На саемот на книга во Франкфурт денеска се одржа дебата на тема „Преку границите: предизвиците за меѓународна промоција на литературата на „малите јазици“, во организација на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ).
Како што соопштуваат организаторите, за напорите на издавачките компании и авторите во освојување на меѓународната книжевна сцена говореа еден од најпреведуваните македонски автори и добитник на повеќе награди меѓу кои и Европската награда за литература во 2013, Лидија Димкова, Стефано Бисачи, италијански агент и сопственик на агенцијата Темпи Ирреголари, Гванца Јобова, потпретседател на Здружението на издавачи од Грузија, Катја Стергар од ЈАК Словенија како и Дарко Фиданоски, од МАИ.
Според учесниците, клучно за успешна промоција е национална стратегија донесена на политичко ниво, во која ќе бидат вклучени сите засегнати страни – издавачите, авторите, агентите и преведувачите.
Гванца Јобова од Грузија, чија земја идната година ќе биде почесен гостин на Франкфуртскиот саем, рече дека оваа манифестација е одлична можност за севкупна промоција на земјата.
– Ние сме мала земја, но знаејќи ги можностите на овој саем докажавме дека можеме да зборуваме гласно за нашите потенцијали кои светот не ги познава. Ова е одлична промоција не само на нашата култура, туку и на туризмот, на економијата, вели Јобова.
Според Катја Стергар од Словенечката агенција за книга (ЈАК), сите инволвирани мораат да сфатат дека работите не се случуваат сами по себе и дека сите инволвирани мора многу да работат на промоција на сопствената литература. Таа додава дека авторите, агентите и издавачите на ваквите саеми мораат да дојдат добро подготвени, со книги преведени на странски јазик, за да може успешно да се претстават.
Преводот на делата е еден од најважните елементи за презентација на литературата од малите јазици, се согласија сите учесници на дебатата.
Стефано Биачи, агент кој ги застапува и македонските автори, вели дека е многу тешко да се пробијат на странските пазари, потребно е многу работа и упорност, но голема улога игра и добриот превод. За македонска писателка Лидија Димковска, „добрите преведувачи се вторите автори на делата“, но додава дека и „наградите, агентите и личните контакти ги отвораат патиштата на домашните автори на меѓународната сцена.“
Дарко Фиданоски од Македонската асоцијација на издавачи потенцираше дека присуство на ваквите саеми придонесува и за промоција на издавачите, но и на македонската литература.
– Нашата цел во крајна линија е да продадеме што повеќе книги и права за книги, колку сме поуспешни толку подобро ја презентираме Македонија и нашата култура. Годинава остваривме повеќе контакти од лани со странски партнери и потпишавме договори што говори за раст на интересот за нашата литература, и дека МАИ работи во вистинска насока, вели Фиданоски.
Македонскиот министер за култура, Роберт Алаѓозовски, кој беше присутен на дебатата истакна дека размената на искуства на ваквите саеми дава добри насоки како подобро да се презентираме надвор на меѓународна сцена.
– На оваа дебата слушнавме многу корисни работи и лични искуства. Потребна е стратегија, потребно е да се направи Агенција за книга, која треба брзо да биде ставена во функција. Треба да ги обединиме сите искуства, и на издавачите кои не претставуваа до сега на претходните саеми, и во заеднички спроведена акција со цел подобро да се промовираме надвор, истакна Алаѓозовски.
Франкфуртскиот саем на книгата се смета за најголем и најпосетен во светот. Тој е вистинското место за средба на експертите од оваа бранша, најголем пазар за книги, преговори за права и лиценци каде се разменуваат искуства, се склучуваат договори, место каде секоја година без разлика дали се работи за издавачи, автори, книжари, агенти сите тие се заедно во Франкфурт во октомври и ги креираат новите трендови.
Саемот на книгата во Франкфурт е најголемиот саем на меѓународната издавачката индустрија со 7.300 излагачи од повеќе од 100 земји, околу 275.000 посетители, има повеќе од 4.000 настани и околу 10.000 акредитирани новинари, вклучувајќи и 2.000 блогери.
Извор: www.mia.mk