафкијади (2006), Соновен речник. Раскази за Сигналот (2007).
Книжевна критика: Наследници и придружници (2007), Леб од камен и небо (2010), Жуборењето на метафизичкото (2010), Зрнести соништа (2010), Радомир Андриќ или поезија што трае (2012), Сигнализам на планетите: Есеи за сигнализмот (2018), Девојче или цвеќе на сонот (2018) и др.
Антологии: Зборови во излогот на градот (1999), Небото на јазикот (2002), Бучење на душата (2003), Тело во тело: Антологија на српската еротска поезија (2003), Граматика на смртта: Именки. Антологија на песни од поети-самоубијци (2006), Зрнца светлина. Антологија на творештото на слепи (2007), Трошки: Антологија на најкратките раскази на српски јазик (2011), Венец на венците (Избор од сонетни венци во современата српска поезија) (2012), Не се сите болести за мене (2015), Ризница на српската поезија: Српски поети на ХХ век (со Дејан Богоевиќ) (2014) Дадаизмот не е мртов. Да живее дада да да (2017) и др.
Публицитет.мк