Во организација на Македонската фризерска асоцијација, денес во хотелот „Аквалина“ во Охрид се одржа меѓународниот натпревар на фризура,мода и убавина HAIR FAIR 2018.
Модниот ден започна со натпреварувачкиот дел во дисциплината јунуори, во категорија свечени пунџи. Во силна конкуренција, под будното око на стручно жири составено од странски звучни имиња првото место го освои 17 годишниот Јован Кароски од Охрид, ученик во козметичкиот смер во ОЕМУЦ “Св. Наум Охридски”. Тој под менторство на познатиот охридски стилист Сашко Георгиески од студиото „Арс Нова“, се претстави со рок ен рол – романтична приказна која остави посебен белег на овој натпревар.
-Пресреќен сум и премногу возбуден за наградата. Ова ми е прва награда за која упорно работевме со мојот ментор Георгиески на кого од срце му се заблагодарувам.Чест ми е што го претставив и моето училиште во вистинско светло, изјави младиот Кароски.
Менторот Георгиески на ова додава: – Работевме концепциски, професионално и со многу посветеност. Јован е талентиран и брзо учи… Натпреварот ни беше предизвик на двајцата и се разбира резултатот како голем успех и поттик за понатамошно творење во фризерството, стилот и модата.
Во студиото „Арс Нова“ во Охрид, Јован и уште тројца други ученици под менторство на познатиот Сашко Георгиески го учат практичниот дел од фризерството и естетиката во работењето.
Модел: Маја Протугер од Охрид
„Арс Нова“ годинава ја ситни 20-та година од постоењето.
Париз е вечната инспирација на стилистот Георгиески кој зад себе има многу искуство во работа на академии, ревии, светски модни едукации, а дел и од европскиот тим на Schwarzkopf. Зад него се многу семинари, награди, пофалници,мајсторски дипломи…
И со овој успех „Арс Нова“ и Сашко ја потврдија нивната мисла водилка дека „Убавината не е случајна“.
Публицитет.мк