На минување на плоштадот „Св.Климент Охридски“ во Охрид ги сретнавме Менче и Мајкл Клос.
Таа е историчар на уметност од Охрид и сопруга на уметникот Мајкл со кого живее во Канада. Клос е сликар со македонско потекло, роден во Канада,а во бракот ги имаат ќерките Александра и Мелани кои на посебен начин ја сакаат и се поврзани со уметноста. Обајцата, признаваат дека ги спои меѓусебната љубов, но и љубовта кон ликовната уметност и посебно уживаат кога се дел од некоја уметничка колонија. Само што дојдоа од Канада „летнаа“ за Прага таму имаа изложба во македонската амбасада. Се вратија и беа на колонија на Пелистер, а деновиве дваесеттина дела ќе бидат изложени на манифестацијата „На зајдисонце“ во Трпејца. Сликите на Мајкл ќе бидат дел и од тридневната изложба на Вевчанско лето.
Зад уметникот Клос се стотина самостојни изложби во над 20 земји во светот. Сликарството е неговата главна преокупација, но веќе долго време работи и како графички дизајнер и сценограф.
Мајкл Клос го користи сликарството како израз за поврзување на народите во светот без разлика на националната и верската припадност.
Во речиси сите дела на уметнокот се забележуваат дел од најстарите знаци на земјата: триаголникот, цик-цакот, бранот, трите паралелни линии, Шевронот и кругот, кои доловуваат праисториско ехо.
Човечкото лице и дел од фигурите се испреплетуваат со други асоцијативни форми во спектар од црвени, зелени, сини, бели и црни линии. Преку неговите дела се потсетува на артефактите пронајдени во античките култури низ светот. Многу дела Клос ги продава и подарува во хуманитарни цели.
Публицитет.мк