Со купување билет до поголем развој во културата. Ова е пораката што се испраќа со новата кампања на Охридско лето што од оваа година интензивно ќе се води се со цел да се зголеми процентот на продажба на влезните билети.
Публиката сака квалитет а за да се има светски познати уметници на сцена треба токму љубителите на уметноста да го испочитуваат нивниот настап. Нашата публика мора да почне да инвестира во сопствената култура. Мора да се има однос кон културата, велат од Охридско лето.
-Нашата цел е да го зголемиме процентот на продажба на влезните билети. Со купување на билет за настаните на Охридско лето се дава огромна подршка на културата и развојот на културните вредности. Со вакви заложби и во иднина ќе се промовира уметноста и културниот туризам и надвор од државата. Само на тој начин ќе го продолжиме градењето на културниот просперитет на државата, вели директорот на Охридско лето, Оливер Арсовски.
Од Фестивалот велат дека ваквата идеја е позитивно оценета од јавноста. Досега никој не одбил да купи билет. Платиле и оние кои по традиција добивале гратиси меѓу кои имало и стопанственици, директори, политичари… Прв од нив на касата застанал пратеникот Александар Николовски кој на билетарата во Дирекцијата на Охридско лето си ги платил трите билети за концертот на Елина Гаранча.
Странските туристи пак по традиција си купувале билети. Веднаш по објавувањето на програмата за настапот на светски познатата Елина Гаранча, голем бил бројот на резервации од Србија, Хрватска,Грција, Франција, Турција, Белгија, Данска, Австралија.
Инаку гратисите ќе бидат достапни за децата без родители, самохрани мајки и лица со ивалидитет. Како што информираат од Охридско лето, за овие ранливите слоеви на населението, преку Црвениот крст Охрид ќе се доделат 30 гратиси за концертот на Елина Гаранча која на 12 јули на Античкиот теарар ќе настапи на свеченото отворање на Охридско лето, заедно со диригентот Ион Марин од Австрија и Оркестарот на Македонската опера и балет.
Публицитет.мк