Разговор со авторот Душан Ристевски по повод премиерата на „Куфер“
Минатата година за Австралиско македонскиот театар од Сиднеј беше една од најуспешните години. По втор пат беше ставена на сцена драмата „Ограда“ и премиерно изведена комедијата „Доктор Жими Мајка“ како и монодрамата „Ченто“. Со „Ограда“ Театарот се здоби со австралјанска национална награда за култура и уметност, а исто претседателот на Македонија Ѓорге Иванов на Театарот му додели Повелба за промовирање на македонската култура.
Театарот е во тек на подготовка и сценска изведба на најновото драмско дело на Душан Ристевски, „Куферот“. По тој повод поведовме разговор со Душан.
„Куферот“ – Интересно име за театарска престава?
За сите нас куферот, како куфер, во смисла на предмет и со целата метафора и мистичност што е опкружен куферот, има големо значење, кој носи во себе тајности од минатото и сегашноста, тајности што влијаат врз нашата иднина и иднината на оние што ќе го наследат. Сите ние од Македонија дојдовме со куфер/и и во нив со нас понесовме не само наши лични предмети, туку и предмети од нашите претци – да ни служат како среќа (амајлии), предмети важни за нашите семејства и предмети кои се со национални и религиозни обележја. Тоа често го правиме да си ја смириме нашата носталгија по родната земја или да си ги смириме нашите чувства во однос изгубеното детство, или разделбата од своите најмили. Исто и психички се чувствуваме сталожено со тоа што папочната врвца сеуште не сме ја прекинале. Значи куферот крие предмети, желби и сонови.
Што ве поттикна да ја напишете оваа драма
Иселувањето носи психичи трауми за тие што си заминуваат и за оние што остануваат во стариот крај. Траумите се поголеми кога присилно се одделуваме и го напуштаме својот дом, без разлика на годишната возраст, посебно ако не смееме да се вратиме на нашето старо огниште бидејќи сме Македонци. Тие трауми ги носиме со себе, во нашиот куфер, но исто наталожуваме други трауми кои сме ги здобиле во новата земја во која сакаме да имаме подобра иднина. Секогаш сум бил заинтересиран за суштината на нашата културна норма во семејството посебно на односот на мајката кон своите деца, пожртвеноста што ја прават родителите за да им обезбедат на децата материјална егзистенција, а со тоа и подобра иднина. Но во исто време постои страв од реалноста дека децата живеејќи во ова средина прифатиле нови влијаниа и со тоа ги напуштиле македонските стари културни норми дека родителите треба да се почитуваат и да не се злоупоптребува нивната добрина. Тука настанува недоверба во релацијата родители – деца и се копаат меѓучовечките односи кои носат конфликти и последици.
Значи ова е психолошка драма за вредностите и семејството
Опишувајќи го ликот на мајката која е стоична (Ангела) не дава нејзиниот мајчински дух да биде скршен и покрај секојдневните вербални малтретирања од своите деца. Во минатото таа била длабоко трауматизирана и тоа се наѕира во динамиката што настанува во ова семејство, а исто со тоа сакам да го свртам вниманието на трагедијата со која често сме соочени во животот. Животот носи позитивни и негативни моменти, има такви особини во кој има падови и кревање и излегување од тие паѓања. Но уште поважно е како, ние како човечки суштества, се справаме со таа трагедија, дали продолжуваме нормално да си го живееме својот живот или трагедијата ни остава црна дамка (петно) во нашата душа која тешко се брише и од која тешко се опоравуваме. Преку ликовите на синовите (Лазар, Димитар и Симон) сакам да покажам дека доколку не се почитуваат родителите се покажува дека самите ние не се почитуваме и сме изложени на непочит од секого, покажуваме колку сме слаби како личности, со плитки и празни души. Децата некогаш забораваат дека некој жртвувал нешто за нив за нивната иднина.
Авторот на драмата Душан Ристевски
Значи како и секогаш вреди да се види и да се ужива на вашата креативна моќ и моќта што театарот носи за публиката
Се надевам дека секој еден ќе извлечи нешто од „Куферот“ и ќе го понесе со себе. Преставата ќе биде многу поразлична од досега поставените драми, не само тематски туку и уметнички и сценски. Преставите се веќе зацртани, премиерната изведба е на 7 мај и истата ќе биде во склопот на Фестивалот за уметност во градската општината на Рогдаел. Другите престави во Рогдаел се на 8 и 28 мај. Закажана е престава во Волонгонг на 14 мај, а на 21 мај гостуваме во Банкстеон.
Инаку „Куферот“ е во режија на Стефо Нанцу, а улогите ги толкуваат: Валентина Апостоловска, Васко Србиновски, Никола Апостоловски, Самоил Митревски, Гордана Милошевска, Мена Ристевска, Руди Цветковски и Зоран Гулабоски.
Иван Трпоски од Сиднеј за „Публицитет.мк“