ЈП Градски Пазар – Охрид, ја известува охридската јавност дека утре – петок 1 јуни ќе отвoри ново зелено пазарче на ул.“Сирма Војвода“ бр.7 (кај Општата болница).
-Со ова пред се изразуваме голема благодарност до Градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски и локалната самоуправа, што ни излегоа во пресрет и дадоа голем придонес за реализација на оваа идеја и со тоа сме поттикнати, ние како менаџерски тим на ова јавно претпријатие за креација на наши понатамошни идеи, вели за Публицитет.мк директорката на ЈП „Градски Пазар“ Кристина Крлеска – Деспотоска.
-Инаку ова пазарче ги исполнува сите предвидени технички услови што се потребни за отпочнување со работа. Обезбеден е тоалет, поставени се бекатон плочи, ограден е и обезбедени се два влеза за попрактична функционалност, паркинг простор за возилата на купувачите, поставена е чешма со што се обезбедени хигиенските услови за работа, покриен е за поголема безбедност на производите и за општиот тек на работите.
Пазарот ќе работи на 100м2, на кои се поставени 30 тезги за продажба на земјоделски производи. Со големо задоволство сакаме да напоменеме, дека до овој пазар ќе биде отворен и нов кванташки пазар, за кој исто така ќе бидат исполнети сите услови за работа, додава Деспотоска.
Ова пазарче овозможува подобри услови за продавачите коишто своите производи ги продаваат на несоодветни места, исто така и купувачите ќе бидат посигурни во купувањето на производите.
НАСКОРО УШТЕ ТРИ НОВИ МИНИ ПАЗАРИ ВО ОХРИД
Поттикнати од идејата за креативност и привлекување на купувачи, ова претпријатие во најблиска иднина ќе отвора уште три нови мини пазари, за што веќе прави подготовки за утврдување на локации безбедни и привлечни за отпочнување со работа на пазарите.
Со вакви дисперзирани мали пазари, ќе бидат задоволени потребите и на продавачите и на купувачите во градот.
Публицитет.мк