
Вечерва во Мотовун (Хрватска) со доделување на наградите завршува годинешното издание на овој фестивал кој започна во вторникот на 27. јули.
Изминатиот петок, на 23.август заврши 28 то издание на европскиот филм во Палиќ кој започна на 17. Август, на кој беа доделени наградите а истиот ден во Пула со прогласувањето на најдобрите заврши 68. издание на најстариот филмски фестивал во бившите југословенски простори. И конечно , во неделата на 25. јули со прогласувањето на победниците заврши годинешното 4.издание на Бич филм фестивалот во Охрид.
Следува пошироката информација за добитниците на наградите на овие три фестивали.

28.ПАЛИЌ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ – НАГРАДИ
Со свечената церемонија на доделувањето на наградите на најдобрите европски остварувања , проекцијата на филмот „Војвода“ на режисерот Роџер Мичел и првите две епизоди од српската серија „Клун“ на режисерите Јелена Гавриловиќ и Урош Томиќ , во петокот на 23.јули на Летната сцена ,беше затворен 28. Фестивал на европскиот филм Палиќ.

Меѓународното жири за најдобар филм од Главната натпреварувачка програма на фестивалот го прогласи „ Најлошото лице на светот“ на норвешкиот режисер Јоаким Трир.Во образложението на жирито се вели дека наградата му се доделува за мајсторството во користењето на сите елементи на кинематографијата и длабинското истражување на психологијата на човечките односи во современото општество.
Наградата „Кулата на Палиќ“ за најдобра режија и припадна на режисерката Ферита Карахан за режијата на филмот „Чуварот на неговиот брат“реализиран во турско- романска копродукција.Во образложението за наградата се вели дека наградата и се доделува за префинетиот начин на кој ја открива социјалната состојба во источна Турција.
Жирито специјално признание му доделија на британскиот филм „Дневникот на Гвантанамо“ во режија на Кевин Мекдоналд, за актерската моќ на Тахир Рахим со која ги покажува страдањата на затворениците во Гвантанамо.
Мора да споменеме дека оваа година,во главната натпреварувачка програма беше и македонскиот филм „Хомо“ на режисерот Игор Иванов Изи.
Меѓународното жири на критиката на 28 миот фестивал на европскиот филм Палиќ донесе едногласна одлука главната награда во натпреварувачката програма „Паралели и судири“да му ја додели на хрватскиот филм „Калуѓерката на твојот бизнис“ на режисерката Ивана Мариниќ Крагиќ.Филмот преставува приказна за моќта на љубовта но во истовреме и приказна за огромното количество на храброст за да се спротиставиме на институциите кои толку често ги обликуваат и дефинираат нашите животи, храброста да се залагаме за нашите права , нашите желби, нашата љубов и нашата слобода.
Специјалната награда на жирито на критиката му ја додели на филмот „Момчето“ на режисерот Виталиј Акимов.Жирито во својата одлука нагласува дека иако ова е дебитантски филм на режисерот Акимов , во него има траги на генијалност што ги поседуваат само големите филмски мајстори.Да се има храброст за да се погледне право во бездната на болката , бедата и кревкоста на човечките животи, како и способноста да се претвори сето тоа во уметност, е навистина извонредна работа.Овој мал и во истовреме многу голем филм ни кажува нешто важно за моќта на уметноста која спасува животи.
Жирито на ФИПРЕСЦИ наградата за најдобар филм во Главната натпреварувачка програма му ја додели на победничкиот филм „Најлошата личност на светот“ на режисерот Јоаким Трир.

Наградата „Горки лист“ која ја доделува публиката ја освои филмот „Нечиста крв – гревот на предците“ на режисерот Милутин Петровиќ кој беше дел од главната натпреварувачка програма.Главната улога во филмот ја толкува Драган Бјелогрлиќ кој го толкува ликот на Хаџи Трифун ,угледен српски трговец од Врање чии потомци се јунаци од романот „Нечиста крв“.Оваа година наградата беше доделена по шести пат.
Годинешното 28 мо издание на фестивалот се одржа во периодот од 17 до 23 .јули . Беа прикажани вкупно 130 филмаод сите краишта на Европа кои беа распределени во 15 различни селекциии програмски целини. Во рамките на фестивалот публката имаше можност да ужива и во бројни пратечки содржини: концерти, изложби, промоции , работилници и стручни предавања.

68. ПУЛА ФИЛМ ФЕСТИВАЛ – НАГРАДИ
Паралелно со фестивалот во Палиќ , во Пула се одржа 68 издание на овој фестивал кој заврши изминатиот петок со доделување на наградите.
Како што е познато награди се доделуваат во двете категории филмови кои се прикажуваат на фестивалот:Хрватската програма во која се натпреваруваа шест хрватски филмови и Меѓународната програма во која по наградите се натпреваруваа десет филмови. Еве дел од најважните награди.
За најдобрите и во двете програми одлучуваа две различни жирија.
Членовите на жирито за хрватската програма беа предводени од полскиот режисер и сценарист Павел Павликовски а членови беа режисерот Данило Шербеџија, доцентот на Уметничката академија во Сплит , Мирко Пивчевиќ и уметничкиот директор на меѓународниот филмски фестивал во Чикаго, Мими Плош.

Жирито во овој состав одлучи главната награда, Големата златна арена за најдобар филм на 68. Пулски фестивал да му ја додели на филмот „Синиот цвет“ на режисерот Зринко Огреста .Жирито одлуката за оваа награда ја образложи со зборовите:„ Постојат зборови кои никогаш не ги изговараме, чувства кои не успеваме да ги споделиме и празнина која останува зад оние кои не напуштаат.“
Режисерот Огреста ја доби наградата Златна арена за режија за овој филм. Жирито својата одлука ја поткрепи со зборовите:„Ненаметливата рака на режисерот дава чувство дека приказната се развива сама од себе. Режисерот без големи драмски ефекти успеал да допре до нашите чувства. “
Третата Златна арена за овој филм и припадна на актерката Вања Чириќ која беше прогласена за најдобра актерка.Таа во филмот го толкува ликот на Мирјана . Наградата жирито и ја доделува за нејзиниот искрен портрет на жената која заробена во секојдневието е лишена од личното задоволство.
Златната арена за најдобра машка улога ја освои актерот Рене Биторајац за ликот на Динко во филмот„ А ви бевме добри“на режисерот Бранко Шмид.Според жирито наградата му се доделува заради извонредното портретирање на херојот кој е отфрлен од општеството и од семејството.
Златната арена за најдобра споредна женска улога ја освои Даница Чурчиќ за улогата во филмот „Мурина“на режисерката Антонета Аламат Кусијановиќ во кој го игра ликот на Нела.
Инаку дебитантскиот филм „Мурина“ на режисерката Кусијановиќ освои уште две награди. Наградата на публиката „Златна порта на Пула“ и наградата „Бреза“ за најдобар дебитантски филм. Да се потсетиме, филмот пред десетина дена ја освои наградата „Златна камера“ за најдобар дебитантски филм на годинешниот Кански филмски фестивал.

Жирито кое ги оценуваше филмовите од Меѓународната програма работаше во состав: Бен Хопкинс,Лана Бариќ и Рада Шешиќ. Според нив наградата Златна арена за најдобар филм му припадна на италијанскиот филм „Никаде посебно“ на режисерот Уберто Пазолини.„Филмот го краси одмерена сензибилност иако говори за мошне сериозна и тешка тема.Филмот длабоко не трогна и за него размислувавме уште долго по одјавната шпица. “ се вели во одлуката на жирито за наградата на овој филм.
Филмот ја доби и наградата за најдобар филм од страна на публиката кој доби просечна оценка 4,86.

Филмскиот и театарски актер Зденко Јелчиќ ја доби наградата „Фабијан Шоваговиќ“ , која Друштвото на хрватските филмски режисери му ја доделува на актер или актерка чие дело оставило траен белег во историјата на хрватскиот филм.Наградата е востановена во 2000 година како спомен кон великанот на хрватското глумиште.
Годинешниот Пулски фестивал се одржа на 12 локации , од кои четири беа резервирани за филмската програма со повеќе од 90 проекции.

4. БИЧ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ – НАГРАДИ
Во неделата на 25. јули во Охрид заврши 4.Бич фим фестивал на младиот европски филм. Фестивалот траеше пет дена и се одржа на неколку локации.Главната сцена беше на градската плажа „Горица 3“каде беа прикажани четири филма од натпреварувачката програма како и филмот на затворањето на фестивалот.Петтиот филм од натпреварувачкиот дел од фестивалот беше прикажан на бродот „Армада“ со што организаторите на фестивалот ја продолжија традицијата востановена уште од самиот почеток за атрактивно прикажување на филм на брод кој плови по езерото.

Да се потсетиме првите два фестивали беа одржани на плажата „Оревче“ а изминатата година на плажата „Св. Стефан“. Се чини дека новата годинешна локација во целост ги исполни очекувањата и на организаторите но и на публиката која ја имаше во приличен број. Дали за тоа причина беше бесплатниот влез или нешто друго , ќе покаже иднината.
Оваа година организаторите на фестивалот промовираа и нова локација за прикажување на филмови кое на љубителите на филмот им понуди мошне итересен амбиент во срцето на стариот град- Лапидариумот на Музејот „Куќата на Робевци“.
Таму беа прикажани дел од студентските кратки фулмови како и документарниот филм „Ќеиф“.Според зборовите на Ана Опачиќ, директорката на фестивалот, овој простор и догодина ќе биде дел од сцените на фестивалот.
Инаку , токму тука беа одржани и двете дводневни работилници посветени на филмската шминка и филмската критика кои ги водеа Ирена Сенокозлиоска и Ана Василевска.
Што се однесува до програмскиот дел и оваа година беа прикажани филмови направени од млади европски творци чии филмови предходно биле прикажани на светски фестивали како Санденс, Берлин, Венеција…Посетителите имаа можност да видат и голем број на кусометражни , студентски кусометражни филмови со што фестивалот на некој начин станува етаблирано место за промоција на млади филмаџии.
И оваа година како и во изминатите три , на неговиот крај , од страна на стручното жири беа прогласени добитниците на наградите.

Наградата „Голем бран“ за најдобар долгометражен филм му припадна на француско грчкиот филм „Месечина , 66 прашања“на режисерката Жаклин Ленѕу.Филмот беше прикажан на отворањето на фестивалот и привлече внимание кај присутната публика. Ова особено се однесува на актерската игра на актерката Софија Кокали која извонредно го толкуваше главниот лик. Впрочем тоа беше препознаено и од жирито на фестивалот кое и ја додели наградата „Стефан Сидовски Сидо“ за најдобро актерско остварување.
Наградата „Мал бран“ за најдобар кусометражен филм му припадна на филмот„ Пипо & Слепа љубов“.
Специјално признание за најдобар краток студентски филм ја доби филмот „ Дудук“.
Годинешното тричлено жири го сочинуваа: Филмската критичарка Ана Василева, режисерката и сценаристка Елеонора Венинова и познатиот српски актер Сергеј Трифуновиќ кој на завршната вечер од фестивалот се појави и во улога на диск џокеј.
Мора да се спомене дека и оваа година како и во изминатите три на фестивалот се појавија и голем број на млади талентирани музичари и диск џокеи кои имаа настапи пред и по завршувањето на филмската програма што на фестивалот му дава уште една димензија за убаво дружење покрај езерото и ѕвезденото небо .

На крајот од фестивалот , по соопштувањето на наградите беа прикажани и документарниот филм „Ромео и Јулија“ како македонскиот игран филм „Хомо“ на режисерот Игор Иванов Изи кој на крајот од проекцијата говореше за неговиот филм.Инаку, „Хомо“ беше дел од званичната програма на фестивалот на европскиот филм кој се одржа во Палиќ во истовреме кога се одржуваше и фестивалот во Охрид.
И за самиот крај ,збор два и за организацијата на фестивалот како и оние кои придонесоа фестивалот и оваа година да биде успешен.Како и досега така и оваа година фестивалот функционираше онака како што треба,со многу информации кои дозирано се пласираат преку социјалните мрежи во текот на годината а особено пред и во текот на неговото одржување, ангажманот на организаторите како и огромната љубов и посветеност на волонтерите кои ги имаше секаде и во секое време.Сето ова говори дека фестивалот има убава иднина.
Го очекуваме јубилејното петто издание, догодина.
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк







