Вчера на 7.септември познатата американска пејачка Глорија Гејнор го прослав својот 78 роденден.Во светот на музиката ќе остане запаметена по нејзините музички хитови од ерата на диско музиката.Токму на еден од нив ќе ве потсетиме во оваа пригода. Се работи за песната „Јас ќе преживеам“ од 1978 година која стана светски хит особено во дискотеките ширум светот каде стана популарна химна.
Песната која е дело на Фреди Перен и Дино Фекарис , за првпат е објавена во октомври 1978 година. Таа во 1979 година се искачи на првото место на топ листата на 100те жешки хтови на Билборд како и на првото место на листата на синглови во Англија каде на врвот остана неколку недели.
Во 2016 година песната е прогласена за културно , историско и музичко значајно дело и за таа цел оригиналната снимка на Глорија Гејнор се чува во Националниот регистар за песни во Библиотеката на американаскиот Конгрес.
Мошне чуден е патот на Гејнор до врвот на топ листите со овој нејзин голем хит кој стана нејзин знак за распознавање.
Во една прилика таа ќе рече дека е мошне сигурна дека оваа песна е создадена само за неа.Но, патот до неа бил мошне трновит.
Имено, нејзината мајка починала неколку години порано а тоа била голема загуба за неа со која тешко се справувала. Како резултат на тоа ,тогашната нејзина издавачка куќа „Полидор“одбила да го продолжи договорот со неа.За нив таа во 1975 година го снимила хитот „ Никогаш не може да се каже збогум“но по него Гејнор немала снимено ништо посериозно па заради тоа за одговорните од „Полидор“таа веќе не била добра инвестиција.Се разбира тоа бил голем удар за неа.
Непосредно по ова , Гејнор ќе се лизне и ќе падне на сцената во њујоршкиот театар Бикон при еден свој настап и ќе заврши во болница каде ќе се опоравува цели три месеци по операцијата на ‘рбетот.Таа ја напуштила болницата со тежок држач за грбот кој го носела уште неколку месеци.
За овој настан ,таа во едно интервју во 2013 година , ќе рече:„ Отсегогаш верував дека Господ дозволи тоа да ми се случи за да го привлечам неговото внимание“.
Конечно по неколку тешки години , се враќа нејзината среќа.Компанијата „Полидор“во меѓувреме го сменало раководството а нејзиното ново момче бил нејзин обожавател. Тој бил прилично убеден во тоа дека Гејнор има вистинска хит песна со која може да се врати во полн сјај.
Песната била насловена како „Замена“а председателот на „Полидор“ со нетрпение очекувал да се склучи договор за нејзина реализација.Продуцентите и текстописците Фреди Перен и Дино Фекарис се согласиле да ја снимат песната „Замена“ под услов на „Б“ страната од синглот да стават една нивна постара песна.При нивната средба со неа кога и’ ја презентирале нивната песна, тие и рекле:„Мислиме дека ти си таа што ја чекавме за да ја снимиме оваа песна што ја напишавме пред неколку години“.
„ Кога го прочитав текстот од песната сватив дека причината што тие чекале токму јас да ја отпеам е Господ кој им рекол да ја чуваат за мене чекајќи да се сретнам со нив. А песната имаше наслов „Јас ќе преживеам“.“
Синглот кој на „А“ страната ја има песната „Замена“ а на страната „Б“ – „Јас ќе преживеам“ , бил објавен во октомври 1978 година. Веднаш по објавувањето песната од страната „Б“ станала голем хит за разлика од песната од страната „А“ која ретко се слушала.
„Јас ќе преживеам“станала вистински хит во дискотеките во САД но и во Европа, каде Гејнор била мошне слушана.Успехот на песната се совпаднал со самиот почеток на кризата со СИДА и така речи станала химна на ЛГБТ заедницата.
Но, и надвор од хомосексуалните заедници, песната стана глобална химна за оне кои се чуствувале политички угнетени,физичи оспорени или на друг начин турнати на маргините од општеството.Тука биле и сите оние кои преживеале семејна злоупотреба на кои Гејнор им станала портпарол.Кога таа во 2012 година во тоа својство се појавила на глобалната конференција на оваа тема, Гејнор ја отпеала песната а заедно со неа тоа го направиле и сите 1500 учесници на таа средба.
И по толку години оваа песна може да се слушне во разни пригоди . Неа ја отпеале многу познати пејачки имиња како :Дијана Рос, Арета Френклин, Џони Метис,Даниел Боавентура, Деми Ловато, Пусикет Долс, Били Портер, Глорија Треви, Хермес Хаус Бенд, Енрике Иглесиас и многу други. Може да слушне и во инструментална верзија на многу познати и признати оркестри.
Според многумина пораката на оваа песна е универзална со чувство дека секој кој ќе ја слушне да помисли дека таа се однесува токму на него. Тоа е химна за луѓето кои го преживеале моментот кога биле отфрлени од општеството.
Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк