
На 27 мај (петок) во 19 часот, во Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, во галеријата Куќа на Робевци, ќе биде отворена петтата самостојна изложба на Сокол Марковски, под наслов „Рак не е само хороскопски знак“. Сликите се изработени во периодот 2020-2022 година во техниките масло на платно и комбинирана техника и дигитален принт на хартија. Изложбата ќе биде отворена до 10 јуни, годинава.
Идејата врз која авторот го гради проектот со двосмислен наслов „Рак не е само хороскопски знак“ произлегува од различните емотивни и физички состојби со кои се соочуваат болните од рак. Луѓето што се борат со некаква форма на рак не се претставувани во доменот на визуелните уметности кај нас, затоа целта на проектот е да допре и до социолошките аспекти преку портретите на замислени ликови и да предизвика сочувство кон нивната секојдневна борба.
Во случајов претставувањето портрети (портретниот жанр како определба го усовршувам подолг период) е најдиректна или најексплицитна форма на соединување на личните состојби и сознанија и „сознанијата на колективот“ (или негов дел). Портретите се имагинарни, човечкиот немир и внатрешна борба се претставени преку извесна поетска арт брут естетика, со нагласена фацијална деформација и доведени до непрепознатливост преку апстрактизирање на нивната физиономија, при што примарно е доловувањето на интимните психолошки состојби на претставените личности.
Предимензионираноста, односно монументализацијата на типизираните ликови (со изместен визуелен ракурс) е тенденциозна, тие доминираат за постигнување нивна поголема видливост, од една страна, а од друга иницира интроспекција преку сооченост со Лицето на Другиот, со нејзината/неговата болка со цел да се наведе набљудувачот да се постави во позиција не само на нем набљудувач, туку и на учесник во оваа лична физичка и емотивна борба.
Портретите се поставени на црна позадина која ги потенцира психолошките нијанси на фацијалните промени кај личноста, а претставувањето на очите како „огледало на душата“ (или универзална симболика на внатрешниот свет на секоја личност) е изоставено. Според теоријата на боите, црната е комплетна апсорпција на светлина и сите бои на спектарот, затоа, независно од другите елементи на колоритната појавност, очите на болниот се слични едни на други, во случајов сите се анонимно црни. Но, тоа не се само празни и нечујни црни дупки, туку ги содржат сите чувства и борби и, за жал, немо ја рефлектираат надежта и потребата од разбирање и поддршка.

Ликовите имаат физички карактеристики на андрогини битија, со комбинација на машки и женски психолошки (според Платон, несексуални) карактеристики, при што важен ми е моментот на егзистенцијална драма и навлегувањето во битието на душата, а состојбата на страдање е иста, независно од полот во случајов, и е пример за извесна архетипска состојба. И покрај тенденцијата за општествена безличност или невидливост, ликовите (кои сепак не се миметички реални, повеќе се намерно недовршен/несовршен и суров сенишен одраз на „светот на идеите“), може да се разликуваат според сопствените појавни и експресивни карактеристики. Истовремено и контрадикторно, избегната е детализираноста на деловите на лицето, непостоечките очи функционираат како трансмисија на безнадежноста, безидејноста, бесчувствителноста…, а портретот сам по себе и во сета своја суровост станува „носач на значења“. Акцентирана е фовистичко-експресионистичката недовршеност на делата, а „материјалот“ од кој е создадена надворешноста на ликовите е бејконовски брутален, жесток и разурнувачки, со што дури може да се интерпретира и како антипортрет, но и извесна парафраза на Ничевата филозофија за натчовекот и страдањето, односно пронаоѓањето на животната хуманистичка смисла преку соочувањето со и совладувањето на страдањето.
Конечно, преку приказот на една човечки драматична состојба на внатрешната хистерија и хаос на кои е константно подложена индивидуата, авторот апелира на уште еден ликовно ангажиран начин да се подигне личната и општествена свест за борбата против ракот.

СОКОЛ МАРКОВСКИ
Роден 1966 година во Скопје. Завршил ГУЦ “Здравко Цветковски”, Архитектонски оддел во 1986 година. Дипломирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје, Факултет за ликовни уметности, педагошки отсек, насока сликарство, во класата на проф. Јован Шумковски во 2018 година.
Самостојни изложби:
20022 Охрид, Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, Куќа на Робевци
2022 Кочани, Рак не е само хороскопски знак 2, НУЦК ” Бели мугри ” – Кочани
Салон фоаје 2
2021 Скопје, Рак не е само хороскопски знак, Дом на култура „Кочо Рацин“, Галерија „КО-РА“, Голем салон
2020 Скопје, Рок портрети, Бифе „Тафталиџе“
2019 Скопје, I can see you in the darkness, Културно-информативен центар (со Елита Алити)
2016 Сплит (Хрватска), Art is all around us, Dom mladih “KOCKA”
Фотографии во прилог:
4. – Од циклусот „Рак не е само хороскопски знак“ 4, 2020, комбинирана техника и дигитален принт на хартија, 100 х 70 см
- 7. – Од циклусот „Рак не е само хороскопски знак“ 7, 2021, комбинирана техника и дигитален принт на хартија, 100 х 70 см
11. – Од циклусот „Рак не е само хороскопски знак“, 2021, масло на платно, 100 х 70 см
15. – Од циклусот „Рак не е само хороскопски знак“ 15, 2021, масло на платно, 200 х 150 см
Публицитет. мк







