Неодамна беше објавена информацијата дека догодина фестивалот „ Песна на Евровизија“ би требало да се одржи во Ротердам, Холандија од 18 до 22 .мај.
Европската радиодифузина унија (ЕБУ) соопши дека за фстивалот се пријавиле 41 земја меѓу кои и Македонија.Всушност на настанот е потвредено учеството на истите држави кои требаше да имаат свои преставници и на годинешното издание, кое беше откажано поради пандемијата на коронавирусот.
Оваа информација беше повод да ве потсетам на една композиција која беше изведена на овој фестивал пред повеќе од половина век, поточно во 1967 година.
Се работи за песната „Љубовта е сина“за која музиката ја напиша Андре Поп а текстот е дело на Пјер Кур.Песната за првпат е изведена на фесивалот „Песна на Евровизија“ во 1967 година во изведба на француската пејачка со грчко потекло Вики Леандрос која го преставуваше Луксембург.Вики Леандрос исто така како преставничка на Луксембург пет години подоцна со песната „По тебе“ ќе победи на овој фестивал и ќе стане една од најпопуларните пејачки во европски и светски рамки.
Таа 1967 година, фестивалот се одржуваше во Виена откако изминатата година победи преставникот на Австрија ,Удо Јургенс, со песната „Мерси шери“. Во Виена победи легендарната босонога англичанка Сенди Шо со песната „ Кукла на жица“а Вики Леандрос со „Љубовта е сина“ го освои четвртото место.Интересно е да се спомене дека Вики Леандрос со оваа песна имаше скромен успех во Европа но во Јапонија и Канада таа стана голем хит. Вики песната ја сними на англиски,германски, италијански и холандски јазик.Песната доживеа голем број на кавер верзии од познати светски исполнители и оркестри.Така таа може да се слушне во вокална изведба на Марти Робинс, Ал Мартино, Енди Вилијамс, Силви Вартан, Џони Метис, Бинг Крозби , Џери Вале…
Но, за огромната популарност на оваа композиција најголема „вина“ има оркестарот на Пол Мауријат кој кон крајот на 1967 година направи инструментална верзија на оваа композиција со кој се прослави . Неговата изведба стана хит број еден во САД и тоа остана цели пет недели во февруари и март 1968 година. Тоа беше единствената изведба на некој француски уметник кој успеал да се искачи на врвот на „Билборд 100“. Оваа оркестарска верзија се искачи и на12 место на најслушани синглови во Велика Британија.
Така речи не постои познат оркестар и инструменталист кој на својот репертоар не ја ставил оваа прекрасна музичка тема.Таа може да се слушне во изведба на оркестрите на Реј Кониф, Мантовани, Флојд Крамер, Берт Кемпферт, Хуго Монтенегро, Каравели, Франк Пурсел, Рони Олдрич, Били Вон, Хорст Гишер, Рејмонд Лефевр…
Песната „Љубовта е сина“ е една од ретките песни кои биле изведени на „Песната на Евровизија“која заедно со „Воларе“ и „Ерес ту“ станале интернационално популарни иако не биле победнички песни на овој фестивал.
Песната го опишува задоволството и болката на љубовта во однос на боите (сина и сива)и елементите од природата (Вода и ветер).Англиските стихови напишани од Брајан Блекбурн („Сина, сина, мојот свет е син…“)се фокусираат само на боите(сина, сива,црвена, зелена и црна), користејќи ги за да ги опишат компонентите на изгубената љубов.Дури и англиската верзија во исполнение на Вики Леандрос е именувана како „Боите на љубовта“.
Ве потсетуваме на оваа песна со оригиналната изведба на Вики Леандрос која тогаш на фестивалот во Виена настапила само како Вики.
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк