Летото е во полн ек и затоа и овојпат ќе се потсетиме на еден голем летен музички хит. Се работи за француската песна „Капри заврши“ во исполнение на Херве Вилард кој е и автор на оваа композиција која за првпат е објавена во јуни 1965 година.Ова беше негов дебитантски сингл кога тој имал 19 години .Песната станува голем француски летен хит заедно со песната „Алин“ на Кристоф, за која веќе говоревме порано.
Вилард песната ја испеал на седум јазици и веднаш станува познат а синглот ќе се продаде во 3,3 милиони примероци од кои 400000 примероци во Франција.
Песната е дебитантски сингл на Херве Вилард за компанијата Меркур за која го потпишал својот прв договор.Тој не сакал да снима песни на англиски јазик кои биле дел од каталогот на компанија кои му биле понудени на младиот дебитант.Тој сакал неговиот прв сингл да содржи песна на француски јазик и ја понудил песната за која го напишал текстот и музиката.
Вилард инспирација за песната ја добил кога тој во една од станиците на париското метро видел промотивен постер за Капри , италијански остров во Тиренското море кој се наоѓа наспроти Неапол.Песната евоцира спомени за распадот на една љубовна врска која започнала и завршила на овој остров.
Насловот на песнтата е составен од името на островот Капри и зборот „Заврши“кој е всушност насловот на еден тогашен голем хит на Шарл Азнавур. Овие два збора преставуваат и рефрен на овој голем музички хит.
Песната доживеа голем број на кавер верзии. Една од најпознатите е изведбата на инструментална верзија на оркестарот на Каравели во 1965 година. Песната на својот репертоар ја ставија и голем број на други француски оркестри како оние на Пол Мориа и Франк Пурсел но и голем број на познати инструменталисти.
Во 1965 година песната ја испеа и францускиот канаѓанец Серж Лампрајд. Во 1980 година канадскиот изведувач Рене Симард направи своја верзија на овој голем француски хит а во 1994 година француската панк рок група „ Лудвиг Фон 88“ направи панк верзија на овој голем хит на Вилард.
Десет години подоцна песната ја испеа и вокалната група „ Индиго“.
Англиската верзија која носи наслов „ Бакни ме утре за збогум“ а ја интерпретира британецот Винс Хил е дел од неговиот албум „ Прекрасно“ а е издаден во 1967 година.
Американската верзија ја направи пејачката Лаина Казан.
И познатиот австриски интерпретатор Удо Јургенс го испеа овој голем хит на италијански и германски јазик.
Холандаската верзија на оваа песна најпрвин во 1966 година ја направи Кони Ван Де Бос а во 1988 година уште една верзија на холандски јазик направи Доран а во 2002 година третата холандска верзија ја направи Фреди Бирсет.
Сето ова говори за вредностите и големата популарност на овој голем француски хит на кој ќе ве потсетиме со неговата оригинална верзија од 1965 година во изведба на нејзиниот автор и интерпретатор Херве Вилард.
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк