Часовите по македонски јазик и литература можеби не се омилени помеѓу голем дел од учениците, меѓутоа дефинитивно може да се каже дека книгите кои се читаат на училиште предизвикуваат страст кај луѓето.
Анкетата која неодамна ја спроведивме ја одговорија 700 испитаници. Таа покажа дека иако Македонците сакаат да читаат најмногу трилер и мистерија, сепак „Малиот принц“ од Антоан де Сент Егзипери се покажа како најомилената книга меѓу македонската нација со 70% од гласовите. Интересно е тоа што во анкетата се јавува како омилена книга, но не и омилена лектира. Впрочем, во одговорите за омилена лектира, „Малиот принц“ е застапена помалку од 2%. Ова покажува дека луѓето ја сфаќаат пораката на книгата на многу подоцнежна возраст.
Веднаш после „Малиот принц“, се наоѓа „Шепнувачот“ од Донато Каризи со 20%, додека „Ангели и демони“ на Ден Браун се најде на трето место со 10%.
Кога станува збор за лектири кои ги читавме во основно одделение, се чини дека „Хајди“ на Јохана Шпири е апсолутен победник. Дефинитивно, приказната за малото девојче на сите им оставила навистина добар впечаток и за неа гласале 65% од испитаниците . Веднаш после неа е „Марта“ на Горјан Петревски со 25%, а на третото место се најде „Робинзон Крусо“ од Даниел Дефо со 10%.
Од делата во средно образование пак, најомилено е „Злосторство и казна“ на Фјодор Достоевски со 58% од гласовите. Второто место му припаѓа на „Пиреј“ од Петре М.Андреевски со 35%, а на трето место се најде „Клетници“ од Виктор Иго со 7% од гласовите.
Омилениот светски автор меѓу Македонците е Гијом Мисо со 55% од гласовите, иако никоја од неговите книги не се најде меѓу трите најомилени книги на Македонците. Веднаш после него е Достоевски со 35%, а третото место му припадна на Ден Браун. Од домашните автори, најмногу преовладуваше името на Петре М. Андреевски со 65% од гласовите. На второто место се најде Венко Андоновски со 23%, а на трето место Горјан Петрески со 12%.
Извор: www.fakulteti.mk