Баба Пола – Поликсенија Стојаноска од Трпејца е родена 1930 година во време на гумната ( август ) Се’ уште е доволно витална и со задоволство прифати да зборува со нас.
Со клик на линкот слушнете го разговорот со Пола Стојаноска од Трпејца. Разговараше: Милчо Јованоски:
По прикажувањето на документарецот ИМЕТО СИ Е ИМЕ ширум светот, меѓу највпечатливите ликови во него секако е ликот на баба Поликсенија. Нејзиниот лик се наоѓа и на официјалниот плакат – пропаганден материјал на филмот. Таа нејзина уверливост и бранење на ставот дека името на земјата Македонија не смее да се менува ни го повтори и при средбата деновиве во Трпејца.
Наместо кај стариот мост баба Пола овој пат ни зборуваше седната на високо на една од терасите на кафеаната „Рибар“ сопственост на нејзиниот син Живко. Оваа 86 годишна старица ни раскажуваше за животот во Трпејца пред и по војната, за младоста и раната мажачка на 15 години, за свадбите ,ама и за своето име и за внуците Колче и Климе и за нивните деца – правнуците со кои најмногу се радува.
Ни кажа дека имаат копија од филмот и голема фотографија ама дека таа не го видела. Со насмевка ни кажа дека мнозина ја препознаваат кога ќе слезе во кафеаната и не и беше чудно што ние од Публицитет.мк ја побаравме за одблиску да чуе светот која е бабичката која не го дава името на својата татковина.
Ја прашавме дали постои рецепт за долг живот и храна што ја одржала витална, за погледот на животот денеска од кој е задоволна, но и за тагата за времето минато кога била млада …
Инаку, филмот ИМЕТО СИ Е ИМЕ досега е прикажан во Австралија, Северна Америка и Европа, како и кај нас.
Документарниот филм е снимен во 2008 и зборува за една нација која е заложник поради сопственото име. Тој е реализиран во меѓународна соработка со режисер од Исланд, американски продуцент, наратор од Британија и музика од меѓународни и македонски поп ѕвезди вклучувајќи го и Норвежанецот Мортен Харкет од групата А-ха.
Режијата е на Сигурјон Еинарсон, а филмот во целост може да се види на јутјуб каналот со превод и на македонски.
Публицитет.мк