Во Мелбурн, Австралија охриѓанецот Фазли Луик деновиве ја сними новата фолк песна со наслов „Љубов место солзи“.
Автори на оваа балада спој на старото и новото време се : Енвер Рашити, музика и Милчо Јованоски, текст. Песната е снимена и миксана во студиото на продуцентот и аранжер Роб Реџеповски во Мелбурн. Фазли вели дека е среќен што ја добил оваа песна која му одговара гласовно, музички и текстуално.
– Со ова се оствари мојата дамнешна желба уште од времето на манифестацијата „Микрофонот е Ваш “ одржана во Охрид 1991 година, кога јас освоив второ место од публиката и планирав да започнам соработка со новинарот Милчо Јованоски кој всушност во Радио Охрид ми го направи првото интервју во кариерата.
Но патиштата ни се раздвоија, заминав во Австралија и еве сега по толку години почнуваме се надевам конкретна соработка која ќе трае, вели за Публицитет.мк Луик.
Според најавите тој новата песна ќе ја промовира следниот месец во Мелбурн на традиционалниот Фестивал на храна и традиции на Македонците во Австралија. Пред новогодишните празници ќе следи нејзина промоција по телевизиите,а не е исклучено за брзо време да се сними спот.
Песната е ставена на YOUTUBE со аматерско видео,а аудио снимката е штотуку добиена по мејл од Австралија.
Публицитет.мк