Помина година во која што чекоревме полека но сигурно, секој изминат ден беше исполнет со поголема надеж за добросостојба, година во која гледавме повеќе насмевки отколку што ги криевме зад маските, година во која полека се навикнувавме да ги прегрнуваме нашите блиски.
Турбуленциите кои што се случуваа секојдневно не научија среќата и ведрината да ја бараме во едноставни , мали работи кои што се покажаа највредни: поминатото време со семејството, прошетките и доживувањата со децата, изборот на филм кој ќе го гледаме заедно или можеби некоја друштвена игра… Овие едноставни работи беа “виновници” за многу смеа и ведрина и за безброј мои насмевки изминатава година. Има уште една работа на која ќе се сеќавам со задоволство, а тоа е моето унапредување во наставник ментор. За мене тоа беше уште едно признание за шеснаесетгодишната посветеност на учениците и за секој прекрасен и исполнет ден поминат со нив низ различни активности и игри. Единствена цел која ја имав беше да им обезбедам еден правилен социо-емоционален развој, да бидат креативни, ведри и позитивни личности кои со своите дела ќе светкаат како ѕвезди. Овие се работите кои што ме прават среќна и секогаш насмеана, можеби навидум едноставни но за мене се бесценети. И во овие убави празнични денови посакувам секој ден да биде исполнет со здравје, среќа, љубов, мир, бериќет, топлина и хармонија, секое срце, секое семејство и секој дом!
Публицитет.мк