Публицитет.мк го пронајде некогаш популарниот охридски и македонски изведувач на народна музика дури во Гарафилд , Њу Џерси. И не требаше да одиме до таму, модерната технологија ни ја овозможи комуникацијата.
Во деведесеттите од минатиот век Велјаноски беше во врвот на македонската естрада со хитовите: „Кажи лебеде“, „Лажи некој друг“, Кога љубам, љубам“, „Жената е роза“ и ред други и денес се омилени кај слушателите.
Повозрасните се сеќаваат на неговиот глас и појава и по настапите на бројните фестивали: „Песна за Охрид“, „Песна на летото“, „Охридски трубадури“, „Цветници“ и ред други, но и од живите свирки по хотелите и рестораните низ Охрид, Струга и Македонија.
Во екот на популарноста на почетокот на новиот милениум ја напушти Македонија и замина во САД. Зошто, како? Беше ли лесно, како се снајде?
-Заминав за Америка 2000 г. со намера да останам кратко.Во тоа време на промени во МК искрено, не се живееше баш добро, и споредувајќи ги условите за еден среден живот , порелаксиран живот решив да останам, и не згрешив. Не беше лесно, секој нов почеток е тежок, но животот е борба за подобро и така мора да се однесуваме…
Зад тебе скоро две децении од условно заминувањето од Македонија. Како се сеќаваш на времето на твојата кариера- овде . На твоите настапи, успеси. Можеше ли повеќе?
– Убавите спомени од пријателите, колегите не се забораваат . И денес контактираме, со музичарите се дружиме кога овде гостуваат, се потсетуваме на минатото, дружењето и тн. Кај нас пеев на сите фестивали, имам и неколку наградени песни,многу снимки за тогашната МРТВ, со народниот и чалгискиот оркестар, па приватни снимки и т.н. Дали можев повеќе? Секако, но некогаш кариерата е условена од многу пропратни работи и тогаш човек треба да пресече, или кариерата и се друго во втор план, или спротивното. Јас го одбрав ова второто и не ми е жал и не згрешив. Сепак на крајот на краиштата, нашата професија со исклучок на неколку уметници од МК, се сведува на настапи онаму каде се заработува, во меаните и на свеченостите, а нив ги имав на претек,илјадници.
Речиси и да немаме информации дали таму се занимаваш со музика. Снимаш, компонираш, пееш? Впрочем , како живееш?
-Се’ уште сум активен, години на назад, многу, многу настапи насекаде низ Америка со колегите. На сите празници, веселби задоволство е да се пее на нашинците. Тука снимив два албуми, со мои авторски нови песни и неколку преработки проследени со убави промоции. Можеби малку повеќе требаше да ги промовирам во МК, ама ајде со наредните снимки.
Можен ли е кам бек овде во Македонија или пак на радост на оние кои те знаат и почитуваат – барем некој нов фестивалски настап, снимка , концерт…
– Кам бек , сигурно, но кога, здравје ќе видиме. Во секој случај планирам, работам на материјалите што ќе бидат стилски онакви какви јас најмногу сакам, помалку комерцијални, што би рекле повеќе за своја душа,и тоа ќе биде искористено баш за кам бек.А зошто не и некој концерт ако тоа им се допадне на луѓето.
Што ти недостига од овде а на што се радуваш таму?
– Ми недостига се од МК , баш се’, градот, водата, чаршијата, меаните, другарите, роднините, музичарите.Ми недостига муабетот со утринското кафе во чаршијата,блискоста меѓу луѓето, ти се чини дека секого од некаде го знаеш, мене барем така ми остана во сеќавање.Тука во Америка искрено добро се живее, условите за еден нормален семеен живот ги имаме, без големи стресови, со еден збор релаксирано. Ви благодарам за вниманието и ветувам убави песни и нивна промоција во МК.
М. Јованоски, Публицитет.мк