
ТАКТУС е граѓанско здружение чија основна цел е да ги доближи уметноста и културата до луѓето преку концерти, изложби и културни настани. Во рамките на програмата и визијата на Тактус, иако во ограничени услови на пандемија, оваа година за прв пат ја организиравме летната сликарска школа за деца „Пробај уметност”.
Школата траеше 8 недели, а во неа работеа 16 деца ( на возраст од 5-11 години) и беа изработени 70 слики, а се одржуваше на отворен простор, во дворот на семејната куќа на Снежана и Тони Попови. На школата се изучуваа техниките на сликање со акрилни бои врз различни подлоги како медијапан, платно, картон и сликарска хартија. Воедно, децата учеа за познати сликари како Ван Гог, Пикасо, Модиљани, Кандински, Сезан, Матис и правеа репродукции на нивни слики.

“Изминативе осум недели, додека работевме на делата, целта не ми беше да ги насочам децата да направат совршена копија од сликата која ја прават, туку да им дадам слобода да си вметнат внатре нешто свое, зашто уметноста без слобода е мачна работа. Исто така, на секој час им нагласував дека е многу важно да ни биде и забавно во текот на учењето, зашто уметноста без задоволство е исто така мачна работа. Во исто време, децата работеа со истите материјали со кои работам и јас, а сликите кои ги работеа се слики кои би им ги дал и на возрасни, слики за кои навистина е потребен труд, затоа што со цело срце верував (и сѐ уште верувам) во нивните способности. На крај, благодарност до родителите за укажаната доверба и одвоеното време и посебна благодарност до децата кои учествуваа во школата. Ми беше чест да им бидам ментор и во исто време, да учам од нив”. – Тони Попов, ментор на работилниците.

Како круна на летната школа, во среда, на 23 септември 2020, ќе биде отворена изложба насловена „Низ детските очи“ на која се поставени 60 слики, од кои 42 се интерпретации на познати слики, а 18 се слики со слободна тема. Изложбата ќе биде од затворен тип и наменета само за родителите на деацата, а ќе се одржи во дворот на куќата на Тони Попов.
Инаку, Тони е самоук сликар кој во изминативе 10 години активно работи и живее од сликарството. Досега има реализирано 4 самостојни и 6 групни изложби. Негови слики се продадени во 15 држави во светот. Во изминатиов период, континуирано одржува работилници во училишта и едукативни центри во Норвешка.
Публицитет.мк
Посетеност: 77