И во месец август традиционално се одржуваат неколку филмски фестивали како во Европа ,така и на просторите на некогашна Југославија.
Овојпат ќе говориме за два филмски фестивали едниот заврши а вториот започна на исти ден (20.август). Се работи за 22. Сарајево филм фестивал кој заврши во саботата со доделување на наградите и 51. Фестивал на актерските остварувања во Ниш , кој започна во саботата на 20. Август и ќе трае до 26 .август.
22. САРАЈЕВО ФИЛМ ФЕСТИВАЛ
На годинешниот 22.Сарајево филм фестивал , се повторија две работи од минатото издание – победникот и оваа година е дебитант и филмот повторно доаѓа од Турција. Се работи за филмот „ Албум“ на режисерот Мехмед Кан Мертоглу кому му припадна наградата Златно срце на Сарајево за најдобар филм.
Победничкиот филм иронично и повремено сатирично прикажува како за други се креира илузија на животот , како со наместени фитографии , внимателно наредени во фото албум, може да се раскаже сопствената лична историја која никогаш не се случила . Авторот го одсликува времето во кое повеќе им веруваме на фотографиите отколку на стварноста(иако никаде во филмот не се споменуваат друштвените мрежи и дигиталните фотографии, сепак тој современ глад по дигиталната фотографија може да се насети од секој кадар во филмот каде идните родители позираат пред аналоген фотоапарат).
Филмот ,кој според зборовите на еден од продуцентите , бил започнат благодарејќи на фестивалот во Сарајево, воедно ја критикува и бирократијата на државните институции во Турција.Како копродуценти на овој филм се појавуваат Данис Тановиќ и Чедомир Колар.
Годинешното жири кое ги оценуваше филмовите во трката по главните награди , беше предводено од председателот Елија Сулејман ,режисер од Палестина и членовите:Зејнет Атакач ,продуцентка од Турција, актерот Никола Ѓуричко од Србија, Томас Хаилер , куратор на меѓународниот филмски фестивал во Берлин од Германија и Ангелики Папаоулиа, актерка од Грција,одлучи специјалната награда на годинешниот фестивал да му ја додели на бугарскиот филм „ Безбонжица“ на режисерката Ралиса Петрова, кој само пред неколку дена на 69.фестивал во Локарно беше прогласен за мајдобар.
Според жирито се работи за впечатлив и тежок филм кој говори за жителите на едно малечко градче во Бугарија кои се препуштени сами на себе во посткомунистичкиот период на оваа земја.Режисерката на филмот Ралиса Петрова со овој филм подига споменик на жртвите од посткомунистичкиот период на Бугарија преку раскажувањето на приказната за животниот пат на медицинската сестра Гана во интерпретација на актерката Ирена Иванова која ја освои наградата„ Срце на Сарајево“ за најдобра женска улога.Да се потсетиме, актерката Иванова само пред неколку дена ја освои и наградата за најдобра актерка за улогата во истиот филм на штотуку завршениот 69. Филмскио фестивал во Локарно.
Безбожницата Гана не ја следи новата религија каде најлошите живеат во рајот и осознава дека постои само еден излез.Таа игра лик на жена која наговестува бунт кој никогаш не може да биде остварен.
Наградата „Срце на Сарајево“ за најдобра машка улога жирито му ја додели на романскиот актер Георге Вису за извонредната улога во филмот „ Кучиња “ дебитантскиот филм на режисерот Богдан Миричеа.Иако со актерство се занимава веќе 40 години името на овој актер ретко може да се сртетна во фестивалски играни филмови. Овој актер од Романија е повеќе познат по своите улоги во сериски филмови и по настапите на телевизија.
Во категоријата документарен филм жирито ,предводено од Тина Фишер-основач и директор на фестивалот CPH:DOX (Данска), одлучи за најдобар документарен филм да го прогласи филмот „ Само здив“ на романката Моника Лазуреан.Оваа режисерка во текот на седум години го следела секојдневниот живот на едно религиозно сиромашно семејство кое живее во едно загадено место во Трансилванија кое наместо лекот за болната ќерка да го бараат во медицината тие ја чекаат помошта од господ.
Специјални награди жирито им додели на филмовите:„ Баглар “ од Турција и „Scream for me Sarajevo“ од Босна и Херцеговина. Филмот говори за концертот на Брус Дикинсон, фронтменот на групата „ Ајрон мејден“ , и воопшто за музиката во военото Сарајево.Овој филм ја освои и наградата на публиката и тоа со највисока оценка од 4,99 која досега е доделена во историјата на овој фестивал.
Меѓу наградените филмови на годинешниот фестивал во Сарајево се најде и еден филм од Србија. Имено, во категоријата најдобар кусометражен филм ,жирито предводено од Фатима Ѓоумер од франција,одлучи наградата да му ја додели на српскиот кусометражен филм „ Транзиција“ на режисерката Милица Томовиќ . Филмот ја раскажува приказнта за една студентка која се простува од најблиските , но и од дотогашниот живот и идентитет, заминувајќи за Америка за да го смени полот, тајна која ја знаат само две личности додека останатите мислат дека таа таму оди на студии.
Жирито додели и две специјални признанија на филмовите„4:15 попладне, крај на светот“ од Романија и „ Ѕвер“ од Хрватска.
За најдобар игран филм според мислењето на публиката е прогласен филмот „Неславно славната Флоренс“ на режисерот Стивен Фрирс со Мерил Стрип и Хју Грант во главните улоги.
Според изборот на младата публика , за најдобар филм е прогласен српскиот „Дневникот на машиновозачот“ на режисерот Милош Радовиќ со Лазар Ристовски во главната улога.
Главна ѕвезда на годинешниот фестивал која прошета по црвениот килим во Сарајево, секако беше амариканскиот актер Роберт де Ниро кој ја доби специјалната награда за животно дело и кој го отвори фестивалот кога во негова чест беше прикажана реставрираната верзија на филмот „ Таксист“ на Мартин Скорсезе по повод 40 те години од неговото премиерно прикажување.
Награда почесно Срце на Сарајево му беше доделено и на англискиот режисер Стивен Фрирс за неговиот придоне на светот на филмот. Во чест на овој режисер кој многумина го сметаат за еден од најистакнатите и најпровокативните режисери на денешнинава беше организирана специјална програма на која беа прикажани неколку негови филмови. Освен тоа во рамките на програмата Open Air беше прикажан и неговиот последен игран филм „Неславно славната Флоренс“.
И Македонија на одреден начин учествуваше на годинешниот фестивал во Сарајево.Имено, во рамките на една од пропратните програми на фестивалот именувана како „ Предпремиери“ беше прикажан филмот „ Ослободување на Скопје“ на режисерите Раде и Данило Шербеџија. Во Сарајево на проекцијата на филмот беа присутни режисерите како и еден од прдоуцентите од Македонија Роберт Насков како и малечкиот Давид Тодосовски кој ја толкува главната улога во овој филм кој својата званична премиера треба да ја доживее за дваесетина дена на фестивалот на филмската камера „ Браќа манаки “ во Битола.
Вториот македонец кој беше застапен со филм во Сарајево беше актерот Никола Ристановски кој ја толкува главната улога во црногорскиот филм „ Игла под прагот“ во режија на Иван Маринковиќ. Овој филм беше прикажан во рамките на натпреварувачката програма.
На годинешниот фестивал беа прикажани вкупно 222 филма од 61 држава во светот.според организаторите на фестивалот, бројните програми во текот на деветте фестивалски денови ги следеле околу 100000 гледачи.
Следното 23. Издание на Сарајево филм фестивал ќе се одржи од 11 до 19 .август .2017 година.
51.ФЕСТИВАЛ НА АКТЕРСКИ ОСТВАРУВАЊА ВО НИШ
Со церемонија на свечено отворање во саботата на Летната сцена во Градската тврдина во Ниш пред повеќе од 3500 љубители на филмот, започна 51.Фестивал на актерските остварувања во српскиот филм , манифестација позната и како Филмски средби.Традицијата продолжи и оваа година кога на председателката на годинешното жири, познатата актерка Слобода Миќаловиќ, градоначалникот на градот и’ ги врачи клучевите на градот. Актерката поздравувајќи ги присутните и гостите на фестивалот крато рече: „ Тврдината е наша“.
На свеченото отворање на фестивалот од рацете на председателот на здружението на актерите на Србија ,Владан Живковиќ, му беше доделено престижното признание „Павле Вујисиќ“ на актерот Лазар Ристовски кое се доделува за исклучителен и посебен придонес во српската кинематографија.
Примајќи ја наградата ,Лазар Ристовски ќе рече: „ Најтешко е во своето село да бидеш пророк, така е најтешко и од своите колеги да добиеш награда. За мене ова е награда за животно дело, српски Оскар.“ По примањето на наградата тој со помош на публиката го прогласи фестивалот за отворен.
Во текот на првата фестивалска вечер на која на присутната публика и се поклонија четриесетина српски актери, беа прикажани филмовите „ Дневникот на машиновозачот“ на режисерот Милош Радовиќ и „ Спогодба„ на режисерот Предраг Радоњиќ.И двата филмови се дел од натпреварувачката програма на годинешниот фестивал која содржи 12 филмови кои се реализирани во Србија во периодот од изминатиот до годинешниот август.
За наградите одлучува жирито предводено од председателката Слобода Миќаловиќ а тука се уште и Танасије Узуновиќ и Калина Ковачевиќ.
На овој фестивал исклучиво се доделуваат награди само на актерите. Така , главните награди на фестивалот се:Гран при „ Наиса“ за најдобар актер, статуетки на царот Костантин за најдобра машка и царица Теодора за женска улога, како и повелби во обете конкуренции и за најдобри епизодни улоги. Се доделува и повелба за најдобра креација на актер дебитант.Освен овие награди се доделуваат и награди врз основа на гласовите на публиката.
Фестивалот завршува во петок на 26.август, кога ќе бидат соопштени добитниците на наградите и кога ќе бидат прикажани два филма надвор од конкуренција по награди.
Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк