Во периодот когау чилиштето се формираше студирав на Музичка академија во Белград. Но, бев тек со се’ што се случува во Охрид. Во Нижото музичко училиште влегов во 1968 година и останав цел работен век. Еве како почна мојата музичка приказна која животот ми го направи интересен. Бев стипендијант на Општина Охрид. Тогаш за Заедницата за образование беше задолжен писателот Есад Бајрам.Тој ми даде најголема стипендија во Југославија. Како напреден ученик во средна школа ми дадоа пари да си купам и кларинет. Кога се запишав во средното музичко во Скопје две години одев во подготвителна група, па четири години средно. Таков беше патот за тие кои како мене доаѓаа од средини како Охрид каде немаше Нижо музичко училиште.
Бев во генерацијата 1957 и во 1963 матурирав. Таа година се запишав во Белград и почна патешествието со студиите. Кога се вратив од војска се двоумев Охрид или Белград, таму можностите ми беа поголеми.
Се сретнав со Наум и тој ми вели- Каков Белград , овде кај нас ќе останеш. Тој веќе беше директор на музичкото. Не требаше многу ме убеди. Предавав кларинет и клавир. Под „А“ во Белград имав завршено музикологија , а под „Б“ – клавир. Ми дадоа да ја водам класата по клавир за учениците во петта и шестагодина. На почетокот имав по околу 23 деца во класа.
По Наум и Ѓоко во 1972 година станав директор на Музичкото училиште и бев трет раководител во неговата историја. Бевме млади сите и преполни со незапирлива енергија да создадеме образовна институција за пример. Но, не секогаш желбите се поклопуваа со можностите.
Старото училиште крај езеро навистина беше старо, а на најгорниот кат живееа две семејства. Како директор имав замисла покрај долната голема сала каде што се држеа солфеж и теорија да направиме и уште една малечка – горе. Дојдоа мајстори рушат, ама носачот не држи. Претходно статичарите ми рекоа дека држи. Викнавме други мајстори и ја спасивме работата. Подоцна одиме во Дрвара на почеток на Воска со служителот мој.Го нема човекот што треба да ни ги избичи штиците за мали греди. – Немај гајле му велам сами ќе ја вклучиме машинава. Ти ќе туркаш, јас ќе тргам и ќе средиме работа. И штиците ги поставивме на багажникот од моето фиќо. Секретарката Данче ќе прашаше – Кој ќе ти го плати ова? А јас ќе речев – Голема работа! Одев на состаноци во Штип, Велес, Скопје одев со фиќото и никогаш не зедов патни и дневни трошоци. Немаше потреба. Надокнадата беше толку минимална просто се срамев да побарам. Ќе речеа – Ех директоров дошол до оваа ситна пара. Нема шајки, чекан , клешти јас се од дома носев. Брат ми покоен ќе речеше: – Колку што знам сите директори од работа носат дома, а ти обратното.- Сиромашна работа , ќе му возвратев.
И кога бев директор водев цел фонд на часови, немаше друг наставник. Држев 19 ученици и меѓу нив се сеќавам и учениците Аспасија Хаџиева, Албена Манева, Сабиха Бајрам – Елези, Петар Манев и Тања Паскали – Бунташеска со кои одев на натпревари. Покрај познатиот Васко Дукоски – кларинет мои ученици беа кларинетистот Владо Пупиноски и Влатко Плевнеш. Тоа се професионалци и извонредни музичари.
Во тоа време имав голема поддршка од композиторот Стефан Гајдов, директор во десет годишното Нижо музичко училиште во Скопје. Прва мисла ми беше да отвориме десет годишно музичко и во Охрид. Најталентираните деца би продолжиле со општите предмети во гимназија, а кај нас би се надоградувале уште 4 години и од тука комотно да заминат на Музичка академија, веќе формирана во Скопје. Власта рече – не може.
Со Гајдов баравме можност двете семејства кои зафаќаа простории во зградата на музичкото да ги иселиме и претходно да им се даде по еден стан, да обезбедиме простор, а за кадар мислевме секој ќе дојде за пари, посебно во Охрид. Тогаш веќе завршуваа и студенти од нашата македонска музичка академија. Не наидов на разбирање.
Сакав професионализам. Имаше ниски удари од колеги од внатре и од пошироко. Го издржав првиот мандат и тогашниот претседател на Општина Охрид Љубен Баткоски ме убедуваше за уште еден мандат, ама го одбив. Повторно директор стана Ѓоко Илиески.
Во тоа време да се учи во Музичко училиште беше престиж и тогаш го викаа – работа на богатите. Се плаќаше школарина некоја минимална, некои и не плаќаа. Ние пак опстанавме.
За 29 Ноември празник на тогашната СФРЈ ние вработените дадовме концерт. Тогаш свирев клариент – соло во клавирска придружба на колешката Љубица Спироска, која сега е омажена во Гевгелија. Тоа беше прв концерт на кој настапивме ние наставниците.
Додека бев директор во колективот ни се придружија Радмила Попоска и Мирјана Димоска. Радмила предаваше солфеж и теорија и еден период флејта. Мире зеде виолина и доста зајканвме за тоа време. Ни се приклучи Македонка Котларова предаваше виолина, па сопругата на тогашниот началник на охридскиот Гарнизон на ЈНА Јелена Торбица предаваше клавир. Од Полска дојде Јанина Софкоска, па Рубенс Наумоски – клавир. Има една чудна работа Рубенс на пример учеше кај мене и дојде време наши ученици да ни станат колеги. На одредено време за кларинет го зедовме Трајче Темјаноски. Подоцна во вториот мандат на Ѓоко ни се придружија сопружниците Лилјана и Перо Булоски во осумдесеттите од минатиот век.
Едно време дојде одлука која беше задолжителна за целиот кадар да има барем Вишо музичко образование . Сите ги ослободував кога имаа испити и дури ги заменував да не трпи наставата,а децата да осетат дека некој се грижи за нив.
Во училиштето го поминав целиот работен век од 1968 до 2005 година, останав една година повеќе додека најдовме наставник по клавир. Сега не одам многу често во училиштето. Има многу млади кои не ги познавам не биле наши ученици. Непријатно ми е не би сакал зад грб да зборуваат: – Што бара пак овој стариов тука?!
Од Монографијата Педесет години ОМУ „Методи Патче“ – Охрид, промовирана неодамна