Под мотото: „Стоп за несериозноста на ЕВН“ денеска пред нивното седиште во Охрид мирен протест одржаа жители на село Куратица, предводени од претседателот на МЗ Куратица Горан Ангелоски.
Ангелоски на раководството на охридската подружница на ЕВН му предаде писмено барање за еднаш за секогаш да се надмине проблемот на жителите од Куратица и регионот со честите прекини на струјата.
Од ЕВН ветиле дека ќе ги разгледаат барањето и дека ќе почнат со замена на распаднатите бандери преку кои се врши преносот на енергијата. Во продолжение ви го предаваме во целост писмото со барања на МЗ Куратица до ЕВН.
-Ви се обраќаме во име на жителите на населеното место Куратица, и на околните планински села, во регионот на планинскиот предел на Мазатар. Селото Куратица лежи североисточно од градот Охрид, на 20 км оддалеченост а со градот е поврзано преку локалниот пат Куратица – Прентов мост во должина од 5 км па од тука преку регионалниот пат Охрид – Ресен.
Селото лежи на 1100 метри надморска висина и брои 300 жители. Последните 10 години со планирана стратегија за развој, населението на ова село бележи исклучителни резултати во својот развој посебно во областа на развојот на туризмот и сточарството. Голем број на иселеници се враќаат во селото и се зголемува бројот на објекти за живеење како и бројот на стопански објекти.
Ова е последната жива рурална заедница во планинските предели на општината Охрид и представува пример за ревитализација на селските населби. Од таа причина сметаме дека е од исклучително значење функционирањето на инфраструктурата како основа за секојдневното живеење и опстанок на жителите и натамошниот развој.
Евидентно е дека деценија наназад еден од главните проблеми на селото е снабдувањето со електрична енергија преку дистрибутивниот систем на ЕВН – Македонија. Посебно се критични периодите на обилни врнежи, зимски периоди како и електрични атмосферски празнења во текот на целата година. Имено, системот на пренос на електрична енергија е се позачестено вон функција. Зимата пред две години селаните во текот на месец Јануари останаа две седмици во континуитет без напојување, минатата зима се случуваше истото во пократки термини меѓутоа многу чести а истото е евидентно и оваа зима. Нестабилноста на напонот е исто така голем проблем. При сето ова ве молиме имајте на ум дека жителите на селото во домаќинствата користат електрични, електорнски и информативни технологии, машини и апарати а на кои гореспоменатите проблеми предизвикуваат големи штети, често и непоправливи.
Сакаме да ви укажиме на застареноста и неодржливоста на системот на пренос на постоечката траса, па од тука се случува екипите на ЕВН во непристапни услови на трасата со денови да не се во можност да интервенираат на системот.
Човечки е пред се а и правно, на корисникот на услуга да му се обезбеди непречено користење на истата, како што е човечки и правно корисникот да плаќа месечен надомест за истата услуга.
Поттикнати од ваквите состојби:
Бараме:
- ЕВН Македонија итно да предложи план за неопходни инвестиции и изградба на нов систем за пренос на електрична енергија.
- За секакви дополнителни планови да се консултирате со нас, со цел да се најде заедничко полесно трајно решение.
- Да добиеме писмено известување за понатамошниот тек на работите
Со почит
Совет на месна заедница Куратица
Претседател
Ангелоски Горан
Публицитет.мк