И во второто продолжение ќе ве потсетиме на пет познати актерки чии ќерки тргнале по нивниот пат . Се разбира некои од нив ја достигнале нивната популарност, некои ја надминале а некои тоа треба да го достигнат, впрочем како и во животот.
ЏЕНЕТ ЛИ –ЏЕЈМИ ЛИ КЕРТИС
Штом се спомене филмот „ Психо“ од 1960 година ,првата асоцијација е режисерот Алфред Хичкок а веднаш потоа и актерите Ентони Перкинс и Џенет Ли, носителите на главните улоги.Ретко му се случува на некој актер во неговата кариера да остане запаметен по една улога на филмското платно. А токму тоа и’ се случи на Џенет Ли која во филмот „ Психо“, каде нејзината улога трае само 45 минути . Иако во нејзината кариера оствари вкупно 86 улоги во филмски и телевизиски проекти , иако настапи покрај најголемите холивудски ѕвезди како Ерол Флин, Гари Купер, Џејмс Стјуарт , Кирк Даглас , Џон Вејн …сепак сите ќе ја паметат по филмот „ Психо“.
Таа беше родена како Жанет Елен Морисон во 1927 година. До 70 тите години од изминатиот век сними 50 филмови а потоа нејзината кариера ја насочи повеќе кон настап во телевизиски проекти. Освен по улогата во „ Психо“ , таа ќе се памети и по улогите во филмовите „ Акт на насилство“ од 1948 , „ Малечките женички“ од 1949, „Празнична афера“ од 1949, „Скарамуш“ од 1949, „ Худини“ од 1952 година, „ Гола мамуза“ од 1953 , „ Сафари “ од 1955 , “„ Допирот на злото“ од 1958, „ Магла“ од 1980, „Ноќ на вештерките: 20 години подоцна“ од 1998 и други.
За логата во филмот „ Психо“ имаше номинација за Оскар и Златен глобус.Во текот на својот живот таа четирипати се мажеше. Од бракот со познатиот актер Тони Кертис ,кој траеше од 1951 до 1962 година ( а со кого настапи во пет заеднички филма) ја доби ќерката Џејми Ли Кертис во 1958 година, која го продолжи нејзиниот пат градејќи мошне успешна актерска кариера која трае до денешни дни.
Интересно е да се спомене дека и таа својата филмска кариера ја започна со улога во еден хорор филм кој прерасна во своевиден серијал. Се работи а хоророт „ Ноќта на вештерките “ од 1978 година кој доби свои продолженија и во 1981, 1982, 1998 и 2002 година.Таа настапи и во култниот хорор филм „ Магла“ на режисерот Џон Карпентер каде една епизодна улога игра и нејзината мајка Џенет Ли со која настапи заедно и во филмот „ Ноќ на вештерките: по 20 години“. Во досегашната нејзина кариера има остварено 70 тина филмски и телевизиски улоги.Освен по улогите во хорор филмовите публиката неа ја памети и по улогите во филмовите „ Рибата викана Ванда“ од 1988 година, „ Засекогаш млад“ од 1992, „ Вистинити Лаги“ од 1994 за која го доби Златниот глобус , „ Кројачот од Панама “ од 2001 година и други.
МОРИН О’САЛИВЕН – МИА ФАРОУ
Морин О’Саливен , родена во Ирска во 1911 година , како Морин Паула Саливен , направи филмска кариера во Холивуд откако настапи во улогата на Џејн во серијалот филмови за Тарзан каде настапи покрај Џони Вајсмилер, според многумина актерот кој најдобро го одигра овој лик. Тие настапија заедно во шест филмови во периодот од 1932 до 1942 година. Во својата богата кариера која ја започнала во 1930 година и која траела до 1994 година направила стотина улоги на филмското платно и телевизиските екрани.Една од нејзините последни филмски улоги е онаа во филмот „ Хана и нејзините сестри“ на режисерот Вуди Ален во кој настапи заедно со нејзината ќерка Миа Фароу која ја доби од бракот со Џон Фароу со кого имаше пет деца.
Миа Фароу е родена во 1945 година како Марија Де Лурд Вилерс Фароу.Својата актерска кариера ја започна во познатата тв серија „ Градчето Пејтон“ каде го толкуваше ликот на Алисон МекКензи настапувајќи во дури 263 епизоди во периодот помеѓу 1964 и 1966 година.Не помалку е интересна и нејзината филмска кариера која содржи неколку култни филмови како: „ Розмариното бебе“ од 1968 година и „Големиот Гетсби“ од 1974 година. Мошне е интересен и периодот на нејзината сентиментална врска со актерот и режисерот Вуди Ален , кој траеше 12 години,со кого ќе сними дури 13 филма меѓу нив и „ Пурпурната роза на Каиро“ во 1985 и „ Хана и нејзините сестри“ од 1986 година каде настапи со својата мајка.
Има освоено еден Златен глобус и е номинирана осум пати за оваа награда. Беше во кус брак со големата ѕвезда Френк Синатра и со композиторот Андре Превин со кого има три деца. Од долгогодишната врска со Вуди Ален го има синот Ронан Фароу. Интересно е да се каже дека таа освен што е мајка на 4 биолошки деца таа е мајка на уште 11 деца, од кои три на Андре Превин, две посвоени во врската со Вуди Ален и шест кои ги посвоила откако останала сама.
ДЕБИ РЕЈНОЛДС – КЕРИ ФИШЕР
Повозрасната генерација сигурно добро се сеќава на мјузиклот „ Да пееме на дождот“ од 1952 година, особено на танцот на Џин Кели на дождот. Негова партнерка во овој филм е Деби Рејнолдс која сеуште е активна и која досега има истварено над 80 филмски и телевизиски улоги. Таа е родена во 1932 година како Мери Френсис Рејнолдс.Својата филмска кариера ја започнала во 1948 година и до 1968 година настапила во 35 филма , претежно мјузикли.
Се мажела три пати. Од првиот брак со актерот Еди Фишер има две деца од кои ќерката Кери Фишер ,родена во 1956 година ,тргна по нејзините стапки.
Кери досега има остварено околу 90 улоги ,филмски и телевизиски. Се прослави со настапот во триологијата „ Војна на ѕвездите“ каде го играше ликот на принцезата Леила , лик кој го игра и во најновото седмо издание на оваа вселенска сага чија премиера со нетрпение се очекува на 18 . декември, оваа година. Се паметат и нејзините улоги во филмовите: „ Кога Хари ја сретна Сели“ од 1984, „ Хана и нејзините сестри “ од 1986 и “ Поштенски картички од крајот“ од 1990 година.
МЕРИЛ СТРИП – МАМИ ГАМЕР
Актерката Мерил Стрип важи за една од најголемите живи актерки чија филмографија содржи 76 улоги за кои има добиено ни помалку ни повеќе ,туку 144 разноразни филмски награди , меѓу кои три награди Оскар и седум Златни глобуси. Таа воедно е рекордер по бројот на номинации за наградата Оскар(16), рекорд кој тешко ќе биде надминат во догледно време и рекордни 20 номинации за наградата Златен глобус. Таа е родена во 1949 година а својата кариера ја започнува со улогата во прекрасниот филм „ Јулија“ во 1977 година на режисерот Фред Цинеман каде за партнерки ги има Ванеса Редгрејв и Џејн Фонда. Само две години подоцна го освојува својот прв Оскар за споредна улога во филмот „ Крамер против Крамер“. Следуваат улогите во филмовите: “ Ловци на елени“ (1978), „ Изборот на Софија(1982), „ Жената на францускиот поручник“(1981),„ Надвор од Африка“( 1985), „ Дивата река“(1994),
„ Мостовите од округот Медисон“ (1995), „ Ѓаволот носи Прада“ ( 2006), „ Мама Миа“ (2008), „Железната лејди“ (2011), „ Суфражетки“ ( 2015)…
Во брак е со скулпторот Дон Гамер со кого има четири деца. Една од нејзините ќерки Мами Гамер , родена во 1986 година стана актерка. Досега настапила во 30тина филмски и тв проекти. Едни од последните филмови кои таа ги има реализирано се „Торта“ каде настапува покрај Џенифер Анистон и актуелниот „Рики и Флеш“ каде игра покрај својата мајка. Колку ќе се приближи до она што го направи мајка и’,останува да покаже времето.
КАТРИН ДЕНЕВ – КЈАРА МАСТРОЈАНИ
Една од најпродуктивните актерки во Европа секако е француската актерка Катрин Денев која досега има остварено над 120 улоги. Родена е во 1943 година како Катрин Фабиен Дорлеак . На филмското платно дебитира во мјузиклот „ Шербурските чадори“
во 1964 година.Се паметат нејзините улоги во неколку култни филмови како онаа во филмот на Луис Буњуел „ Убавицата на денот“ во 1967, или „ Последното метро“ на Франсоа Трифо од 1980 година, „ Танц во темнината“ на контроверзниот Ларс Вон Трир од 2000 и други. Со несмалено темпо работи и денес.Многумина ја сметаат за икона на францускиот филм кој во својата долга филмска кариера има настапувано со најголемите и најпопуларните имиња на францускиот филм и пошироко.Во2012 година беше гостин на фестивалот „ Браќа Манаки “во Битола.
Во 1992 година беше номинирана за оскар за улогата во филмот „ Индокина“. Имаше номинација и за наградата Златен Глобус за улогата во филмот “ Убавицата на денот“.
Нејзиниот приватен живот е мошне интересен и бурен.Единствен законски маж во нејзиниот живот беше Дејвид Бејли. Со режисерот Роже Вадим со кого соработува на почетокот од кариерата ќе го добие синот Кристијан Вадим а со познатиот италјански актер Марчело Мастројани ,со кого сними пет филма, ја има ќерката Кјара Мастројани ,која е родена во 1972 година.
Кјара ,денес е позната актерка која зад себе има 50 тина улоги , почнувајќи од првиот филм „ Мојата омилена сезона “ од 1993 па се’ до последната „ три срца “ од 2014 година.
Ѓоко Симјаноски – Публицитет.мк