Од 14 до 18 Септември 2022 година, во киното на Словенечката кинотека во Љубљана, Словенија, Кинотеката на РС Македонија ќе претстави избор од филмски наслови од домашната кинематографија. Изборот вклучува неми филмови од почетокот на кинематографијата на Балканот, потоа етнографски документарни, како и играни и анимирани филмови (https://kinoteka.si/cikel/kinoteka-severne-makedonije-predstavlja/).
Ревијата „Денови на македонскиот филм“ ќе започне со целокупната колекција на филмовите на браќата Манаки, дигитално реставрирани во 2013 година во Унгарската филмска лабораторија во Будимпешта. Селекцијата е составена од снимки на разни активности од секојдневието, народни игри, пазари, панаѓури, како и приказ на бројни манифеставии, настани и славни личности од културно-политичкиот живот во тоа време, како што се посетите на турскиот султан Мехмет V Решад, српскиот принц Александар Караѓорѓевиќ, итн. – на Македонија.
Една од најинтересните и оригинални презентации на оваа ретроспектива ќе биде изборот на македонски етнографски филмови, селекција од 8 документарни филмови во кои се прикажани разни обичаи и етнографски елементи од Македонија и етничките, односно религиски групи кои живееле во минатото. Во рамките на овој дел ќе бидат прикажани филмовите „Дервиши“, во режија на Ацо Петровски, во кој се прикажуваат обредите на дервишката секта Руфаи. Потоа следуваат филмовите: „Ѓурѓовденските обичаи“ во режија на Благоја Дрнков, посветен на прославата на празникот Ѓурѓовден во селото Булачани од Скопска Црна Гора, како и 3 филмови по сценарио на Вера Кличкова, пионер во визуелната етнологија во земјава, која твори во шеесетите години на минатиот век, било како соработник, сценарист но и режисер. Тоа се филмовите„Азот“ и „Велигденски обичаи“ во режија на Ацо Петровски и сценарио на Вера Кличкова, и „Рибарството во Катлановско езеро“, во режија и сценарио на самата Кличкова. Во оваа група се вклучени и „Дае“ на Столе Попов (првиот македонски филм номиниран за Оскар), „Галичка Свадба“ во режија на Ацо Петровски и „Довикување на пролетта“ во режија на Трајче Попов, а посветен на дервишкиот обичај на довикувањето на пролетта од дервишката секта во во Призренското теќе.
Покрај етнолошките, ретроспективата ќе вклучи и селекција на македонски анимирани филмови, од почетокот на појавата на македонската анимација, па сè до денес. Ќе бидат прикажани филмовите „Адам (5 до 12)“ и „Ембрио Но.М“ во режија на Петар Глигоровски, „Водач“ на Бранко Ранитовиќ, „Отпор“ на Боро Пејчинов, „Рака“ и „Пецко – Голем нос“ на Дарко Марковиќ, „Хомо Екраникус“ на Делчо Михајлов и „Црно Знаме“ во режија на Мирослав Грчев, како и два анимирани филмови од поновата македонска анимација – „Кружното патување на Марето“ на Жарко Иванов и „Готлиб“ во режија на Крсте Господиновски.
Македонкиот игран филм ќе биде претставен со долгометражниот „Илузија“ во режија на Светозар Ристовски, во оваа ревија специјално наменет за младата публика, и играниот филм „Време без војна“ во режија на Бранко Гапо, како македонски претставник на таканаречениот „Црн бран“ на југословенскиот филм.
Ретроспективата ќе биде заокружена со најуспешниот макеодонски документарен филм – носителот на две номинации за Оскар – филмот „Медена Земја“ во режија на Тамара Котевска и Љубо Стефанов.
Публицитет.мк