Цртаниот филм „Прасето кое сакаше да биде птица“ на продукцијата ОХО влезе во потесниот избор на десет најдобри цртани филмови кои ќе се борат за Гран-при на фестивалот „Japan Prize“. Филмот е по сценарио и режија на Елеонора Венинова, продуцент е Пеце Талески. За анимациите се погрижија Симон Стојановски и Диме Ѓорѓиевски. Илустрациите се на Тхе Мичо, а музиката – на Мите Димовски.
Филмот е сместен во категоријата на аудиовизуелни програми, наменети за предучилишна возраст. Фестивалот е познат по ригорозните критериуми за влез во натпреварувачка конкуренција, поради високите стандарди на содржините кои мора да ги поседуваат финалистите.
Japan Prize е најголем фестивал за телевизиски програми во Азија, и е ориентиран кон едукативни програми од сите категории. Веќе 51 година диктира високи критериуми што се однесуваат на вештината да се прикаже едукативна вредност, паралелно оценувајќи ја и уметничката. Жирито е составено од најпрестижни продуценти, директори на фотографија и режисери од целиот свет.
„
Прасето кое сакаше да биде птица“ досега ги собра симпатиите на повеќе домашни и светски фестивали, како „Браќа Манаки“ во Битола, „Zlin Film Festival“ во Чешка, „Seoul Guro International Kids Film Festival“ во Јужна Кореја, „Supertoon Festival“ во Шибеник, Хрватска, Fun Chile во Чиле, а ја доби и наградата Prix Jeunesse во Минхен.
Извор: www.fakulteti.mk