Неуморниот академик, проф, д-р Миле Миќуновиќ деновиве ја издаде својата 97 книга, овој пат посветена на Св. Ахангел Михаил.
Интересна е приказната за тоа што го навело академик Миќуновиќ да ја напише книгата? Тој за Публицитет.мк изјави: -Професор Бранислав Миќуновиќ – Жага, Неговата екселенција амбасадор на Црна Гора во Србија, дојде кај мене во Охрид во мај 2014 година. При таа посета ми донесе икона на св. Архангел Михаил со објаснување дека скоро сите Црногоци го слават и го имаат како свој заштитник, па сигурно и јас.
Иконата претходно била дадена во манастир посветен на раѓањето на Богородица во Цетиње да се чува одредено време и потоа е донесена кај мене. Денес во манастирот се чуваат: раката на Свети Јован Крстител, моштите на св. Петар Цетињски, дел од Чесниот Господов крст, дел од облеката (епитрафил) на св. Сава од XIII век основачот на Српската православна црква, круната од српскиот крал Стефан Дечански од династијата Немањиќ од XIV век што истовремено била и круна на црногорскиот крал Никола I Петровиќ кој се крунисал 1910 година, бастун од првиот црногорски владател Иван I Црноевиќ, разни црковни знамиња и Цетинскиот летопис.
Искрено реков дека немам ангел – заштитник, па од тој момент, односно од 21 ноември 2014 година почнав да го славам Свети Архангел Михаил. Бидејќи скоро ништо не знаев за својот ангел – заштитник се пуштив во истражување за: Ангели, кој е Свети Архангел Михаил?, неговата молитва, за неговите храмови во Република Македонија, што претставува слава…, и сето тоа се обидов да го преточам во оваа книга.
Ги изнесувам истражувањата од терен, на 64 храмови во Република Македонија што се посветени на Свети Архангел Михаил, по азбучен ред без да го опишувам во детали нивниот фрескоживопис. За тоа читателот може да консултира соодветна литературa, вели академик д-р Миле Миќуновиќ.
Публицитет.мк