
Денеска во Охрид, се одржа работна средба на градоначалникот Константин Георгиески и градоначалничката на Полскиот град Огроџењец, на кој присустувуваа и претставници на двете општински администрации и бизнис заедници од двата града. Иницијативата за оваа средба доаѓа како резултат на претходните средби на градоначалниците, а се очекува во наредните денови соработката да добие и институционална форма.
–Јас се надевам дека оваа соработка нема да остане само добра волја на хартија, туку дека ќе се продлабочи во иднина. Особено ми е драго што на оваа средба се присутни луѓе од речиси сите области во бизнисот и се надевам дека работата во групи ќе даде посебен придонес и во иднина ќе прерасне во сериозна бизнис соработка со големи потенцијали. Охрид како град сам по себе нуди широка лепеза на области за развој и меѓусебна соработка, почнувајќи од туризмот и угостителството како град којшто е лоциран на едно од најстарите природни езера во светот. Но, не е само туризмот, ние како локална самоуправа цврсто се залагаме за развојот на индустријата во градот, и во таа насока имаме изготвено стратегија за привлекување на инвестиции во индустриските зони – истакна во своето обраќање градоначалникот Константин Георгиески.

Претставниците на двете општински администрации и бизнис заедниците разговараа на повеќе теми и се согласија дека помеѓу Охрид и Огроџењец може да се воспостави блиска соработка во повеќе области.
–Почнавме да соработуваме со градоначалникот на Охрид и имам надеж дека ќе продолжи таа соработка. Соработката меѓу две општини и бизнис секторот се најважниот маркетинг за две општини и ако заедно се претставуваме тоа ќе биде двојно задоволство и двојно повеќе работа. Но, тоа не е најважно во една општина, грижата за своите локални жители е најважното нешто за една општина- истакна градоначалничката на Огроџењец Ана Пиларцук.
Денешната работна средба е во организација на Полскиот Тур-оператор “Рего Бис“, преку кој доаѓа најголемиот број на полски туристи во нашата земја.
Извор:www.ohrid.gov.mk







