Утре (петок) во галеријата „Акантус“ во Скопје, со почеток во 20:00 часот, ќе биде отворена „LEVEL 50“ – изложба на слики од Тони и Емил Шулајковски.
По деветнаесет години, браќата-близнаци, повторно заедно ѝ се претставуваат на скопската публика со отворање на изложба, прославувајќи го својот педесетти роденден. Проектот содржи педесет слики, по дваесет и пет од секого.
ЗЕН ГРАДИНА – Тони Шулајковски
Предговорот за каталогот на изложбата го напиша Дијана Томиќ-Радевска, ликовна уметница и куратор во галеријата „Акантус“.
ДОПРИ ЈА ДАЛЕЧИНАТА – Емил Шулјаковски
-Во сликарството на Емил и Тони Шулајковски може да се “детектира” стилска дефиниција на лирска апстракција и експресија. Овој пат се претставуваат заедно, а нивните афинитети ќе ги проследиме заедно и посебно, вели Радевска и додава: -Колоритот во оваа зрела фаза на сликарството на Емил Шулајковски е сфумато темен, богат во тонови и контрасти. На моменти ќе пронајдете ликови, препознатливи форми кои ќе ви дозволат да создадете сопствена приказна…
РАДОСТ НА ЖИВОТОТ – Емил Шулајковски
Иако, навидум, блиски во пристапот на градење на една композиција кај Тони се чувствува желба за раскажување преку боја, за создавање приказна во приказна. Фигурацијата, којашто се наѕира или пак е експресивно исцртана врз колоритни површини, му дава на гледачот асоцијација за мечтите и размислите на уметникот.
СВЕСТА НА ДУШАТА – Тони Шулјаковски
За љубителите на ликовната уметност изложбата ќе биде отворена до 20.03 2019, секој ден, освен понеделник.