Откако пред извесно време магазинот „ Форбс“ ја објави листата на десетте најплатени филмски актерки во светот за 2016 година , пред некоку дена овој магазин ја објави и листата на десетте филмски актери во светски рамки кои заработиле најмногу во 2016 година.И во овој случај , како и кај актерките, заработката е пресметана за периодот од 1. Јуни. 2015 до 1. Јуни. 2016 година.
Веднаш паѓа во очи дека заработката на машките актери во однос на нивните колешки е поголема(во некои случаи и до три пати).
Интересно е да се напомене дека меѓу првите десет се наоѓаат дури пет актери кои биле на оваа листа и во изминатата година.Оваа година на оваа листа ги нема Бредли Купер, Адам Сендлер, Марк Волберг и двете азиски ѕвезди Амитаб Басхакан и Салман Кан . На нивните места се најдоа нови шест актери кои според остварената заработка се најдоа на ова скалило на магазинот „ Форбс“,каде на изненадување на многумина на првото место се искачи Двејн Џонсон кој воопшто не бил на листата во изминатата 2015 година.Истото може да се каже и за останатите пет актери кои во изминатата 2015 не биле меѓу првите 10.
Евидентна е и помалата заработка на скоро сите актери (освен кај двајца) во однос на изминатата година, што беше случај и кај актерките.
Но, еве како изгледа листата на десетте најплатени актери за оваа 2016 година во светски рамки:
10. БРЕД ПИТ (заработка од 31, 5 милиони долари)
За актерот, и во поново време продуцентот , Бред Пит и не треба многу да се говори од едноставна причина што се работи за актер кој има огромен број на филмови кои имаа извонредна гледаност а неговиот приватен живот , барем за жолтиот печат, е исто толку интересен како и оној актерскиот.
Поголемиот дел од неговата минатогодишна заработка од 31,5 милиони долари се должи на извонредниот успех на филмот „ Обложување на столетието“во режија на Адам Мекеј кој имаше пет номинации за Оскар но и одличен прием кај публиката. Филмот имаше релативно мал буџет од 28 милиони долари но неговата заработка во светски рамки се искачи на 133 милиони долари , што на Бред Пит, како еден од продуцентите на филмот и еден од толкувачите на главните улоги, му донесе вистинско богатство.
9. АКШАЈ КУМАР (заработка од 31,5 милиони долари)
Индискиот актер Акшај Кумар е еден од петте актери кој и изминатата година се наоѓаше на листата на „ Форбс“.Тој оваа година го дели десетото место со Бред Пит со заработени 31, 5 милиони долари што изнесува еден милион долари помалку во однос на изминатата година кога се најде на 9 тото место меѓу десетте актери со најголема заработка.
Акшар Кумар такаречи од никаде влезе во Боливудската филмска индустрија. Имено, тој студирал боречки вештини во Хонг Конг а веднаш потоа започнал да работи како манекен каде станал мошне баран и популарен. Како резултат на тоа стигнале понуди и за снимање на филмови. Заради неговиот физички изглед и поседувањето на боречките вештини тој мошне брзо станал првиот избор на многу филмаџии кои снимале авантуристички филмови. Кариерата ја започнува во 1987 година а вистински пробив прави во 1991 година со филмот „ Сауганд“.Голема популарност стекнува и со тв серија „ Килади“ која всушност преставува индиска верзија на Џемс Бонд. Останатото е историја. Досега настапил во над 120 филмови.
Годинешната заработка се должи на успехот на четирите филма кои тој ги направи во изминатата и оваа 2016 година.
8. РОБЕРТ ДАУНИ ЈР: (заработка од 33 милиони долари)
Од актерите кои и изминатата година се наоѓаа на листата на „ Форбс“, најголем пад според заработката доживеа актерот Роберт Дауни јр. кој од првото се најде на осмото место со заработка од „ само“ 33 милиони долари, заработени пред се’ од неговото учество во блокбастерите „ Одмазници: Годината на Ултрон “ од 2015 и „Капетан Америка: Граѓанска војна“ од оваа 2016 година.
Изминатата година тој неприкосновено владееше со врвот на оваа листа со заработката од фантастични 80 милиони долари.
8.ШАХ РУК КАН ( заработка од 33 милиони долари)
Уште еден индиски актер се најде меѓу првите 10 на годинешната листа на „ Форбс“. Се работи за Шах Рук Кан кој го дели осмото место со Роберт Дауни јр. со заработени 33 милиони долари.
Кан, својата актерска кариера ја започна во 1988 година настапувајќи во тв серии во кои ќе настапува до 1992 година . Своето филмско деби го има во истата година во филмот „ Девана“ кој ќе забележи голем успех.Потоа следуваат настапи во голем број на филмски остварувања каде толкува улоги на злобник по кои стана славен. Досега настапил во 90 тина филмови.Досега тој има освоено осум филмски награди како најдобар актер кои ги доделува индиската филмска индустрија. Освен тоа тој е еден од актерите кои имаат огромен успех на кино благајните што резултира со голема заработка со која зад себе ги остави и најголемите холивудски филмски ѕвезди како :Леонардо ди Каприо со заработени 27 милиони долари и покрај добиениот Оскар, Вил Смит со заработени 20,5 милиони долари, Метју Мек Конајху со 18 или да речеме Харисон Форд со заработени 15 милиони долари на 20 тото место според заработката во оваа 2016 година.
7. ВИН ДИЗЕЛ (заработка од 35 милиони долари)
И акциониот актер Вин Дизел оваа година иако се наоѓа на листата на 10 те актери со најголема заработка, сепак доживеа голем пад за четири места во однос на изминатата 2015 година , кога беше на високото трето место со заработка од 47 милиони долари. Годинава неговата заработка во однос на лани е помала за цели 12 милиони долари и изнесува 35 милиони долари.
Неговата заработка за оваа година пред се’ се темели врз два негови филма од 2015 година „ Брзи и бесни 7“ и “ Последниот ловец на вештерки“ кои поминаа солидно на кино благајните.
Се претпоставува дека тој и следната година ќе се најде на оваа листа од причина што наскоро се очекува осмото продолжение од франшизата „ Брзи и бесни“ како и други два три филма од кои се очекува многу на кино благаните ширум светот.
6. БЕН АФЛЕК ( заработка од 43 милиони долари)
Актерот , режисерот, сценаристот и продуцент во досегашната успешна кариера има освоено и две награди Оскар, но никогаш неговите филмови не биле блокбастери кои носат огромни заработки на кино благајните.Во моментот кога за потребите на филмот „ Бетмен против Супермен “ го облече костумот на Бетмен работите се сменија па неговото име се најде на оваа листа на актери со најголема заработка. Филмот во текот на оваа 2016 година заработи над 872 милиони долари во светски рамки што секако во голема мерка влијаеше врз заработхката на Бен Афлек. Мал удел во конечната заработка од 43 милиони долари има секако и учеството на Афлек односно Бетмен и во филмот „ Одредот на отпишаните“ кој досега заработи 646 милиони долари во светски рамки.
5. ЏОНИ ДЕП (заработка од 48 милиони долари)
Кога би се правела листа на актери за кои најмногу се пишуваше во жолтиот печат во текот на изминатата и првата половина од оваа година, тогаш сигурно на првото место ќе се најдеше Џони Деп , пред се ’ заради неговиот развод со актерката Амбер Хеарт. Џони Деп и покрај скандалите што го следат и понатака е интересен за филмаџиите па неговото име оваа година се најде на високото петто место на оваа листа според заработката. Според магазинот „ Форбс“ тој таму се најде заради заработката остварена од филмот„ Алиса зад огледалото“ но сепак главнината од заработените 48 милиони долари се однесуваат на неговиот хонорар за најновото петто продолжение на франшизата „ Пиратите од Кариби: мртвиот човек не зборува“ кој е веќе реализиран и се наоѓа во постпродукција чија премиера е закажана за 26. Мај. 2017 година.
4.ТОМ КРУЗ (заработка од 53 милиони долари)
Том Круз е еден од двајцата актери од оваа листа кој во оваа година заработил повеќе одколку во изминатата година. Имено тој со заработените 40 милиони долари изминатата година се најде на шестото место а оваа година благодарејќи пред се’ на заработката од филмот „Мисија невозможна: одметници“ кој во 2015 заработи 682 милиони долари се најде на високото четврто место со заработени 53 милони долари што е повеќе за 13 милиони долари во однос на изминатата година. Том Круз сигурно ќе се најде и догодина на оваа листа на „ Форбс“ од причина што во текот на оваа и почетокот на следната година ќе бидат прикажани неколку филмови во кои настапува тој а кои се потенцијални филмски хитови кои би требало да заработат многу пари.
3.МЕТ ДЕЈМОН ( заработка од 55 милиони долари)
Кога еден филм ќе заработ шест пат повеќе од вложените пари во него, тогаш нормално е актерот кој ја толкува главната улога во тој филм да заработи многу пари кои ќе го искачат на третото место на листата на актери со најголема заработка во оваа 2016 година. Се работи за фимот„ Марсовец“ на режисерот Ридли Скот во кој главната улога ја толкува Мет Дејмон кој директно се најде на третото место на оваа листа со заработени 55 милиони долари.Во оваа заработка не е влезена заработката на Мет Дејмон што тој ќе ја оствари од филмот „ Џејсон Борн“ кој премиерата ја имаше на 29. јули и кој досега заработи околу 350 милиони долари.
2. ЏЕКИ ЧЕН ( заработка од 61 милион долари)
Кинескиот актер Џеки Чен е еден од ретките кој подеднакво е популарен и во родната земја и во Холивуд. Неговите филмови без разлика каде се направени имаат подеднаков успех низ целиот свет. Одтаму и не зачудува податокот дека тој и изминатата и оваа година е вицешампион според заработката остварена во оваа година. Тој, покрај Том Круз е единствениот актер помеѓу десетмината на годинешната листа чија заработка е поголема од лани. Имено , тој изминатата година заработил 50 милиони долари а оваа година 11 милиони повеќе односно вкупно 61 милион долари.До крајот на годинава се очекува премиерата на уште четири негови филмови а во следната година уште три, што дава за право неговото име повторно да се најде на оваа листа на „ Форбс“.
1.ДВЕЈН „КАРПАТА“ЏОНСОН (заработка од 64,5 милиони долари)
Оваа година на првото место на листата на магазинот „ Форбс“ директно влета актерот Двејн Џонсон со заработка од 64, 5 милиони долари заработени од неговиот настап во седмото продолжение од франшизата „ Брзи и бесни“ како и од спектаклот „Сан Андреа“ кој во 2015 година во светски рамки заработи 473 милиони долари. И во наредниот период Џонсон пред публиката ќе се престави со нови остварувања кои сигурно на кино благајните ќе заработат купишта пари кои пак ќе му овозможат тој и следната година да се најде на оваа листа која ја подготвува магазинот „ Форбс“.
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк