Република Македонија наскоро веројатно ќе добие околу 3 милиони долари, благодарение на поранешниот имот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија
Ова се должи на продажбата на дипломатско-конзуларниот имот на СФРЈ што се наоѓа во Токио, Бон, Берн и во Њујорк, вклучувајќи го и шестсобниот стан на Менхетн, кој многу брзо ќе се најде на меѓународен тендер, пишува хрватски Јутарњи лист.
Ова е резултат на договорот на петте земји-наследнички на поранешна Југославија – Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Словенија, постигнат минатиот петок на состанок во словенечки Крањ. Шестата република, Црна Гора, не учествува во оваа поделба на имотот зашто по референдумот и напуштањето на државната заедница, Србија како единица на државната заедница што не се определила за напуштање, го наследи меѓународниот правен континуитет на претходната заедница.
Прелиминарната вредност на овие недвижнини се проценува на 43 милиони долари, а огласите за продажбата ќе бидат објавени во весниците Вашингтон пост и Економист. Бидејќи станува збор за недвижен имот во резиденцијални населби, дипломатите во петте земји проценуваат дека приходите може да бидат и поголеми. Од тоа на Србија, според утврдениот договор за поделба на имотот, ќе ѝ припаднат 35 отсто, на Хрватска 23,5 отсто, на Словенија 16, на БиХ 15,5 отсто и на Македонија 7 проценти, вели весникот.
Сепак, на дипломатскиот оптимизам треба да гледа со резерва, вели Јутарњи, бидејќи уште од 2011 година беше објавувана веста дека холивудскиот актер Џек Николсон е заинтересиран за купување на официјалниот стан на поранешна Југославија на Менхетн. Станот има 400 квадратни метри, се наоѓа на адресата Парк авенија 730 и се проценува на 20 милиони долари. Тој беше празен цели деветнаесет години зашто земјите од поранешна Југославија не можеа да се согласат за сопствеништвото.
Станот последен го користел Дарко Силовиќ, последниот амбасадор на СФРЈ во ОН. Југославија станот во срцето на Њујорк го купила во 1975 година и тогаш го платила околу 70.000 долари.
Од вкупно 123 недвижнини на СФРЈ, во процесот на сукцесија досега се поделени 72 објекти, а останати се уште 51. Следниот состанок за продажбата на недвижниот имот треба да се одржи во март 2017 година во Белград.
Извор: www.mkd.mk