Со ваква Шекспировска дилема се соочуваат љубителите на филмот ширум светот , но разбира се и филмаџиите односно произведувачите и киноприкажувачите.Дали нивните губитоци ќе бидат помали од веќе објавената бројка од 20 милијарди долари, доколку кино салите проработат кон средината на јули ( како што има најави), останува да почекаме и да видиме.
Во меѓувреме, во повеќе градови во светот започнаа да работат драјв – ин кината на отворено каде се прикажуваат филмови на големи филмски платна која публиката ги следи од своите автомобили , се разбира со примена на сите заштитни мерки од
корона вирусот.Меѓу првите вакви кина беа отворени во Осло(уште во април), во Техеран, Вараждин, Прага,Вилнус и Сеул (во мај) а од први јуни вакво кино ќе биде отворено и во Белград.
Но, да видиме кои филмови се најавени за прикажување во кино салите во пост пандемскиот период.
Според информациите кои се објавени во светскиот филмски печат, најновиот филм на познатиот режисер Кристофр Нолан „ Тенет“, би требало да биде првиот филм кој на 17. јули премиерно ќе биде прикажан во кино салите по пандемијата.Дали филмот ќе влезе во историјата како филм кој ќе го спаси „Холивуд од пропаст“, е прашање со кое се занимаваат сите познавачи на филмот.
Филмот преставува научнофантастичен трилер кој говори за шпијунажа и патување низ времето .Во филмот главните улоги ги толкуваат Роберт Патисон и Џон Дејвид Вошингтон.Инаку ова е еден од ретките филмови чија премиера од самиот почеток беше предвидена токму за овој датум
„ Најголемата желба на Крис е неговиот филм „ Тенет“ да ги отвори светските кино сали. Не знам некој кој е толку посветен и кој повеќе работи на тоа кино салите повторно да проработат од Крис Нолан“ рекол председателот на компанијата ИМАКС Ричард Гелфонд.
Но, желбата на режисерот на овој филм чиј продукциски буџет бил 200 милиони долари без вклучени трошоци за рекламна кампања, е едно, а реалноста е сосема друга.
Имено, иако пандемијата ширум светот полека се смирува, само во неколку земји се отворени кино сали со значително намален капацитет и со употреба на заштитна опрема.
Од друга страна ниту најголемите оптимисти во светот на филмот не веруваат дека ситуацијата во јули ќе биде нормална и дека кино салите ќе работат како и пред појавата на вирусот.
Конечната одлука на „ Ворнер брос“ за судбината на „ Тенет“ ќе се знае најдоцна за десетина дена, кога , ако се’ остане според планот, би требало да започне маркетиншката и филмската кампања за враќање во кино салите.
Ако се’ биде во ред , веднаш по филмот на Кристофер Нолан на 23. јули би трбало да биде одржана премиерата на дизниевиот игран филм „ Мулан“ кој е направен според анимираниот филм на компанијата Дизни во режија на Ники Каро. Филмот ја раскажува приказната за кинеската легенда Мулан , бестрашната млада дама која ризикува се’заради љубовта кон семејството и татковината за да стане една од најголемите воени херои кои Кина некогаш ги имала.Филмот својата првична премиера требаше да ја има во месец март.
Во месец август (7.август) би требало да се одржи премиерата на продолжението на анимираниот филм за „ Сунѓерот Боб“ а на 12. август премиерата на „ Чудо од жена1984“
Кон крајот на летото се очекува премиерата на уште еден потенцијален блокбастер. Се работи за филмот„ Празен човек“ кој преставува научнофантастичен хорор чија приказна е темелена врз истоимениот стрип и ја следи судбината на некогашниот полицаец кој ненадејно доаѓа до стравично откритие.
Неколку интерсни играни филмови треба да бидат прикажани оваа есен. Така , на 17.септември премиерно ќе биде прикажан третиот дел од франшизата за Кингсман
„ Почеток“ во кој има нови лица но тука се и добро познатите актери Ралф Фајнс и Џејмс Атертон.
Потоа следува филмот„ Смрт на Нил“ на режисерот Кенет Брана според делото на Агата Кристи.Да се потсетиме, само пред три години тој направи свое видување на уште едно дело на Агата Кристи, „ Убиство во Ориент експрес“.
На петти ноември од студиото на Марвел доаѓа потенцијалниот блокбастер „ Црната вдовица “ со Скарлет Јохансон во главната улога а на 25 ноември се очекува премиерата на најновиот филм за Џемс Бонд „ Нема време за умирање“ кој требаше пред публиката да излезе во април.
Комедијата на прославениот режисер Вес Андерсон , „ Францускиот диспечер“ , претендира да биде годинешен филмски хит. Се работи за филм кој прераскажува неколку приказни од списанието кое го создал американец кој живее во еден измислен град во Франција и кој пред гледачите доаѓа кон крајот на ноември.Главните улоги ги толкуваат Кростоф Волц, Бил Мари, Тилда Свинтон и други.
Покрај анимираниот филм „ Еден и единствен Иван“како комбинација на авантура и специјални ефекти кој премиерно ќе биде прикажан на 20. Август, компанијата „ Дизни“ која стои зад овој филм , во ноември заедно со компанијата „ Пиксар“ ќе се престават со анимираната комедија „ Душа“. Филмот ќе ги поведе гледачите на еден долг пат од улиците на Њујорк до вселенските царства за да ги открие одговорите на најважните животни прашања.
И конечно, за 24. Декември, предвидена е премиерата на римејкот на филмот „ Приказна од западната страна“ кој во 1961 година освои 10 награди Оскар меѓу кои и оној за најдобар филм. Новата современа верзија ја потпишуваат режисерот Стивен Спилберг и сценаристот Тони Кушнер.Приказната за несреќните љубовници кои се обидуваат да останат заедно и покрај постојаната војна на спротиставените банди , е прилагодена за новата генерација.
И кога веќе ги споменавме наградите Оскар , еве една информација која беше објавена деновиве а која е поврзана со нив.
Имено, Академијата за филмска уметност и наука ја разгледува можноста за одложување на церемонијата на доделувањето на 93. Оскари, која е закажана за 28. Февруари. 2021 година заради доцното започнување со прикажување на филмовите во кино салите со што се померени и роковите за пријавување на филмовите кои би конкурирале за наградите.
Но, сеуште конечно ништо не се знае како сето тоа ќе изгледа. Во наредните денови се очекуваат поконкретни одговори и одлуки за многу нешта сврзани со филмската индустрија и уметност.
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк