Деновиве беше промовирана монографијата во чест на педесетгодишнината од постоењето на ОМУ „Методи Патче“ во Охрид.
Во неколку продолженија ПУБЛИЦИТЕТ.МК ексклузивно ќе објави сеќавања на оние кои го создаваа Музичкото.
На 20 јули 1963 година Собранието на општина Охрид на својата втора заедничка седница на Општинскиот собор и Соборот на работните заедници донесло решение за основање на Нижо музичко училиште во Охрид. Според решението главната дејност на установата е да им пружа вонредно општо музичко образование на ученците од подрачјето на општина Охрид. Во точка пет од решението се вели дека за остварување на оваа задача установата има свој наставен и технички персонал. Како што е наведено со установата управува Школски одбор составен од 13 члена од кои 4 избира Собранието на општина Охрид, а останатите ги избираат работни и други организации кои ќе бидат одредени со Стаутот на школата. Управителот по службена должност е член на Школскиот одбор.
Средствата за финансирање на установата стои дека ги обезбедува Собранието на Општина Охрид преку Општинскиот општествен фонд за школство. Надзор над работата на установата врши Советот на просвета на собранието на општина Охрид. Во име на Собранието на општина Охрид решението го донесол тогашниот претседател инжинер агроном Никола Горичан.
Но, очигледно разорниот и катастрофален земјотрес што се случил само шест дена по донесувањето на ова решение ги поматил сметките за отворање на Музичкото училиште во Охрид со почетокот на новата учебна година.
Документите сведочат дека Пријавата за регистрација на Основното музичко училиште во Охрид до Одделението за општествени служби при општината е поднесена дури на 4 јануари 1964 година.
За прв управител на Основното музичко училиште е назначен Наум Гавриловски. Три месеци подоцна на 14 март 1964 Основното музичко училиште со решение потпишано од Љубен Баткоски, началник на Одделението за општествени служби при Општина Охрид е запишано во регистарот на установите со самостојно финансирање.
Од првиот Годишен извештај за работата на училиштето во учебната 1963/ 64 година се откриваат низа интересни податоци кои во Монографијава ги потврдуваат и првиот директор и дел од вработените во училиштето кои заеднички ја пишувале историјата на училиштето.
Со редовна настава училиштето започнало на 1 февруари 1964 година со вкупно 171 запишани ученици. Тие биле распоредени во четири отсеци, односно шест оддели. Во подготвителниот отсек биле запишани 83 ученици, во клавирскиот отсек 25, во гудачкиот 48 и во дувачкиот отсек биле запишани 15 ученици. Наставата во првата учебна година ја изведувале двајца редовни и тројца хонорарни наставници, како и управителот на училиштето Наум Гаврилоски кој го водел одделот по труба.__
-И покрај тешкотиите кои се појавија во текот на годината постигнатиот успех зборува за големиот интерес од страна на учениците кон ова училиште, стои во годишниот извештај. Просечната оценка по солфеж со теорија бил 4, 31, по виолина 3, 04, клавир 4, 25, кларинет 4, 50 и труба 3, 30. Оддеделот виолончело во кој биле запишани 4 ученици престанал да работи еден месец пред крајот на учебната година, поради немање на кадар. Ангажираниот хонорарен наставник од неразбирливи причини за раководството на училиштето
престанал да работи. Во извештајот, директорот Гаврилоски како најголем проблем за нормално изведување на педагошкиот процес во училиштето ги смета нерамномерните смени кои се вршеле во основните училишта, чии ученици доаѓале и во Основното музичко учи-лиште. Така кадарот во музичкото училиште бил принуден да прави нов распоред на секои две недели. Тој се надева дека идната учебна година во интерес на децата ќе се најде компромисно решение меѓу училиштата. Како важен момент за правилно функционирање и перспектива на ова училиштеж е ангажирањето на ученици во различни секции, посебно во музичките – хор и оркестар во основните и средни училишта. Тоа на учениците кои го посетуваат и музичкото училиште им пречи во редовноста.
Како проблем се појавува и наставниот кадар со натамошниот просперитет на училиштето се вели во извештајот, на редовниот конкурс не се јавил ниту еден наставник. – Ако музичарите од војската добијат одобрение за хонорарна работа и во следната учебна година наставниот процес ќе се одвива солидно, како и оваа година. Тоа е гаранција за постигнување резултати. Но бидејќи сме принудени да формираме нови одделенија и да ги прошириме отсеците за клавир и гудачи неопходно се налага потребата од еден редовен наставник по виолина.
Во просторииве во кои сега работи училиштево може нормално да се изведува наставата ако основните училишта вршат смени подеднакво на две недели или во ист временски период, пишува во извештајот и се додава: – И покрај сите наведени проблеми успехот и интересот кај учениците е на голема висина, а тоа се гледа од редовноста и постигнатите резултати по завршните испити кои се одржуваа од 12 до 16
јуни оваа година, се вели во извештајот. За сериозната на оваа образовна институција од нејзиниот почеток сведочи и податокот дека учениците кои не го положиле завршниот испит во подготвителниот оддел според Правилникот на училиштето немаат право на повторен упис. Учениците кои добиле слаба оценка по предметниот инструмент се упатуваат на поправен испит. И ако новоформираното училиште работи само едно полугодие на крајот од учебната година, од најдобрите ученици подготвен е концерт кој бил емитуван преку брановите на Радио Охрид. Истата година, учениците од дувачкиот оддел учествувале на свеченото отворање на фестивалот „Охридско лето“.
Трагајќи низ документите во архивата на училиштето запираме на еден документ кој датира од 21 октомври 1979 година. Тогашниот Извршен совет на Собранието на општина Охрид разгледувајќи ги барањата на одделни организации за работен простор донесол Решение во кое и на ОМУ „Методи Патче“ му го пренесува правото на користење на работните простории на поранешното Длаборезачко училиште со
важност од 1 јануари 1980 година. Всушност и денес наставата се одвива во истиот објект, кој претрпе неколку функционални адаптации. Ако документите се погледаат повнимателно се забележува дека решението за основање на музичкото училиште во Охрид од јули 1963 и Решението за селидба на училиштето во нови простории потпишани се од еден ист човек – Никола Крлески. Прво бил правен референт во Општината, а во вториот случај, претседател на Извршниот совет на Собранието на општина Охрид.
Пет години подоцна во ноември 1985 г. Секретаријатот за вонстопански дејности при Собрание на Општина Охрид го верифицира работењето на ОМУ „Методи Патче“. Зад училиштето останаа и низа други турбулентни датуми, месеци и години, од кои вработените, заедно со учениците секогаш излегувале како победници.
Извор: Монографија „Педесет години ОМУ МЕТОДИ ПАТЧЕ“ – Охрид