Писателот и поет Иван Трпоски од Волино кој живее во Сиднеј во пресрет на Петровден ни напиша: Наидов на идеја оваа песна посветена на Мешеишкиот Петровденски панаѓур да ви ја пратам и да ја објавите на Публицитет.мк
Во Мешеишта учев осмолетка и во тоа училиште тогаш имаше над 400 ученици. На Петровден по пет – шест свирачки тајфи свиреа, ора, песни. За панаѓурот доаѓаа луѓе од Струга и Охрид, но и сите селски ергени и моми од соседните села за да се веселат и да се бендисуваат. А и ние повозрасните ученици си се забавувавме со школските колешки на свој начин. Па токму оваа песна е посветена на Петровден и по тој повод.
„Петровденски спомен“
Ме викнаа на панаѓур црковните ѕвона
Со гласот палав ширина што бие.
Ме викнаа глетка со очи да ти корнам
И ја плиснам во жиливе – срце да ја пие.
Ме остави под тактот од тапанот сам
Да патам со светот кој пее и тажи.
Ме остави низ џагорот по тебе да трагам
И цапам во сушата око што ми влажи.
Те најдов скриена во житните коси,
Под сенките ладни од стариот дрен.
Ти побарав љубов ко питач кој проси,
Да оплакнам младост во врутокот врел.
Вџашена од шумот мирот што го пречи,
Пливаше во вртежот од надојдениот вир,
Барајќи спас во поројот што влече,
Со здивот ја голташе заробената шир.
Жнееше при додирот со усните врели
Под облакот тежок снага што ти меле,
Парајќи ја рубата од бедрата бели,
Ткаев на разбојот од дојките зрели.
Ти капнаа солзи по лицето бело
За честа изгубена под стариот дрен,
Спомен ти сплетив од класјето зрело
На светиот мешеишко-панаѓурски ден.
ИВАН ТРПОСКИ
Публицитет.мк