НИНА МОМИРОВСКА –директор на ОМУ ,,Методи Патче“ од 2006 до 2015 г.
Моето музичко патување започна токму од старото музичко училиште кое тогаш беше покрај езерскиот брег. На 8 год. возраст знаев што сакам- да свирам флејта. Учев во класата на проф. Радмила Попоска. Многу настапи, натпревари, награди, кои беа одраз на нашата заедничка работа и амбициозност со мојата професорка, но секако и поддршката од страна на моите родители. Не потекнувам од музичко семејство, но сигурно дарбата сум ја наследила од мојата мајка, која многу убаво пееше и свиреше на примче. Кога размислував која би ми била мојата професија се мислев помеѓу две работи и двете уметнички и креативни, но сепак различни.- музиката и архитектурата. Свирев… но, гледајќи го мојот татко како црта, многу често седнував до него за да нацртам куќа со голема врата, долги балкони, висок оџак…. Но сепак пресуден беше Републичкиот натпревар во средното музичко училиште во Скопје, кога ја освоив првата награда, а после натпреварот еден член од стручното жири ги повика моите родители и им рече ,, местото на Вашето дете е овде,,.
Музичкото патување го продолжив во Скопје во ДМБУЦ,, Илија Николовски-Луј,, отсек – флејта. За мојата музичка определба никогаш не се покајав и покрај тоа што не беше лесно на 14 год. возраст да се одвоиш од својот град и семејството. Настапите се нижеа, како солистички, така и оркестарски, како солист со Македонската филхармонија, настап на Охридско лето, награди на Републичко и Сојузно ниво. Добив согласност на ниво на Р. Македонија моето школување да го продолжам во Прага, Чешка, на размена на ученици, но таа учебна година се укина договорот помеѓу двете држави, па по положениет приемен испит, школувањето го продолжив на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Пред почетокот на првата академска година, бев повикана од тогашниот директор на ОМУ ,,Методи Патче,, Ѓоко Илиевски, кој во интерес на училиштето ме замоли да предавам таа учебна година флејта бидејќи проф. Радмила заминала во Америка, а со тоа класата флејта ќе биде укината. Во интерес на училиштето прифатив, не беше лесно три дена во Скопје на предавања, а два дена во Охрид со часови, на само 18 годишна возраст. Но, сето тоа беше школа…дополнителен елан и мотив за понатака.
По завршувањето на студиите љубовта повторно ме врати во Охрид.Се вработив во колектив каде бев единствена млада, а моите колеги беа всушност моите професори. Со голема почит кон нашите професори од кои многу научивме, не се срамев да прашам за совет, време кога се почитуваше, кога секој секого го почитуваше, ги почитувавме колегите, учениците и нивните родители. Имаме привилегија да работиме со надарени и талентирани ученици, а тоа треба и да го цениме. Можеби и затоа мојата наобразба на магистерски студии ја продолжив на таа проблематика ,,Образование со надарени и талентирани деца,,. Треба да сме благодарни на родителите од кои ни е потребна голема поддршка, бидејќи тие први го препознаваат талентот кај нивните деца и ги носат кај нас да го потврдиме тоа, а ние сме тука да го идентификуваме и развиваме талентот на нивните и наши деца.
23 години педагошка дејност и со гордост можам да кажам дека многу мои ученици се сегашни мои колеги, професори и вработени во оркестри како во нашава држава и надвор од неа.
Покрај ученик и професор во 2006 год. бев назначена за директор (прва жена директор) на ОМУ ,,Методи Патче,, . И покрај функцијата, продолжив да работам со моите ученици, бидејќи тоа е она што сакам да го работам, а педагошката работа навистина ме исполнува. Многу успеси, концерти, награди, признанија, проекти, донации. Секој од нас остава белег во музичкото училиште и на тој начин бисер по бисер се нижи гердан, гердан кој со гордост го краси охридскато музичко училиште .!!! Од моето искуство како ученик, професор и директор во истото училиште, можам да заклучам дека пред се со љубов кон работата, одговорност, амбициозност, ентузијазам и пожртвуваност, секогаш успехот е неминовен.
Од монографијата по повод „Педесет години ОМУ МЕТОДИ ПАТЧЕ – Охрид