Во паркот на тркалезната клупа во Капиштец, вчера беше организирана литературна седенка по повод 80 роденден на шаховскиот шампион Димитар Илиевски.
Група уметници, поети, академски сликари, на необичен и пријатен начин го славеа неговиот роденден, во амбиентот кој со цртежи го декорираше познатиот уметник и хуманист Живко Поповски Цветин.
Присутните ги поздрави славеникот потсетувајќи се на неговите славни победи и рекорди во изминативе над шест децении, а оваа година тој прославува дури осум значајни јубилеи. За Димитар говореше Цветин, за книгата за Димитар авторот Љубомир Хаџи- Манев и издавачот Ненад Баткоски од Бата прес, поетот Горан Анчевски читаше своја поезија со посвета за Блаже Конески, Валентина Ѓоргиевска Парго прочита свои стихови, а академскиот сликар Игор Митриќески раскажа анегдоти за славни сликари.

Во чест на овој настан велосипедистот Томислав Башевски со својот велосипед помина 103 километри, како негова честитка за Илиевски да надмине сто и повеќе години.
Илиевски ги спомена некои од своите јубилеи оваа година- 65 години од сениорското првенство во Битола каде го освоил второто место зад својот брат Борче Илиевски, 60 години откако е прогласен за еден од врвните шахисти во Македонија, 50 години откако бил петти на првенство во Македонија, во 1971 година на петтиот турнир средба на солидарноста го постигнал својот наголем успех во шаховската кариера, одржан во Скопје 1971 на стартот бил единствен кандидат мајстор, но направил вистинска сензација и го освоил петтото место, ја освоил титулата југословенски шаховски мајстор што во тоа време бил поим, во 1971 бил прогласен и за најдобар шахист на Македонија, а слави и 45 години од водењето пионерска шаховска школа во Македонска Каменица, додека во 1981 година играл на 58 табли што е негов личен рекорд а и рекорд во Македонија по број на противници…
Илиевски нагласи дека слави и 30 години од неговото дружење со фирмата МБС во кои биле нему драгите шаховски колеги Ѓорги Божиновски Љубомир Хаџи-Манев.
Има одиграно преку 250 симултанки во земјава и станство.
Публицитет.мк