• За нас
  • Рекламирање
  • Контакт
понеделник, јули 7, 2025
No Result
View All Result
Advertisement
  •  
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина
No Result
View All Result
Home Тикер

Летник – Празник на новото лето

март 14, 2017
in Тикер

На 14 март според новиот календар, т.е. 1 март според стариот календар е денот кога започнува пролетта.

Со овој ден се поврзуваат многубројни верувања, меѓу кои и: цела година ќе се однесувате како првиот човек или животно што ќе го видите на овој ден и подарете мартинка која носи среќа. 

Мартинката се прави рачно со исукување на два конци, црвен и бел и се носи околу вратот, зглобот на раката или на ногата. Се носи сокриена од сонцето, за да не ве изгори жешкото сонце во текот на летото.

Носете ја сè додека за прв пат оваа пролет видете ластовица или расцутено дрво, фрлете ја по ластовичката или закачете ја на расцутеното дрво. Според верувањата мартинката се носи како заштита од несреќи.

На  Летник, со многу љубов и внимание подарете им на вашите најсакани мартинка која ќе им донесе среќа.

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 1 март.

Денеска е Преподобна маченица Евдокија.

Оваа Евдокија беше богата жена и живееше во Хелиопол, во Сирија, кон крајот на првиот и почетокот на вториот век. Беше позната по својот распуштен живот. Нејзината куќа беше прилепена до еден христијански дом, каде во една прилика беше отседнал некој монах Герман. Една ноќ таа го слушна Герман додека се молеше и на глас читаше некоја книга за Господовиот суд, па се свести за својот дотогашен живот и поверува во Христа. Откако се крсти, отиде во еден манастир, каде се подвизуваше долги години. Најпосле, пострада за Христа за време на едно гонење при римскиот император Хадријан.

Света преподобна маченица Евдокија (Летник), 14./1.III.

Празник на новото лето

Летник е празник на новото лето. Големиот број обичаи и верувања поврзани со овој ден потекнуваат од претхристијанскиот период и имаат цел да обезбедат среќа и напредок за луѓето и стоката и магиска заштита од разни несреќи.

Именден празнуваат Евдокија, Дочка, Мартин, Марта…

На први март (според стариот календар) Светата православна црква го празнува споменот на светата преподобна маченица Евдокија, родена во феникискиот град Илиопол. Како девојка била многу убава и со неморал спечалила огромно богатство. Во тоа време по вера била Самарјанка. Подоцна го примила христијанството, го напуштила расипничкиот живот, имотот го поделила на сиромашни христијани и се закалуѓерила. Во манастирот минала 56 години. По наредба на тогашниот управник на градот Илиополе била исечена со меч во 126 година.

Со празникот посветен на нејзиниот спомен започнува месецот март, а според некои и новата година. Први март уште се вика и Летник, зашто според верувањето тогаш започнува летото. Во Галичник како што забележал П. Ѓиноски, првиот ден од првиот пролетен месец „го нарекле Летник, те. Пролетник. Тој не је црковни, токо природни празник. Природата која се зима спала и била огрдена оттога зафаќат кротце по кротце да се разбудуват и разубавуват“. На овој ден низ цела Македонија се изведуват богати обичаи кои врз магиски принцип треба да обезбедат заштита од разни штетници од змии, болви, од шумските ѕверови но и здравје на луѓето во претстојната работа сезона.

Најголемиот број обичаи поврзани со овој ден се изведуваат вечерта спроти празникот. Тогаш се бере кукурек и се запотнуваат куќите, плевните, шталите, потоа посебно се запотнуваат креветите, ношвите, огништето, амбарите, леите, плугот и др. Се верува дека потката ќе ги чува овие објекти и предмети како и луѓето и добитокот од разни болести и други несреќи.

Меѓу позначајните обичаи поврзаи со овој ден е правењето мартинки. Тие најчесто се прават од бел и црвен конец, и се носат околу вратот или на рацете или нозете. Најчесто го носат само децата, но во некои краишта ги носеле сите членови од семејството како магиска заштита од разни несреќи. Во Дебарца (Охридско) мартинките се правеле од бела и црна волна, но само од волна што била оскубана од овците. За таа цел волна се собирала по смреките, плотовите, јаслите и други места каде што минувале или престојувале овците. При сучењето на мартинката една жена пуштала од волната паралелно и од белата и од црната, но повеќе од белата, друга, пак, сучела мижејќи и одејќи назад. Кога мартинките ќе биле готови им ги шиеле со игла некому на појасот на други на ногата или околу раката. Притоа се велело: „Гад в гора (името) в поле“. Со тоа змиите, смоковите и другите гадови се праќале во гората подалеку од луѓето. Ги викале гадови, не им ги споменувале вистинските имиња, бидејќи според верувањето ако им го кажеле вистинското име тие веднаш ќе дојделе. На помалите деца мартинки со паричка им ставале околу вратот. Мартинките ги носеле сè додека виделе ластовица или штрк, тогаш ги фрлале велејќи: „На ти ластојце мартинка, да ми дајш кошула“. И верувале дека навистина ќе добијат кошула.

И во селото Бапчор, Костурско, мартинки правеле од бела и црна волна што ја кубеле од овците. Потоа откако девет дена ќе ги носеле околу гушата, на деветтиот ден ги обесувале на гранките од некое дрво на кое доаѓале ластовичките и на децата им носеле нови алишта за претстојниот празник Велигден. И овде вечерта кога се правеле мартинките се шиело при што некој прашувал „Што шиеш“, а тој што шиел одговарал: „Ете ги шијам устите на мечките, волците, змиите, устите на асмовите (душманите), на црвите за да не црвосува имањето, ќе ги завијам тука и ќе ги врзам.“ Потоа погледнувал кон планината велејќи: „Сиве оивие лоши работи што ги имам сошиено, во пусти гори да одат“. Иглата со којашто шиеле ја обесувале на местото каде што се обесувал котелот, и по двевет дена со една пара ја ставале на матката со којашто мателе, ставајќи уште и разни цутови (цвеќиња) што први цутеле.

И во селото Вʼмбел правеле мартинки кои момчињата и девојките ги ставале на реверите како папиони (пеперутки). Утрото најстариот член на семејството носел суви гранки, а таткото расцветана дренова прачќа. Палејќи ги сувите гранки во огништето дедото благословувал: „Ајде да се сторат многу јагнишча, и пилишча у нас.“ Потоа на тие што имале мартинки им се честитало: „Ајде голем да ни порастиш, мʼндро (мирно) да ни бидиш, да ги слушаш постарите, а догодина златна мартинка да носиш.“ Потоа најстариот во лажица ставал мед и над него цут од дрен и најнапред младите а потоа и постарите јаделе мед и дренов цут. Во истовреме со дренова прачка ги удирал по грбот со благослов: „Ај да ни бидеш цвертст и здрав како дрен, да се виткаш како дрено, ама никогаш да не се скршиш.“ По седум дена мајката ги собирала мартинките и ги фрлала на покривот од куќата со зборовите: „Сега ти ги даваме од предено, догодина да ни ги вратиш позлатени“.

Во Кукуш, како што е запишано во зборникот на браќата Миладиновци, мартинки правеле од бело и црвено: „Дента спроти Марта сучат црвено и бело предено со цело: и утрината го клавает на децата на грло, на рʼце и ноѕе за здравје. Тие се викает мартинки и со ним в Струга стретват ластовиците. Таја вечер преминуваат местата , кʼде спавале до тога за да не ги јадат болви. Тој ден малите деца прават ластовица от дрво шикосано и пејет по кʼштите: Ластовица идеше, црно море пливаше… Во сиот месец не јадат зелје останато од понапрежниот ден“.

И Е. Спространов забележал дека во Охрид мартинки правеле од бела и алена волна, а ги врзувале на рацете или ги шиеле на облеката и ги носеле цело лето за да не ги касаат змиите. Тоа повеќе го правеле селаните кои во текот на летото често биле низ полето. Оние, пак, што често се сопнувале при одењето мартинките ги врзувале на прстите од нозете. Мартинките се сучеле мижејќи „за да бидат како слепи змијте и да не и вижџет љуѓето, ко ќе минет покрај ними“.

Публицитет.мк 

Посетеност: 62
Share
Previous Post

ОН ја прогласи Словенија за најодржлива држава во светот

Next Post

Во пресрет на 40 години од постоењето ОУ „Христо Узунов“се разубавува

Next Post

Во пресрет на 40 години од постоењето ОУ „Христо Узунов“се разубавува

ИМПРЕСУМ

www.publicitet.mk

ФЛЕШ ПЛУС – ДООЕЛ, ОХРИД

Посетеност: 62

Следете не на:

Контакт: 075 337 010,  е-маил: publicitetpublicitet@yahoo.com  

Техничка реализација: ArkaHost

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

©2009-2024. Сите права задржани | ИМПРЕСУМ | УРЕДУВАЧКА ПОЛИТИКА | УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ | РЕКЛАМИРАЊЕ | 

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

No Result
View All Result
  • Почетна
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина

© 2024 Publicitet.mk - Техничка реализација: Arkahost.mk