
До крајот на оваа 2020 година не делат само уште неколку денови.Така речи нема некој на планетата земја на кого ќе му биде жал што таа ќе замине во историјата од причина што во неа човештвото ги доживеа најтешките моменти во поновата историја.
Но, како и да е животот продолжува понатака.Вообичаено, на крајот од секоја година се фрла поглед наназад за да се види што таа ни донесе или однесе во сите сфери на живеењето.
Оваа 2020 година (од објективни причини заради пандемијата од корона вирусот)за разлика од изминатата 2019 година, ќе биде запаметена како една од најсиромашните години во историјата на македонскиот игран филм и тоа како на полето на филмови кои имаше можност да ги види публиката како и во делот на реализација на нови играни филмови.
Беа презентирани два играни филма и исто толку започнаа со својата реализација. Освен тоа нашата земја учествуваше како копродуцент уште во неколку филмски проекти, што е сосема малку во споредба со минатата година.
Да се надеваме дека во следната година работите ќе се променат на подобро и дека на крајот од годината ќе можеме да говориме за поголем број на филмски остварувања одколку во оваа 2020 година.
Еве потсетување на тоа што имавме можност да видиме во оваа година:

СТЕЛА
Првиот македонски игран филм за деца „Стела“ беше реализиран во 2019 година а својата премиера требаше да ја има во март оваа година но заради појавата на корона вирусот Ковид 19 и затворањето на кино салите, тој премиерно беше прикажан на отворањето на филмскиот фестивал „Синедејс“на 18 септември на отворено во градскиот парк во Скопје.
Веднаш потоа филмот беше прикажан во повеќе градови низ Македонија , се разбира онаму каде работеа кино салите. Филмот премиерно во Охрид пред рекордно малку публика , беше прикажан на 29.октомври.
Филмот ја раскажува приказната на едно десетгодишно момче кое по обид за самоубиство заради тоа што е жртва на малтретирање во училиште, тој заминува од Германија во родниот крај на неговиот татко. Таму ќе ја запознае шарпланинката Стела која е единствената која може да го спаси и да му ја обнови верата во живот.
Главната улога во филмот ја толкува Петар Маниќ а тука се уште и Дејан Лилиќ, Христина Поповиќ, Тони Михајловски и Симеон Мони Дамевски. Режисер на филмот е Стојан Вујичиќ а сценариото го напиша Ева Камчевска. Филмот преставува Македонско, српско германска копродукција.
Филмот беше дел од Детскиот филмски фестивал, кој го организираше Cinekid а кој се одржа во текот на октомври во Амстердам и низ 35 градови во Холандија.

ХОМО
На затворањето на 19.издание на фестивалот на европскиот филм „Синедејс“ во Скопје , беше премиерно прикажан македонскиот игран фил „Хомо“ на режисерот Игор Иванов Изи кому ова му е трет игран филм по филмовите „Превртено“ и „Соба со пијано“.
Главните улоги во филмот ги толкуваат:Наташа Петровиќ, Игор Ангелов, Оливер Митковски, Јелена Јовановиќ, Сашко Коцев и други.
Што е тоа човек? Филмот прикажува шест лица , шест состојби во луцидно поврзани епизоди проткаени со црн хумор.
И овој филм беше прикажан во Охрид во месец ноември , поточно од 11 до 13 ноември.
Според зборовите на продуцентот на филмот Томи Салковски се работи за скопски филм , за нашата генерација и за времето во кое живееме. Филмот преставува копродукција на пет земји а во неговата реализација е вклучена голема меѓународна екипа од околу 70 актери и преку 450 статисти и возен парк од над 100 возила.
Во оваа 2020 година започнаа со реализација два играни филма чии премиери се очекуваат во наредната година.
ДЕНОТ НА ЖЕНАТА
На 2.октомври падна првата клапа на филмот „Денот на жената“во режија на Гоце Цветаноски кое траеше во текот на месецот октомври
Филмот се снимаше на локации во Скопје и Куманово.
Во фокусот на овој крими трилер е трговијата со жени и присилната проституција. Пораката која ја донесува филмската приказна на Цветаноски е оптимистична , дека правдата е посилна од неправдата.
Главната женска улога ја толкува Слаѓана Вујошевиќ а главните машки улоги ги толкуваат Муса Исаифи и Исмаил Касуми. Во останатите улоги се појавуваат :Катерина Коцевска, Егзона Салиху и бугарската актерка Елени Декидис.
„Многу сум среќен што после толку труд, посветеност и работа конечно ми се отвори можност да работам долгометражен игран филм. Се надевам дека со овој филм ќе отвориме една нова димензија во македонската филмска индустрија, каде што комерцијалниот и уметничкиот дел ќе бидат еднакво застапени. Очекувам темата да привлече голем интерес кај публиката, па и контроверза поради своите ангажираност и провокативен пристап“, изјави Цветановски, кој е режисер и сценарист на филмот, чие снимање се одвиваше под строгите протоколи за заштита од ковид-19.
Директор на фотографијата е Фејми Даут, за кого ова е прв игран филм по работата на документарецот „Медена земја“, кој имаше две номинации за Оскар.Филмот е во продукција на „Македонска крепост“, а е поддржан со 23 милиони денари (околу 380 илјади евра) од Агенцијата за филм на конкурсот во 2019 во вториот рок на одлучување.

МИМИ
Оваа есен, почнувајќи од 15.октомври, на локации во Скопје се’ до 16 ноември се одвиваше снимањето на играниот филм „Мими“ на режисерот Даријан Пејовски, кој е и автор на сценариото за овој долгометражен филм со современа тематика.Инаку ова е втор игран филм на режисерот Пејовски по филмот„Три дена во септември“ (2015).
Во филмот уогите ги толкуваат:Наталија Теодосиева, Тамара Ристоска, Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Сашѓко Коцев, Стефан Спасов, Дениз Абдула,и Владимир Петковиќ.
Во овој филмски проект, режисерот го става фокусот на два женски лика, портретирани од млади македонски актерски таленти, кои ќе имаме можност да ги видиме во филмските кадри поддржани од искусна машка актерска екипа, предводена од Оливер Митковски.
– „Мими“ е психолошка драма за девојка што, потисната од родовите предрасуди во родниот крај, доаѓа да живее во Скопје. Се запознава со eкстровертната Сара и меѓу нив се раѓа пријателство, кое набрзо преминува во опсесија. „Мими“ е филм за површноста и лажните фасади што ги покажуваме пред другите – изјави за време на реализацијата Даријан Пејовски, режисер на филмот.
Филмскиот проект, кој доби финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија, како проект од национален интерес, се снима во согласност со утврдените протоколи за филм и заштита на јавното здравје.Филмот преставува копродукција во која учествуваат Македонија, Хрватска и Косово.
Оваа година Агенцијата за филм во јули месец ги соопшти резултатите за финансирање на нови филмски проекти со дел од финансиски средства за нивна реализација која вклучува и други извори на финансиска подршка.
Така со нови филмски проекти во догледно време со реализација би требало да започнат двајца веќе докажани автори и тројца млади режисери. Според најавите тоа се:
Милчо Манчевски со филмот „Кајмак“ , Теона Стругар Митевска со филмот „Најсреќниот човек на светот“, Горан Столевски со филмот „Домаќинство за почетници„, Димитар Оровчанец со филмот „Убиј ги прво децата“ , Агим Абдула со филмот „Кома“ и „ Слатката горчина на зрелите калинки“ На Андреј Илиевски Волкашин.
Македонија со малцински удел ќе учествува и во неколку скапи меѓународни филмски проекти во Хрватска и Црна Гора и за првпат и во Грција.

Ако изминатата година бевме преокупирани со бројните награди кои ги доби документарниот филм „Медена земја“кои кулминираа на почетокот од оваа година кога филмот за прв пат во историјата на Оскарите се закити со двојна номинација меѓу петте најдобри во категориите за најдобар документарен филм и најдобар меѓународен филм,но и со филмот „Господ постои, името и е Петрунија“на Теона Митевска кој истотака доби голем број на филмски награди како и наградата „Лукс“ за најдобар филм на Европскиот парламент, оваа година наградите беа резервирани за филмовите „Врба“ на Милчо Манчевски (кој е избран и за наш кандидат за Оскар во категоријата Најдобар меѓународен филм) и „Дедо и внук“ на нашиот сограѓанин Илија Пиперковски.
Иако и обата филма заради појавата на корона вирусот нивната меѓународна презентација не беше на посакуваното ниво, сепак нивните квалитеи беа препознаени на многу филмски фестивали и филмски смотри што резултираше со добивање на поголем број на филмски награди со што се покажа дека успехот од 2019 година на меѓународен план на македонскиот игран филм ,воопшто не бил случаен.
Овде треба да се придодаде и успехот што го постигнаа и неколку кусометражни филмови на млади режисери (Ханис Багашов, нашиот сограѓанин Антонијо Вељановски, Георги Унковски …)кои допрва ќе ги искажат своите квалитети на полето на играниот филм.Нивните имиња и наградите кои ги освоија на многу познати фестивали во светот само покажува дека Македонија на филмски план има своја светла иднина.
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк







