Експертите сметаат дека на новата специјална обвинителка ќе и’ биде потребен мултидициплинарен тим од различни области
„Денеска седам пред Советот сама, но за еден месец ќе ме видите со тимот со кој ќе ги преземам случаите во надлежност на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела кои произлегуваат од прислушувањето и ќе почнеме да работиме“, изјави во средата специјалната обвинителка Катица Јанева за време на давањето свечена изјава во Советот за јавни обвинители.
Од денот, кога насмеаната и симпатична педесетгодишна гевгелиска обвинителка преку ноќ од анонимен локален правник прерасна во мегазвезда, кон која се свртени очите на целата македонска и меѓународна јавност, почна одбројувањето на времето. По првичниот шок и неверица од нејзиниот избор, кој предизвика масовно гуглање на интернет за да се види која е новоизбраната „специјална обвинителка“ и што работела во својата професионална кариера, сега вниманието е насочено на други прашања.
Љубопитството е делумно задоволено од нејзината биографија која не изобилува со многу податоци, имајќи во вид дека станува збор за обвинител кој работи во основно обвинителство со ограничена надлежност и на кривични дела за кои највисоката определена казна е до пет години затвор. Оттаму, клучната дилема која сега се отвора е дали обвинителката ќе успее да направи добар, квалитетен и професионален „дрим тим“? Тим на вредни, агилни и непристрасни соработници, кој ќе и’ помогне на Јанева да може да пристапи кон одговорната мисија што и’ е доделена со Договорот од Пржино што го потпишаа четирите најголеми партии под покровителство на ЕУ и САД.
Јанева има пред себе дваесетина дена да го екипира Специјалното обвинителство и да го соопшти списокот соработници кои ќе застанат зад неа во тешката задача. Како ретко кој обвинител во поновата македонска историја, таа ќе има можност уште во старт да добие се’ она што и’ треба за да може непречено да работи. Посебни простории, кои ќе бидат издвоени од оние на нејзините колеги- обвинители, финансиска поддршка, како и соработници, кои самата ќе ги избира. Прашање е само дали ќе умее да ја искористи шансата што и’ е дадена!
Со оглед на специфичноста на она што треба да биде предмет на опсежно истражување и анализа, познавачите се убедени дека на новата специјална обвинителка ќе и’ требаат луѓе од различни области.
„На специјалната обвинителка ќе и’ треба мултидисциплинарен тим, но пред се’, до неа цело време ќе треба да седи експерт за финансиски истраги. Бидејќи паралелно со криминалните истраги, таа ќе треба да води и финансиски истраги за да се види каков е протокот на парите. Ѓаволот лежи во деталите“, коментира поранешната претседателка на Антикорупциската комисија и прв човек на „Транспаренси интернешенел“, Слаѓана Тасева.
Посочува дека во екипата на Јанева, покрај помошниците кои таа треба да ги избере од редот на обвинителите и истражителите од МВР, сигурно ќе има потреба од ангажирање експерти за перење пари, за банкарско и финансиско работење, финансиско разузнавање.
„Не помалку битно е да се најдат луѓе кои добро ја познаваат сферата на телекомуникациите за да може да се утврди на кој начин е направено масовното прислушување. Таа ќе има потреба и од стручна експертиза во делот на јавните набавки, повратот на средства“, додава Тасева.
Во слична насока размислува и скопскиот адвокат и поранешен прв човек на скопското Јавно обвинителство Стерјо Зиков.
„Покрај обвинители, на Јанева ќе и’ требаат и добри истражители и искусни полицајци што ја знаат методологијата на работата. Но, во секој случај, и специјалисти за комуникации, вештачења, финансиски експерти што познаваат перење пари и движење на финансиски трансакции“, потенцира Зиков.
И двајцата наши соговорници ја потенцираат потребата од добра соработка со институциите.
„Институциите ќе мора да работат по барањата на специјалниот обвинител и да ги достават сите податоци што се потребни за квалитетна истрага без никаква селекција“, велат тие.
Во посебниот закон кој експресно беше донесен на 15 септември, се пропишува дека специјалниот јавен обвинител може да основа специјализирани одделенија во своето Обвинителство, вклучувајќи ги и тие кои имаат обвинители кои ќе застапуваат по предмети пред апелациските судови и пред Врховниот суд.
Специјалниот јавен обвинител, се наведува во една од одредбите што ги регулира неговата надлежност, постапување, одговорност и организација, „може да вработи стручни соработници, експерти, советници, истражители и административен персонал да работи во истражниот центар“.
Универзитетскиот професор по меѓународно право, д-р Љубомир Фрчкоски, во специјалниот обвинител го гледа еден од трите големи булдожери за суштинска промена на политичката ситуација во државата.
„Најважно е тие (н.з. странците) да бидат вклучени во давањето поддршка и во извлекувањето на целиот процес со обвинувања, нормално потребна е лична храброст на актерката, во овој случај на обвинителката тоа да го изведе и тука и’ посакувам само среќа и поддршка“, вели оптимистички професорот, кој верува дека и промената на чело на МВР и доаѓањето на човек од опозицијата во голема мера ќе ги намали опструкциите на целиот овој процес.
Гевгеличанката на привремен престој во главниот град – Катица Јанева, се’ уште неседната на жешкото столче, веќе се соочува со скепса. Сепак, мнозинството граѓани сака да верува дека на специјалната обвинителка треба да и’ се даде шанса. Од многу субјективни, но и објективни фактори, ќе зависи дали и колку таа ќе ја искористи.
Извор: Утрински весник