ЈП „Билјанини Извори“ објавува конкурс на кој право на учество имаат сите спортски клубови од индивидуалните спортови кои се на територија на Општина Охрид.Ова ЈП изминатите неколку месеци ја согледа потребата за поддршка на спортските клубови во делот на користењето на инфраструктурата а се со цел да им се овозможат подобри услови за тренинг на најмладите и најталентираните спортисти.
-Поддршката која сакаме да ја овозможиме со овој конкурс е бесплатно користење на спортската инфраструктура ( два термини неделно ) која ја поседува СРЦ „Билјанини Извори“ и тоа во текот на целата календарска година. Термините дополнително ќе се договорат заедно со избраните корисници од овој конкурс, вели вд. директорката на претпријатието Гордана Јованоска,на чиј предлог ќе се релаизира проектот а неодмана го усвои и Управниот одбор на ЈП „Билјанини Извори“.
Со јавниот повик за учество на конкурсот „ЈП Билјанини Извори“ всушност вложува во иднината на сегашните и идни генерации на спортисти и сака да постане активен поддржувач и пријател на спортските клубови во општина Охрид. Убедени сме дека во иднина соработката уште повеќе ќе се интензивира на задоволство пред се’ на спортистите, додава Јованоска.
Конкурсот е наменет за сите талентирани деца членови на клубовите на возраст до 16 години ( заклучно со последниот ден на конкурсот ) кои имаат остварено забележителни резултати и успеси на националните и меѓународните првенства и натпревари.
Конкурсот ќе трае 5 работни денови почнувајќи од понеделник 12. 02 така што последниот ден за аплицирање е петок 16. 02 до 15 часот.
Сите клубови кои сакаат да аплицираат и учествуваат на конкурсот треба да достават официјален предлог со приложено портфолио на кандидатот/тите, потпишан и заверен од страна на клубот и да го достават во горенаведениот рок во дирекцијата на ЈП во спортската сала „Билјанини Извори“, велат од таму.
Публицитет.мк